Banner
Ориент експрес

Мицкоски ќе се извини кога ќе згреши

Христијан Мицкоски, по кој знае кој пат пред јавноста, најблаго кажано, даде проблематичен одговор на прашањето дали ќе им се извини на граѓаните на Македонија за злоделата направени за време на 11-годишниот период на груевизмот. Мицкоски го кажува рутински истренираниот ступиден и стереотипен одговор, кој очигледно многу му се допаѓа – дека тој со тоа нема никаква врска.

Едноставно, партиското наследство и неотплатените долгови кон државата и кон граѓаните не ги прифаќа. Вели, кога тој ќе згреши, тогаш ќе се извини. Ова многу кажува за него и за партијата на чие чело е, но и за сегашните следбеници на Никола Груевски во партискиот врв. Кажува и за лошата особина и менталитет на македонската јавност, која е со кратко паметење кога се во прашање гревовите на ВМРО-ДПМНЕ и неговите раководства. Мицкоски и неговите соработници го бришат од својата меморија најцрниот период во историјата на независна Македонија и сега се трудат од петни жили таа амнезија да биде колективна. Сите треба да ги заборавиме црнилата и тиранијата од страховладата на Никола Груевски поради грешките на актуелната власт со аферата „Рекет“ која Мицкоски и неговите соработници ја сметаат за поголемо зло од сите гревови направени во ерата на груевизмот. Мицкоски множи минус по минус, рекет со црна ера, и добива плус. Така е во математиката, ама во животот минус и минус се собираат и резултатот за тие што треба да ја платат сметката (а тоа се граѓаните) е катастрофален пораз.

Замислете ако оваа логика на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ ја применат сите партиски лидери и поранешни функционери премиери и влади. Тоа што било пред нас пу, пу, пу… не важи. Зошто, на пример, би се извинувал за страдањата на светот Вили Брант поради злоделата на нацизмот и за злосторствата во Втората светска војна. Брант тогаш дури и не бил политичар ниту, пак, припаѓал на таа партија и не соработувал со Хитлер, како Мицкоски што соработувал со Груевски, поради што како човек од најголема доверба стана на општо изненадување негов наследник. Сега е веќе сосема јасно, и на тие што не им беше, зошто Груевски го одбра Мицкоски.

Во интервјуто за „Фокус“ на прашањето на новинарката Јадранка Костова: „Дали вие ќе се извините за еден период од времето кога Груевски е премиер, кој беше хорор за многу граѓани“, Мицкоски одговара: „Јас можам да се извинам доколку како политичар, во случајот лидер на опозицијата, или утре доколку бидам премиер на Владата и направам нешто што ќе го засрами гласачот што ми ја дал довербата. Можам да се извинам доколку како политичар ја изневерам волјата на граѓаните… но ако ме прашате дали како политичар би се извинил за сите неуспеси на македонското општество во изминатите 28 години независност, навистина жалам што како држава не успеавме да создадеме општество што ќе понуди можност за секој граѓанин“.

Значи, за 28 години кога македонските политичари не успеаја да ја оправдаат независноста и да изградат просперитетно општество и да ги остварат стратегиските интереси на државата и да обезбедат подобар и поквалитетен живот на граѓаните, Мицкоски изразува жалење и подготвеност за извинување. За тоа не чувствува одговорност, ама, ете, многу му е жал. Што се однесува за одговорноста за 11-годишното владеење без контрола и за најголемиот грабеж во поновата историја на Македонија, за страдањата во деценијата на Груевски, упатува дека тоа е погрешна адресата. Вели, ја нисам одавде.
Но има еден дел од одговорот на Мицкоски во кој признава дека во 11 години на Груевски не биле само големи успеси, туку имало и големи грешки.


