Banner
Ориент експрес

Чулев глуми апсење на Заев

Долгото владеење од цели 11 години без контрола и отчет во врвот на ВМРО-ДПМНЕ предизвика царски синдром. Со оваа неизлечива болест, да се биде две ипол години во опозиција, е ужасно тешка и ѓаволска работа против божјата волја која Господ на својот пратеник на земјата, царот, секогаш му дава доживотен мандат. Тоа го потврди деновиве и поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан кој во името и на црквата и на Бога, со својата божикна порака до стадото, повика на единство со благослов дека сè е дозволено во расчистување на патот да се врати царот на престолот. 

Неговите намесници, времени наследници и поданици, откако добија неколку кнежевства, иако прифатија да бидат вазали на непријателот, кренаа ѓурултија до небо покажувајќи ја жедта за власт. Веднаш повикаа на востание да се истреби сè што е против царштината. А што може друго и да се очекува кога ВМРО повторно се врати во МВРО. На оваа ефикасност во продуцирање на хаос може да позавиди и поранешната министерка Гордана Јанкуловска, која уште во прислушуваните телефонски разговори се жалеше дека дуплите изборни штабови на ВМРО во Министерството за внатрешни работи се за жив срам. Сега повторно партиските изборни штабови на горското началство непречено,  по словото на законот, се сместија во канцалариите на полицијата да организираат и обезбедуваат мирни избори какви што имавме на неколку пати во „ерата на груевизмот“, кои секогаш гарантираат чиста победа без никакви инциденти. Специјалците за изборни местенки сега пак се полициски началници и партиски курири на доверлива пошта.

Селско пандурски трикови

Техничкиот времен  министер, Наке Чулев гради имиџ божем е во интензивна потрага по обвинител доволно голем патриот  кој ќе потпише налог за апсење на премиерот во оставка Зоран Заев. Плаши мечка со дајре. По драматичните повици на Христијан Мицкоски, чуварот на престолот на Никола Груевски, дека по освојувањето на власта ќе им се суди на предавниците, брзо и ефикасно, без застарување на предметите, високиот партиски професионалец Чулев ја разбра пораката да крева тензии дека е готово, победата е извојувана, само уште треба единство кај народот и да се мобилизира гласачкото тело кое никогаш не гласа. Ама нешто слабо му оди работата. Ништо не прават додека вистински со едно 20- тина полицајци со качулки на главите не го уапсат Заев пред камери. Или уште подобро со помош на народот да ја довршат започнатата работа од 27 април 2017 година. Онака спонтано како што тоа го направи Никола Груевски од Виена.

Вака сегашните селско пандурски трикови со компромитираните партиски началници повеќе служат за забава, како што е најновиот стратегиски потег старото  обезбедување на Ѓорге Иванов, да се испрати  кај  претседателот на државата Стево Пендаровски, или да му се одземе службениот автомобил. А, можеби Чулев уште не разбрал дека Иванов не е повеќе претседател. И што има тука нешто страшно кога станува збор за професионалци кои го чуваат претседателот на државата како око во глава. Ништо нема да му фали, ни  едно влакно. Ќе биде под таква контрола што не ќе може никој да му се приближи без знаење и одобрување на водачот на  револуционерната организација. 

Владеење на правото со пиштол и кама

Додека полицијата тренира строгост, во судовите странките демонстрираат владеење на правото со пиштол и кама. Зошто невини луѓе да одат во затвор уште за малку кога може да застарат делата. Тие и онака ќе немаат никакво значење по 12 април кога ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Веќе следниот ден,  на 13 април, сите невино осудени  во монтирани судски процеси ќе бидат на слобода, а на нивно место ќе дојдат вистинските криминалци и корумпирани политичари од ненародната и нелегитимна власт.

Цели двеипол години се мачевме со нефикасноста на власта по итна постапка да се справи со криминалот и да си нарача соодветни пресуди, а сега само за десетина дена гледаме во живо како треба да се владее и да се сее страв и омраза, како со закани ефикасно се спречуваат судски постапки. Не е тешко да се замисли што ќе се случува ако ВМРО ДПМНЕ ја освои власта. Веќе е пласирана доктрината дека само победа на ВМРО-ДПМНЕ ќе означи регуларни избори. Сè друго би било фалсификат и изборни нерегуларности. Во таа доктрина и се крие најголемата опасност за иднината на Македонија. Веродостојните и фер избори се главниот предуслов за почеток на преговорите со ЕУ кои се веќе на повидок по ублажување на францускиот став. Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ да ги проблематизира изборните резултати  навестува диверзија, бидејќи тајните партиски анкети означуваат пораз на ВМРО ДПМНЕ на изборите на 12 април.

По 500 години спакуван вмровски антисемитизам

Една од примитивните и подли предизборни доктрини непозната на овие простори е да се пакува вмровски антисемитизам, наводно поради избор на министерка Еврејка. Погнасна лага тешко е да се осмисли. Повеќе од 500 години поточно од 1492. година, кога почнува доселувањето на Евреите на територијата на Османлиското царство со Уредба, пишан документ на султанот Бајазит Втори, кој спаси илјадници Евреи прогонувани од инквизицијата, на овие простори од месното население никогаш немало антисметизам. И сега наеднаш ете некој од петни жили се труди да ја смести Македонија таму кај што не припаѓала никогаш. Демек во ВМРО-ДПМНЕ ќе го спречат таквиот обид на антисемитите од СДСМ. Боже, која будалаштина на македонските  штетници.

Голема активност и во новинарската фела да се докаже дека се исти ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кога се на власт. Ќорава работа. Тие што 11 години го величаа и пропагираа режимот на Груевски како најголемо достигнување во историјата на Македонија, тие што ги оправдуваа апсењата и затворските казни на своите колеги, кои играа мајтап и се ситеа на драконските глоби и парични казни на уредниците и на редакциите, и кои ги сатанизираа новинарите што ги критикуваа политиките на ВМРО-ДПМНЕ, тие што беа корумпирани новинари  и платеници на режимот, денес сакаат да се прешалтуваат во професионалци и да се измешаат со колегите кои со децении макотрпно работат со критичка опсервација и истражувања на злоупотребите на власта и моќта. Тие што станаа уредници и колумнисти по налог на ВМРО-ДПМНЕ, што испраќаа закани и пресуди на смрт, кои на телевизиски екрани ги бесеа по нарачка своите колеги, опасни напади на кои не обраќавме ниту внимание, ниту дававаме пет пари, деновиве се хорор стории од закани за големите партиски журналисти кои божем се ослободиле од партиските штабови за дезинформации и лаги. Ајде бре одете продавајте коњи по Банат. Вие сте џамбази, далеку сте од новинари.

Сепак, за најголема глупост и простотилак која убедливо води на ранг листата на новиот примитивизам е прозивката  на социјалните мрежи на нашата музичка дива Тамара Тодевска од страна на универзитетската професорка по уставно право Тања Каракамишева. Со ништо непредизвикана, Каракамишева пресметала дека ќе добие многу лајкови и пофалби во партијата ако ја потсети Тамара дека ја згрешила химната кога ја пеела лани, на 4 јули, во  дворот на американската амбасада. Како добар пример на патриотски пејачи на химната без грешки, Каракамишева ги одбрала ракометарите на Македонија. Никогаш Северна, секогаш само Македонија. Браво. Нема што да се додаде на оваа валканица и чиста женска пакост. Македонија останува засекогаш заостаната и никогаш европска додека има каракамишеви и додека груевисти го предводат ВМРО-ДПМНЕ. 

Нивниот пораз на 12 април ќе  означи секогаш европска Македонија.

(Објавено на Дојче веле на македонски)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *