Banner
Ориент експрес

Паднаа најповолните понуди на акшам пазар

Веќе паднаа најповолните понуди за предвремените парламентарни избори. Во ек е голема распродажба на расипана стока со изминат рок на акшам пазар. На стемнување, кога не се гледа што е здраво, а што чурук добивате неверојатен попуст, многу работи за бадијала. Кога ќе ги отворите торбите дома ќе видите колку сте прелажани, но тогаш е доцна синко, резето падна, ни парите, ни стоката не можете да ги вратите наредните четири, а можеби и 11 години. Веќе видено и преживеано повеќе пати во изминатите 30 години слобода, безумие, грабеж и тиранија.

Еве ги последните понуди од црниот политички пазар на македонските „шибицари“. Ако им дадеме на ВМРО-ДПМНЕ гласови за 80 места во парламентот ќе ни го вратат уставното име на државата, идентитетот, славното минато и Гоце Делчев и сите наши дејци. Овој ал’ш вер’ш пазарлак како на Бит Пазар го нуди Александар Николоски кој лажно се претставува во јавноста како главен човек на ВМРО-ДПМНЕ, кој многу работи на евроатланските интеграции на Македонија. Човекот игра на картата на неговиот поранешен шеф Никола Груевски кој, исто така, бараше 80 пратеници за да работи непречено и самостојно за што побрзо  упропастување на државата, отколку во една деценија владеење без контрола. Намаесто 80 пратеници доби азил во Будимпешта и времено се спаси од затвор.  

                                             Менува бели бубрези за црни

Како тоа Николоски, кој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја внесе Македонија во ЕУ со раскинување на Договорите со Грција и со Бугарија засега е строга тајна да не ја украде власта. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите, ако се случи таква хаварија на државата, Николоски уште истиот ден ќе ја соопшти генијалната идеја која како и сите генијални работи е многу едноставна и лесна и која веќе ја примени во Грција нивниот пандан господинот Кирјакос Мицотакис. Само што положи заклетва како премиер на Грција уследи неговата изјава дека Договорот од Преспа е лош и е против грчките национални интереси, но е непроменлив и Грција ќе го почитува, но ќе бара начини за негова доследна примена и дополнителни остапки од Северна Македонија додека траат преговорите за членство во ЕУ.

Грција ќе го поддржува својот сосед за членство во ЕУ и во НАТО бидејќи тоа е од национален интерес. Види мајката каде лежел зајакот. Ете на тој ефтин трик игра и Николоски, ветувајќи првобитна размена на добра во натура, 80 пратеници за враќање на уставното име и славното минато. Човекот дава бели бубрези во замена со прави, црни бубрези. Народот вели курназ менува мадиња за бубрези. 

                                  Политика на ем шуто ем боде 

Да, има уште еден начин да се врати и уставното име на државата и историјата и националниот идентитет, достоинството и гордоста на Македонецот, а тоа е откако ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде повторно на власт со апсолутно двотретинско мнозинство да ги отфикари и Грција и Бугарија, ако треба и Косово и Албанија, а зошто не и вековниот непријател на ВМРО Србија, Европа и Америка, на сите да им кажеме гледајте си ја вашата работа, Македонија останува за сите времиња кај што беше. Нашето минато од праисторијата и антиката, од Филип Втори и Александар Македонски до денес е наше и ничие на друг. Точка крај. Оваа политика на ем шуто ем боде ја имавме 11 години и го видовме тажниот резултат на уништени и осиромашени генерации. На оваа карта, освен неколку редовни пациенти на телевизите во емисиите од типот гласот на народот, црн и бел бумбар сега иновирани како демократски трибини, демек хајд парк, веќе никој не игра освен ВМРО-ДПМНЕ. На социјалните мрежи оваа терапија уште дава резултати.  

                                  Раззеленување на ВМРО-ДПМНЕ

Втората голема лага како евтина понуда е 50 насто почист воздух ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт. Со глава и брада ова го вети универзитетски професор со докторска тапија лидерот на партијата за прочистувањето на загадувањето Христијан Мицкоски. Ваквото раззеленување на ВМРО-ДПМНЕ среде зима е врвно научно достигнување кога загаденоста се намалува во проценти со промената на власта. Но, што правиме ако ВМРО-ДПМНЕ не победи на изборите. Овие од СДСМ ќе продолжат да го трујат народот. Ај некако да го замолиме проф, д-р. Мицкоски да открие како ќе го исчиси воздухот, кога сè околу него и околу нас е загадено и на земја и под земја и над земја и во реките и во езерата, да го молиме како Господ да не нè жртвува ако ги загуби изборите. Професоре дали знаете колку време треба да се исчисти јаловината од Топилницата во Велес и колкава е штетата со години по престанувањето да работи велешката трујачница. Ако не знаете прочитајте ги анализите на академик Ѓорги Филиповски, и ќе видите колку тоа влијае на земјата, на растенијата, на воздухот, на водите и на луѓето и колку време и што сè треба да се направи за да се исчисти малку од малку само Велес и велешко. Треба да ви дадеме едно десет мандата за да завршите работа. Затоа дајте малку бидете посериозни кога на проценти делите чист и загаден воздух, па макар биле  и во улога на дедо мараз пред избори.

                       Кога ќе го исфрлиме човечкиот отпад

Секој обид да се подигне свеста за борба против загадувањето и за заштита на човековата околина заслужува силна поддршка, но сепак треба да се биде доволно при здрава памет да се знае дека тоа што е со децении затруено не се чисти со  предизборни кампањи, туку со промена на свеста, со многу работа и со многу пари. Почист воздух вети и СДСМ, ветуват бројни политичари од сите партии кои мислат дека чистењето на воздухот и на човековата околина е како алишта дадени на хемиско чистење. Такви се, целосно шарлатански понудите за почист воздух од македонските политичари. Само санкции и казни не се доволни иако се добредојдени. Се виде тоа добро со затварањето и отварањето на Југохром, со озаконетиот увоз на мртовечките сандаци на четири тркала, кршот од возила, што се трклаат како камикази низ патиштата во Македонија. Се гледа нашиот однос кон загадувањето од оџаците што чурат како пред сто години и со постојано отворениот конкурс за оџачари во 21 век во Македонија. Се гледа и по тоа што ниту една општина не сака уредна депонија, а толерира дива депонија каде што ги гледаме најсрамните слики на нашата љубов кон човековата средина и кон природата. Колку проценти треба да намалиме од ќуморот, од дрвата, од автомобилите, од камјоните, од автобусите к’рнтии. Кога ќе проработи одамна изградениот гасовод, а кога ќе се изгради новиот гасовод, кога ќе нучиме кое ѓубре во која канта да го фрлиме. Не мислам само на отпадот што секој ден го исфраламе, туку и на човечкиот отпад што никако да го исфрлиме од употреба, а е најопасен. Кога ќе избереме барем пет пратеници на зелените, кога толку многу ја сакаме човековата околина и здравата средина.

                               Нè лажат како млади мајмуни

Можеби најголемата лага која ни ја ветува политиката од првиот ден на независноста и самостојноста, а и пред тоа е владеењето и на правото и таканречената правна држава нешто што никогаш не профункционирало во изминатите, ќе биде 75 години во Македонија. Уште не лажат како млади мајмуни со банана дека правдата зависи само од судството, од правосудниот систем и не знам од какви други заложби на политичарите. Владеењето на правото зависи од степенот на демократијата, на културата, на образованието и свеста на луѓето. Не може во држава каде корупцијата почнува од  малото внимание кога ќе се породи бебето, па до смртта и за подобро место за погреб, да се инсталира владеење на правото, без процесите на демократизација и европеизација на Македонија и на целиот Балкан. Членството во ЕУ не значи и европезација, тој процес е многу подолг. Некогаш трае и повеќе од еден век.

Во последиците од овие три големи лаги е сместена вистината и за селидбите на младите и стручни кадри  во западноевропските земји Америка и Австралија која, исто така, една од големите предизборни измами кои ги пласираат нашите политичари во недостиг на идеи како да ја стекнат довербата на неопределените гласачи по сите злодела и грабежи што ги направија. Податоците кажуваат дека последните десет години од Македонија заминале над 500.000 граѓани. Тој процес не може да се запре. Може само да се ублажи. Уравниловката во платите која никогаш не е исокренета во Македонија се одржува и натаму со лагата дека сите сме исти, партиската селекција на некадарните на најдобрите места и со највисоки плати, и погоре набројаните ужасни лаги се причините за селидбите колку и да се напрега Влатко Ѓорчев тоа да го смести во партиски води. Демек, младите кога се на власт СДСМ си одат од земјата, а кога е ВМРО ДПМНЕ се враќаат. Па нека седне Влатко нека преброи кој колку владеел во овие 30 години па нека пресмета колку заминале, а колку се вратиле.

Неодамна прочитав едно извонредно  интервју на писталеот Ѓерѓ Конрад во Капитал. Вели вклучете го телевизорот и ќе ги видите лошите луѓе. Јас би додал ќе откриете кој лаже и краде ако сè уште сте нормален.

(Објавено на Дојче веле на македонски)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *