Banner
Ориент експрес

Заев остави посилен впечаток

Конечно по долги години видовме предизборно јавно соочување на двајца лидери на политичките партии од кој еден ќе биде премиер и ќе ја предводи владата во наредните четири години, или до наредните предвремени избори како што стана непишано правило.

Зоран Заев или Христијан Мицкоски, еден од нив ќе седне во најжешката фотелја и ќе ја извршува најодговорната функција во наредниот многу значаен период за иднината на државата и на граѓаните. Оценката каков впечаток оставија двајцата политички ривали во дебатата на Канал 5 е многу деликатна работа, особено за поделената и партизирана јавност. Сите веќе прогласија победа на својот фаворит.

Она што можев да видам од приложеното во вербалната пресметка според професионални критериуми Зоран Заев остави посилен впечаток. Делуваше посталожено, поопуштено, поаргументирано и покажа дека повеќе му прилега премиерската функција. Сепак, мора да се има предвид фактот дека дуелите, освен како демократска придобивка не влијаат многу на определбата на граѓаните. Како што и двајцата партиски претседатели прогласија сигурна победа, така и партиски определените граѓани веќе го гледаат својот кандидат како иден премиер.

И Заев и Мицкоски прилично уверливо прогласија сигурна победа, иако не го знаат исходот од изборите. И двајцата сметаат на гласот на еден не мал број гласачи кои сакаат да му се приклучат на победникот и да добијат поддршка кај традиционално неопределените кои во голем процент од над 30 отсто од тие со право на глас речиси никогаш не гласаат. Поточно, бројката од 30 отсто луѓе кои нема да гласаат е константа на сите избори. Дуелите се прифаќаат најмногу за нив и за своите гласачи, бидејќи партиските медиуми веднаш по тв соочувањата прогласуваат дека нивниот кандидат го декласирал, односно, како што пишуваат, го „растурил“ противникот.

И што запаметивме од овој дуел, што ќе ни остане во сеќавање. Ако судиме според дуелите на Бранко Црвенковски и на Љупчо Георгиевски во сеќавањата остануваат само навредите и бизарностите искажани јавно со кавгаџиски јазик. Во штотуку воспоставената тазе демократија во Македонија адреналинска терапија беа ударите под појас кој е пијаница, а кој е наркоман, кој е луд, а кој ја тепа жената и други непримерни навреди искажани од млади луѓе од кои и двајцата беа премиери како прво и второ вработување во животот, а одбележаа една цела ера од современата историја на Македонија. Тогаш се сметаше дека што пожестоко се нападне и омаловажи противникот, толку се поголеми шансите за победа.

Дуелот меѓу Заев и Мицкоски беше со сосема други очекувања во јавноста, најмалку кој ќе биде пожесток и кој ќе зададе повеќе валкани удари. Се очекуваше двајцата соговорници да покажат повисока комуникациска култура, ако не меѓусебно почитување, тогаш барем поголема внимателност не толку во острината на критиките, колку во одбегнувањето на навредите и пораките кои предизвикуваат омраза и нетрпеливост. Во тој поглед Заев беше на повисоко ниво од Мицкоски, кој во повеќе наврати не можеше да се ослободи од типичната вмровска доктрина на навреди и манипулации. Наместо повеќе да се зборува за иднината и двајцата соговорници повеќе обрнаа внимание на минатото, иако во таа насока Заев имаше многу повеќе адути и аргументи да поентира, но не ги искористи до крај.

Христијан Мицкоски за работи за кои никогаш децидно не се изјаснил повторуваше и во оваа прилика дека е општо познат неговиот став. Дали некој во државата слушнал како Мицкоски се оградува од носителите на организиран криминал и корупција и кој е неговиот став за корумпираниот партиски врв кој и сега е на високи позиции и кој е неговиит став за избеганиот осуденик Никола Груевски со чија пресудна поддршка стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски беше конфузен и нејасен околу неговиот однос кон Преспанскиот договор со Грција и за Договорот со Бугарија. Ја повтори истата тактика на лавирање, од една страна се претставува дека и тој лично и ВМРО-ДПМНЕ цврсто се определени за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, а од друга страна бара казна за Заев и СДСМ за потпишаните договори за добрососедство.

И овојпат, како како што прави редовно, избегна да одговори на прашањето дали е можно Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО без потпишаните и прифатени договори со соседите. Се разбира, на Мицкоски му е јасно како бел ден дека такво нешто не е можно, како што му е јасно дека најтешката работа ја завршија Зоран Заев и Алексис Ципрас, но како и Кирјакос Мицотакис и тој сака да дојава на власт на бранот на национализмот и омразата како што се случи и во Грција.

Во Македонија ситуацијата е прилично сменета од првичното незадоволство по потпишувањето на Преспанскиот договор. Во меѓувреме, ниту некој го изгуби идентитетот, ниту јазикот, ниту пак некој стана „северџан“. Името Македонија со географската додавка Северна во изминатите години не предизвика ниту една промена, или најмала дилема во идентитетските припадности на македонскиот народ, ниту пак кај припадниците на другите етнички заедници што живеат во Македонија. Така што таа патриотска предизборна платформа избледна како на Шукаре басмата.

Христијан Мицкоски, како што не може да се ослободи од криминалниот баласт на ВМРО-ДПМНЕ, не може да се ослободи ниту од антиалбанската фобија. Тој и натаму зборува дека само ВМРО-ДПМНЕ е чиста македонска партија, зборува за штетноста од законот за јазиците што неговата партија во драматичните потраги и молби до Али Ахмети и ДУИ за да останат натамошни партнери во поделбата на власта, ќе го прифати истиот закон со двете раце.

Дали по вакви јавни настапи кога неговиот противник Заев зборува за шансите на предизборна коалиција со албанска партија за првпат во парламентарната историја на Македонија, Мицкоски ламентира за чиста македонска партија и ги оспорува веќе стекнатите права, може да очекува коалиција со албанска парија која може да му овозможи освојување на власта. Или, пак, тогаш ќе паднат во вода програмските цели и ќе се нудат многу поголему остапки од она што може да се договори пред избори. Повикот до јавноста за неопходноста за 60 или 80 саде македонски пратеници со тврди националистички ставови е повик за нови делби и омраза.

Умешноста која од политичари создава државници е токму храброто прифаќање на одговорноста за носење тешки и непопуларни стратегиски одлуки и водење на државата кон прогрес со коалициски влади и со немање апсолутно мнозинство во парламентот. Тоа досега на Зоран Заев му успеа. Секогаш кога требаше да се донесат историски одлуки обезбеди двотретинска поддршка во Собранието. За направените чекори Заев заслужува мандат да ја предводи владата и во преговорите со ЕУ до точка од која нема враќање назад, бидејќи Мицкоски и овој состав на раководството на ВМРО-ДПМНЕ не влеваат доверба дека тие процеси кон членство во ЕУ успешно ќе ги водат.

Има симболика и во говорот на телата на двајцата соговорници и во подароците што си ги разменија на крајот од дуелот. Мицкоски доби значка на знамињата на НАТО и на Македонија, а Заев го врати паричникот „Луј Витон“ (не се знае дали бил оригинален или од оние фалсификати) како навредлив чин на својот соговорник.

Тоа по мое видување беше резултатот од првата рунда. До следните дуели веројатно партиските стратези ќе ги увидат своите грешки. На Мицкоски му треба поголема комуникациска култура и европски шлиф, а на Заев повеќе да се држи до тоа кои се следните негови чекори.

(Објавено на независен.мк)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *