Banner
Ориент експрес

Повторно на патот кон исчезнување

Кога ги слушам професионалните тажалки и аматери нарикачи во хор со корисните будали како лелекаат и ја оплакуваат Македонија, иако е сè уште жива и здрава, знам дека повторно нè туркаат на патот кон исчезнување. Во ископан гроб спуштаат жив мртовец. Сакаат да ја распнат татковината на крстопат и да ја погребат за потоа да докажат дека можат да ја воскреснат. Тоа е таа божја обнова напишана како индулгенција на мафиозите до светците да им се простат сите гревови и злодела направени врз овој кутар народ и земја. Мислат дека ако ридаат шест месеци со суво плачење и лажни солзи дека сè во врска со европска Македонија било залудно, сè било лага, измама и светски заговор, можат спокојно да си ги измијат рацете како Понтиј Пилат по обидот за нејзиното тројно убиство, само затоа што веќе се гледаат седнати на престолот. Многу се излажале и себеси и следбениците. Намерно велам ОБИДОТ за убиство, оти нема да успеат, ќе бидат фатени на дело уште на качување по Голгота.

Се разбира, Зоран Заев не ќе може да обезбеди 80 пратенички места на изборите на 12 април 2020 година само затоа што не успеа за две и пол години да расчисти со поразениот, дискредитираниот и корумпиран режим на Никола Груевски. Тоа ветување кое би донело спас за Македонија и остварување на стратегиските цели не е остварено и покрај експлозиите на бомбите од сниманите повеќегодишни автентични монструозни разговори на политичката мафија, која упропастувањето и ограбувањето на Македонија го сведе на банална рутинска работа. Цели 11 години, дење ноќе, 24/7, метастазите на режимот го зафатија и го заробија целиот организам на општеството со паднат имунитет. Оваа наказа не можеше да се отстрани за две и пол години терапија со чаеви што ги нуди слободата и демократијата. Скалпелот и стравот беа решение, ама ќе добиевме нов Груевски и нова Бастилја. Ништо повеќе.

Другите начини можат да бидат поефикасни, но набргу се претвораат во уште потешки режими, типични за корумпирани банана држави. Тоа е исто така проверена и докажана историска и научна закономерност. Груевизмот во Македонија може да умре само со победа на правната држава, на демократијата и слободата, со пораз на примитивизмот и провинцијализмот со победа на цивилизациските и европските вредности и критериуми за успех. Додека не прекипе и престаса тестото кое опстојува жилаво „дуж реке Брегалнице“ редовно хрането со митови и лаги доволно добро за да остане најзаостанат и најпрост на Балканот, тука би ги додал и двоглавите орли кои уште летаат над Шара и над Полог, а не знаат дека од поодамна се мртви од големите климатски промени и сопственото загадување, Македонија нема да куртули самата од себеси.

Детоксикацијата на затруениот организам ќе трае уште долго и по членството во ЕУ и во НАТО. Затоа и претседателот на Франција, Емануел Макрон, направи голема грешка кога дозволи тој долг процес на терапија под контрола на европскиот и балканскиот конзилиум да го препушти пациентот повторно на тие што го труеја и што сакаат сега жив да го закопаат, па да го воскреснат.

Погледнете ги повнимателно денешните последици од наслагите на груевзмот кои секој ден оживуваат во една клима која е заразна како чума. Повеќе не е важно кој ги направи злоделата во период од 11 години, туку зошто не се во затвор сторителите на тие дела. Тоа е разлика во квалитет. Челниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои во континуитет учествуваа во грабежите и деградација на општествениот поредок и институциите на системот, кои беа организатори на државен удар и крвопролевање во парламентот, кои го организираа и спроведоа најголемото нарушување на човековите права и слободи со држење под надзор со години на илјадници граѓани, следејќи ги нивните телефонски комуникации, луѓето кои земаа милионски износи како провизии и мито и кои станаа богати како кнезови, а беа голтари, кои апсеа и затвораа, судеа политички противници и новинари по нарачка, кои присвојуваа државен и приватен имот насилно, кои изградија тирански систем, фрлајќи милијарди евра за споменици во своја слава, притоа менувајќи го идентитетот со потрага по пославно античко минато на сметка на словенството, неуки луѓе и шарлатани извршија срамен упад со груби политички интервенции во науката, алчни политичари кои ги задолжија и неродените деца трошејќи им ја иднината раскалашно градејќи кули од карти, садејќи врби и кораби среде Вардар, луѓе кои за да останат на власт фрлаа милиони за местење на избори, за корупција на редакции и новинари, монструмите кои нарачуваа лустрации за своите политички противници, прогласувајќи ги за кодоши без право на одбрана, кои измислуваа непријатели и странски платеници во секој што ќе се осмелеше да ги критикува носителите на режимот, алчни криминалци кои имаа поголема моќ од средновековни цареви и кралеви, ете, денес тие луѓе зборуваат за чесност, за владеење на правото, за организиран криминал, за режим, за заштита на националните интереси, за слобода и за демократија. Нормален човек тешко може да го поднесе ова кривоклетство и толкаво количество на безобразие.

Секогаш кога ќе го видам на екраните Антонио Милошоски, кој стана главен стратег на ВМРО-ДПМНЕ за уривање на власта и режимот на Заев, не можам а да не се прашам можно ли е да има уште луѓе во земјата кои можат да му веруваат на овој човек кој ако има малку исав и намуз и троа образ не би требало од дома да излезе во наредните 20 години. Треба да си одреди долгогодишен домашен притвор самиот додека малку од малку не се заборави тоа што му го направи на овој народ. За Александар Николоски кој, пак, лажно се претставува пред јавноста како голем пропагатор за евроатлантските интеграции на Македонија и наш голем лобист во Брисел, ќе биде најкорисно да не оди подалеку од Табановце и Гевгелија. Оти неговите успеси за европеизација на Македонија ги видовме во изминатите 15 години колку успешно стоевме во место како диреци во беспаќе кои означуваат патека што не постои.

Обновата на Македонија, која ја промовира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, која се потпира само на незадоволството на граѓаните од владата на Зоран Заев и на тврдокорноста на вмровските симпатизери, е доволна само за уште еден мандат на Заев со коалициските партнери да ги дозаврши почнатите работи во делот на владеење на правото и да ги почне преговорите со ЕУ како членка на НАТО. Еве само еден мал пример кој е доволно илустративен. Не е обнова само да се каже дека 500 евра просечна плата што ја вети Заев е лага, а вистина е дека јас ќе обезбедам 1.000 евра просечна плата. Тоа е само обнова на лагата во ново пакување. Сепак, 400 евра се поблиску до 500 и поверојатни, отколку 1.000 евра.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *