Tag Archive | "Брисел"

Tags: , ,

Бриселски патрдии

Posted on 12 June 2015 by erizaov

hahn

Судијата Јоханес Хан е разочаран од македонските боксери по 12-часовниот бокс-меч бидејќи по многу чисти и валкани удари, нема победник. Хан одвај успеал да ја доведе работата дотаму сите рунди да завршат нерешено. Штом некој од боксерите почнувал да задава силни удари, Хан свирел прекин. Никако не дозволил да дојде до нокаут, или до победа на поени. На крај силно свирнал крај . Македонија си останува таму каде што си беше. Судијата по мечот изјави: „Граѓаните заслужуваат повеќе демократија, владеење на законот и европска иднина, но не се откажуваме, продолжуваме понатаму“. Хан не кажа јавно кој е одговорен во држава каде што нема демократија, каде што не владее правото и каде што евроатлантските интеграции се запрени веќе цели десет години. Тоа треба на „некои“ да им текне.

Хан е многу разочаран од недостигот на одговорност и лидерство на „некои“ учесници во преговорите. Груевски е задоволен и веќе најави најголема победа на изборите во април 2016 година. Заев е несреќен од односот на „некои“ Европејци, а Ахмети и Тачи навиваа во себе, безгласно. Македонија остана поделено среќна и несреќна, што Груевски и натаму е премиер и што Заев рекол НЕ во Брисел. Тренерите и боксерите веднаш ги почнаа подготовките за новиот меч кој исто така, гарант, ќе заврши нерешено. Ќе се тепаат и натаму „борците“ додека не искрвават и не паднат на рингот со трајни последици.

Потоа настапуваат нови деца и се’ така додека петте судии надвор од рингот не прогласат победник. Тоа се вика компромис на бриселски начин. Мечевите со прекини ќе траат до Нова година, а потоа ќе дојде до голема промена на правилата. Со нови правила во април идната година, на домашен терен ќе се одржи финалето. Судии ќе бидат граѓаните на Македонија кои ќе можат слободно и без закани и застрашувања, без фалсификати, да го изберат и прогласат победникот. Се разбира, пред тоа ќе бидат завршени работите кои мора да донесат крупни промени какви што налага историската шанса која ќе и’ биде дадена на Македонија.

Европа ќе се соочи со фактот дека не може да организира бесконечно нерешен бокс- меч. Ќе треба навреме да ја соопшти наградата за граѓаните на Македонија, односно за победникот. Тоа се преговори со ЕУ, членство во НАТО и се’ што оди со тоа. Без тоа нема промени во Македонија. Привремена, експертска или техничка влада за национален спас не може да биде составена ако таа има за цел да организира само избори. Тоа е практично бегање од суштинскиот проблем и поддржување на статус- кво. Изборите во април 2016 година нема да бидат само за освојување на власта, туку кој ќе гради ново европско општество, кој ќе ги води преговорите со ЕУ, кој ќе го потпише барањето за членство во НАТО, кој ќе ги ослободи институциите на системот, судството, медиумите, кој ќе ги донесе слободата и демократијата во земјата. Таа техничка, или каква било привремена влада ќе им ја врачи на партиите однапред напишаната европска агенда со кого и како ќе се остваруваат евроинтеграциите. Тие што не ги завршија работите во изминатите десет години не ќе можат да ги завршат ни во наредните сто години. Затоа промените се историска неминовност и конечно решение за иднината на Македонија.

Поддржувањето и натаму на режимот на Никола Груевски е во директна спротивставеност со желбата на Хан граѓаните на Македонија да живеат и работат во демократско општество, во држава каде што важат законите подеднакво за сите и каде што функционираат институциите на системот и каде што европската иднина е на повидок. Тие од кои се разочарани Хан и ЕУ и кои, како што велат во Брисел, имаат недостиг на одговорност немаат лидерство и државнички однос и тие не можат да бидат учесници во натпреварот и да бидат предводници на патот кон европска Македонија.

Според тоа, следниот меч кој ќе го организира Брисел со македонските боксери мора многу појасно да покаже дали ЕУ и натаму се определува да поддржува нови авторитарни владетели во земјите-кандидати за ЕУ и да навива за статус-кво во Македонија, или ќе се определи за европските критериуми поради кои е многу разочаран пристрасниот судија за кој станува се’ поочигледно дека навива за нерешен резултат. Што е катастрофален пораз на демократијата и на Европа.

За валканите удари под појас што ги задаваат лидерите кои имаат недостиг од почитување на спортските правила ќе мора да уследи дисквалификација. Оставка на Никола Груевски беше најважен дел од решението на кризата во Македонија. Неговото останување во игра по секоја цена станува несовладлив дел на проблемот да се најде излез. Тука е клучот кој не може да се совлада без решително учество на Брисел. Не да ни избира премиер, или влада, туку да каже, гласно и јасно, дали и натаму ќе ги поддржува Груевски и неговиот режим. И конечно, Брисел ќе мора да ја прекине десетгодишната агонија на Македонија, третирајќи ја како вечен кандидат кој никако не може да ги почне преговорите со ЕУ поради бесмислениот грчки ултиматум. Таа агонија и незадоволството на граѓаните го изнедрија режимот на Груевски. Одговорноста на Европа за тоа е огромна.

Comments (0)

Tags: , ,

Чекајќи вести од Брисел

Posted on 11 June 2015 by erizaov

g2

Уште од времето, пред речиси 60 години, кога татко ми со увото залепено на радиото го слушаше Грга Златопер и „Гласот на Америка,“ не сум видел поголема напнатост кај мои драги пријатели кои чекаат значајни вести да стасаат од странство. Овој пат се молиме преку Брисел да слушнеме убава вест за иднината на Македонија. Убеден сум, иако кога ова го пишувам се’ уште нема никакви вести, дека и сега како и тогаш, ни Америка, ни Европа нема да ни помогнат колку што ние очекуваме. Да ни ја завршат целата работа и да ни курдисаат нова влада. Главната работа ќе ни ја препуштат нам и таа неминовно ќе се случи на слободни избори.

Значи, работата ќе биде само во тоа дали ќе не’ охрабрат на патот на демократијата со нешто поконкретно, а не само со поддршка на европски начин. Сепак, тоа ќе биде нешто повеќе од земи или остави. А, тоа е силната гаранција за фер избори со конкретни потези и промени.

Во конечните предлози нема да се повторат некои тези на еврокомесарот Хан за кои добивме впечаток дека се издиктирани во Белата куќа во Вашингтон. Само наивните можат да поверуваат дека луѓето што ги пласирале не ја знаат реалноста во Македонија. Големите сомнежи за некаков пресврт во односот на Запад кон власта и премиерот Груевски кои дојдоа од Вашингтон и Брисел деновиве се дијаметрално спротивни на јавните изјави на амбасадорите на највлијателните земји што секој ден ги даваат во Скопје. Амбасадорите не соопштуваат свои мислења, туку на своите влади. До Европа веќе стаса смрдеата дека има нешто многу расипано ако ЕУ под диктат на Америка наеднаш се определи да тргне во насока тие што го воведоа режимот и владеат десет години без контрола да ја демонтираат тиранијата и да ни донесат демократија и слобода.

Едноставно тоа не може да се случи. Обидот да се протне нешто на мала врата е откриен. Во април 2016 година ќе падне режимот на Груевски. Пролетта 2016 завршува ерата на Груевски. Завршува опасноста за опстанокот и поделбата на Македонија. Слободата и демократијата се враќаат на голема врата. Тоа е историска неминовност, тоа е решавачки момент за иднината на Македонија и нејзините граѓани. Погрешните политики и злоупотребите на власта ќе бидат казнети од граѓаните на Македонија кои веќе ја препознаа историската шанса за целосна демократска преобразба на македонското општество како современа европска и слободна држава.

Во мај 2016 година новата македонска влада, составена со нови лица, ќе ги почне и официјално преговорите со ЕУ, а есента 2016 година ќе стане редовна членка на НАТО. Она што е најважно, граѓаните на Македонија оваа работа ќе ја завршат сами, или кажано попрецизно ќе бидат убедени дека сами ја завршиле.

Од каде овие претпоставки кои не се потпрени на она што ќе биде договорено во Брисел . Едноставно, во Македонија доаѓа време кога нема други решенија. Ниту Европа, ниту Америка повеќе немаат простор за маневри и за спасување на власта која е фатена на дело во нечесни избори во повеќе изборни циклуси, во организиран криминал, во злоупотреба на власта и во масовно кршење на човековите права, со години ставајќи под надзор илјадници граѓани и јавни личности. За тоа никој не може да прости. Америка и западноевропските земји ако ова го одмолчат многу бргу ќе се соочат со својата јавност. Тоа во моментот се тркала како мала грутка снег во меѓународни асоцијации искажани од влијателни личности, но прашање на денот е кога ќе прерасне во лавина која може да ги загрози позициите на европските лидери пред домашната јавност. Темата за гревот на западните политичари и центрите на моќ кои лобираат за поддршка на авторитарните системи и новите диктатори на Балканот и пошироко во Европа, веќе е отворена од врвните светски интелектуалци и највлијателни медиуми. Тоа е најзначајниот сигнал дека платените лобирања со пари на граѓаните на најсиромашните земји за одржување на новите деспоти на Балканот не можат да поминат незабележано и без последици, ни во Америка, ни во Германија, ни во Англија, ниту во Франција, што значи ни во најголемиот број држави членки на ЕУ и на НАТО. Лекцијата за Македонија ќе се однесува за сите кандидати за ЕУ и за НАТО.

Ретерирањата и новите ветувања на Груевски за кооперативност под притисок на демократските, но и други институции на светот, веќе нема да важат.

Вториот важен момент е фактот дека и во Македонија се менува брзо ситуацијата. Груевски не може да испорачува повеќе лажни успеси. Изградбата на споменици стана ептен видлива фарса, а последните канделабри на мостовите кои не водат нигде, повеќе наликуваат на фенери кои ја осветлуваат вистината и во темница дека сме последни на Балканот по сите мерила и критериуми за успешноста на една власт.

Одлуката на Груевски да не се повлече од политичката сцена, жртвувајќи ја и Македонија и сопствената партија ВМРО-ДПМНЕ, е прочитана книга во земјата и во ЕУ. Затоа нема простор за очајување, ниту за еуфорија каков и да биде договорот во Брисел. Треба да се заврши работата, падот на Груевски е почнат. Историските закономерности се како и законот на Земјината тежа. Тоа што почнало да паѓа, мора да падне.

Comments (0)

Tags: ,

Маша-каша и Медвед

Posted on 10 June 2015 by erizaov

masha

Еве една мала утопистичка и по малку патетична неновинарска приказна по повод денот кога нашите политички водачи во странство ќе бараат излез за нашите домашни несреќи, кои тие ни ги донесоа сосема намерно, од алчност, од самољубие, или од незнаење. Сеедно. Не верувам дека нешто ќе биде од тоа што ќе се случува во Брисел бидејќи власта во Македонија нема чувство за изгубено време. Премиерот Груевски мисли дека само една година е на тронот бидејќи некој му оневозможува да си го заврши четиригодишниот мандат што му го дал народот. Нашите десет години, за него се една година. Човекот мери со децении.

Во саботата точно на пладне со мојата тригодишна внука, моето ангелче Аја, бев во МОБ (Македонска опера и балет) во онаа голема театарска сала, која ретко кога е полна. Беше тоа неверојатна глетка, стотици дечиња со своите родители, испоседнати до последното место, игла да фрлиш нема кај да падне, имаше тука и баби и дедовци се уште неостарени, сите дојдени да ја гледаат „Маша каша и Медвед“, руската популарна цртана серија преточена во детска претстава. Повеќе ја гледав таа прекрасна публика, насмеаните лица на децата и нивните родители отколку тоа што се случува на сцената. Детскиот џагор, нивното смеење од срце, нивната невиност и чиста душа, аплаузите, спонтаните реакции ме исполнија со голема радост во овие скудни и волнени времиња.

И како што обично бидува кога човек ќе влезе во третата доба, од насмеаните деца погледот ми се сврти кон нивните родители и дедовци. Веднаш ми се удри од глава факторот време во човечкиот живот на кој обично додека сме млади не мислиме. Се присетив дека син ми кога првпат го однесов во театар имаше исто толку години колку што сега има неговата ќерка. Беше тоа во времето кога на повидок беше независноста, слободата и демократијата, кога со голема надеж ја чекавме убавата иднина, убедени дека големите промени ќе ни донесат посреќен и побогат живот. Поминаа повеќе од триесет години, одлетаа додека трепнеш со очите, а од големите промени не стана ништо. Останаа само надежите и очекувањата за поубави времиња. Откако знам за себе, постојано чекам подобри времиња.

Татковците кои немаат време за своите деца се лоши татковци. Обично тие стануваат добри дедовци. Така и јас сега со внуката ги перам своите гревови од младоста кога мислев дека учествувам во историски промени за подобар живот на децата за кои немав никогаш доволно време, сигурен дека мојата љубов кон нив тие ја препознаваат и кога не сме заедно. Мислев дека тоа се подразбира природно и кога тато умислил дека е учесник во револуција, па по цели денови и ноќи пишува и брбори за демократија, слобода и подобро утре, па дури кога осамнува кај „Јоле“ по јалови мудрувања и бескрајни кафеански муабети и се’ што оди заедно со тоа.

Сега со мојата Маша сум како оној Медвед, кој е добар и божем строг, па и’ ја исполнува секоја желба, но пак мрморејќи што е добро, а што е лошо. Знаете, лесно се исполнуваат желбите на малите деца. Ним им треба сосема малку за голема среќа. Што правиме со големите деца кои тргнале по нашите патеки во секојдневна борба да живеат нормално и достоинствено во држава која ние им ја стокмивме без да ги научиме колку е скапо времето и здравјето, без да ги научиме колку е уште поскапа слободата. Нас нашите татковци не’ научија по нешто за слободата. Сите ние кога бевме деца имавме по некое другарче чиј татко или дедо бил партизан, кој се борел за слобода. Научивме дека многу луѓе загинале за слободна Македонија. Кога потпораснавме видовме дека таа среќа брзо се потрошила и дека слободата не била еднаква за секого, не била еднаш засекогаш дадена, разбравме дека за подобар живот треба уште многу други работи кои нема да се завршат сами од себе ако самите не се промениме. И пак промени… и пак реформи… и пак нови надежи…

А, времето… каде е времето, кое никој не може да го врати. Гледајќи ги некни во МОБ веселите и насмеани лица на децата, човек не може а да не помисли дали повторно не им подготвуваме на нашите деца голема измама, која ќе ја откријат по 20 или 30 години.

Така стануваме повторно соучесници во големата лага дека правиме се’ за нашите деца. Вистината е дека само тие што навреме избегаа од татковината имаа поголеми шанси да успеат. Повеќето од нив низ белиот свет се посреќни од тие што останаа на родните огништа.

Децата што се родија со независноста на Македонија, годинава ќе наполнат по 25 години. Децата што се родија за време на стапување на власт на Никола Груевски в година ќе наполнат по 10 години. Кога децата ќе почнат да се раѓаат во слобода, ќе соопштат бесмртните од МАНУ. Тие решиле да прават стратегија за излез од политичката, економската, моралната и духовна криза за спас на Македонија. Првата национална стратегија за развој на Македонија ја направија рамно пред 18 години кога ја одредија насоката каде ќе се движиме во наредните 20 години. Сега кога останаа само уште две години од реализацијата на нивните научни и историски промени од кои ништо не се оствари, ќе седнат да подготвуваат нова стратегија за наредните десет години. И се’ така ќе течат години и години додека еден ден не се открие вистината дека ништо не може да се смени, ако не се сменат луѓето, ако не се смениме сите. Како беше онаа латинската О, темпора, о морес. О времиња, о луѓе.

Comments (0)

Tags: , , , ,

Збогум Европо, каде и да си

Posted on 24 March 2015 by erizaov

europe-flags

 

И покрај најдобрите намери на Брисел да се најде излез од кризата во Македонија, со политичка култура тоа не е можно

Македонски пратеници на власта и на опозицијата во бојкот и во оставка, читам и не си верувам на очите, водат дијалог во Европскиот парламент. Да се крсти човек со две раце, дури и да е атеист. Учителот од Брисел им задал домашна работа на децата од Скопје да зборуваат за политичка култура. Боже, си велам, какво лицемерство да се беседи цивилизациски во европската престолнина со актери кои дома во својата куќа учествуваат во духовна, морална, политичка и економска ерозија и во срамно спуштање на татковината на европско дно со јавно манифестирање на балканштина, примитивизам и простотилак.

Можно ли е да се дебатира со народни избраници чии лидери признаваат во своите прислушувани телефонски разговори дека тие станале парламентарци на фалсификувани и нерегуларни избори. Како да се полемизира со луѓе кои не можат да видат грубо кршење на основните човекови права со арогантна злоупотреба на власта и моќта, на институциите на системот, со кршење на законите и на Уставот, со укинување на демократијата и слободата, со луѓе кои воведоа воена цензура во највлијателните телевизии и строга контрола на јавниот збор. Како да се разговара за политичка, комуникациска и општа култура со луѓе кои го негираат најмасовното противзаконско прислушување во поновата историја на Европа, кои гледаат молкум на поразителниот и срамен чин да се стават под надзор и да се следат и прислушуваат со години непречено над два проценти од возрасното население и повеќе од половина од вкупниот број познати јавни личности. Како да се надева човек на правна и праведна разврска ако соговорниците, од едната страна, не се спротивставуваат на деградацијата на судството, на партискиот избор и именување на судии, на нарачани судски пресуди, на злоупотребено судство во функција на група луѓе кои прават груб прекршок на конститутивните закони на државата и на целиот општествено политички и економски систем. Можен ли е дијалог со пратеници кои не препознаваат дека е укината уставната поделба на власта на извршна, законодавна, судска и монетарна власт, на кои не им недостасуваат слободни и независни медиуми. Како може да се учествува во парламентарна дебата, па дури и во Брисел, ако во сопственото Собрание и во сопствената држава е отстранета сржта и суштината на парламентаризмот, односно ако нема опозиција во парламентот и ако пратениците на најголемата опозициска партија се избркани насилно од дебатната сала. Како да се зборува за демократија и слобода и за основните европски вредности ако новинарите грубо се отстранети од парламентот, од своите работни места, да не и’ ја покажат на јавноста срамната слика, која сепак го обиколи светот благодарение на една присебна пратеничка и нејзините снимки со нејзиниот мобилен.

Да, големи европски вредности се дијалогот, компромисот и толеранцијата. Но, има прашања за кои ни Европа не сака да разговара, нити да дебатира , ниту да полемизира, ниту да преговара. Загрозениот парламентаризам, нарушеното владеење на правото, партизираното судство, контролираните медиуми се работи за кои ни Брисел, не сака да разговара. Со Македонија како земја 10 години кандидат за членство во ЕУ, која назадува во демократските процеси и е влезена во длабока политичка криза одамна е прекинат дијалогот од страна на ЕУ и европската влада. Затоа сегашните обиди да се води дебата и да се воспостави дијалог меѓу власта и опозицијата во Брисел ми изгледаат ептен јалови и залудни. Опозицијата, веројатно, имајќи ги предвид европските вредности и чувствителноста на Брисел во врска со дијалогот и парламентарната дебата прифатила да се сретне со своите колеги од власта, за да не биде обвинета дека бега од расправа. Очигледно дека со тоа се дава легитимитет на власта дека може да се води културен дијалог и при вакви нарушувања на демократијата и човековите права, како што е повеќегодишното прислушување на илјадници јавни личности. Во која тоа европска земја може да се води дебата ако по ваков скандал носителите на власта не поднесуваат морална одговорност. Како да се води дијалог со луѓе кои им забраниле на медиумите да се објавуваат конференциите за печат на опозицијата и им забраниле пристап на нивните телевизии на луѓето кои различно мислат од власта. Како да се дебатира со луѓе кои своите политички противници ги апсат пред ТВ-камери и нарачуваат кај судиите колку годни треба да лежат во затвор. Како да се зборува за медиумска независност ако во најгледаните телевизии и во јавниот сервис се проскрибирани илјадници личности на кои со години не можат да им го соопштат своето мислење.

Господа од Европа и од Брисел, и покрај вашите добри намери и насоки дека излезот од секоја криза треба да се бара со културна дебата во која треба да победат аргументите, тоа кај нас не е можно додека не се детронизира режимот и додека носителите на злоупотребата на власта за масовното нарушување на човековите права и на Уставот не се повлачат од своите функции и не поднесат неотповикливи оставки. Без таква лустрација не е можен никаков дијалог бидејќи тоа што вие го барате служи само како изговор да се зацврстува режимското владеење и да се продлабочува стравот кај граѓаните.

Наместо да понуди цврст став за своите фундаментални принципи на демократијата, која е грубо укината во Македонија, Европа преку некои свои лобистички ангажирани и мотивирани пратеници на десницата праќа штетни и лоши пораки до македонската јавност, апстрахирајќи го масовното кршење на човековите права и слободи и забошотувајќи ја одговорноста на политичкиот врв за кризата и уништувајќи ја надежта.

 

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930