Тој одговор е прилично индикативен: „Критиката треба достоинствено да се прифати и таму каде што навистина има услови, ние сме должни да се извиниме“. На кој период мисли и кога за тоа има услови за извинување Мицкоски не кажува децидно, но навестува дека мисли на неопходноста прво да се извини Никола Груевски, со тоа индиректно и го повикува Груевски да се извини. А условите за неговото извинување ќе се создадат кога ќе стане премиер и кога ќе ги зацврсти своите позиции во партијата кои сè уште се лабави и надвиснуваат на страната на Груевски. Се разбира, ако воопшто има потреба за извинување и ако не застарат сите злодела и гревови на ВМРО-ДПМНЕ, како што застаруваат најтешките криминали на Груевски и неговите тогашни најблиски соработници и ако не ја зафати Македонија колективна амнезија, што е веројатно ако правдата затаи и овој пат.

Христијан Мицкоски е свесен, иако тоа јавно не го признава, дека кредибилитетот на ВМРО-ДПМНЕ е сериозно нарушен за да може да се извојува изборна победа не само поради лошото владеење во долг период, туку и заради односот на партијата кон евроатлантските интеграции и некои чувствителни прашања во меѓуетничките односи за веќе стекнатите права на Албанците.

Пренасочувањето на вниманието од овие прашања со пумпање на омразата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ може и натаму да трае како прикривање на најголемите проблеми, но евидентно на голема штета на државата и на граѓаните. Мицкоски избра политички прагматизам за да се справи со овие проблеми, што не е лоша опција ако не ја игра најпогрешната варијанта на прагматизмот во политиката. Така, на пример, Мицкоски се откажа од делот на успехот што Македонија станува членка на НАТО. Не е доволно што веќе не го споменуваат НАТО, прво како лага, а потоа како неизвесност, иако и на тој план можат да се јават проблеми со пролонгирање на датумот. До неодамна вмровските гласноговорници и пропагандисти тврдеа дека од членството во НАТО нема ништо додека се СДСМ и Зоран Заев на власт. Кога видоа дека сојузот со НАТО е реалност, молкнаа како тоа да не се случува. Сега велат дека тие биле први кои во програмата ја имаат определбата за влез во НАТО.

Поучени од оваа грешка, сега Мицковски вели дека ВМРО-ДПМНЕ е во офанзива кај своите сестрински партии и во Брисел, насекаде во светот, граѓаните на Македонија да не биде казнети поради гревовите на власта и на Заев и да се одреди конечно во октомври почеток на преговорите со ЕУ. Доцна е синко, резето падна. Оваа определба требаше Мицкоски да ја соопшти по потпишувањето на Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија и да земе компромисен став како и целиот слободен свет и ЕУ. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски работеа на овие стратегиски прашања исто како и кога беа на власт, проблематизирајќи ги договорите од Преспа со Грција и со Бугарија и јавајќи на емоциите на граѓаните.

Ова би имало некаква смисла ако притоа во сите разговори со сестринските партии и со функционери на ЕУ и на Америка не се децидни во својот став дека кога ќе дојдат на власт ништо нема да променат од веќе склучените договори и со Грција и со Бугарија. Само што тоа го кријат од домашната јавност бидејќи милион пати во жарот на пресметките и сеењето на омраза ветија дека ќе направат подобар договор со Грција. Очигледно Мицкоски игра на полоша карта од премиерот Мицотакис кој во предизборната кампања прво ветуваше подобар договор, потоа блокади на членството на Македонија во ЕУ, за по победата да каже дека ништо нема да се менува што е договорено, туку ќе инсистира на подоследна примена на договорот. Тоа и Мицкоски ќе го направи само ако ВМРО-ДПМНЕ евентуално победи на некои од следните избори. Притоа, ќе мора да се соочи со фактот дека нема да добие никаква поддршка ниту од ЕУ ниту од Америка додека јасно и гласно не ја признае реалноста со потпишаните договори, кои заедно со исполнување на условите од преговорите, кои најмногу се однесуваат на добрососедските односи, на владеење на правото и стабилноста на земјата во меѓуетничките односи.

Тоа се трите најслаби точки на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски. Ете, затоа првиот чекор на Мицкоски што и да направи на патот на освојување на власта е да се извини за злоделата на неговата партија и на неговите претходници. Тоа ќе биде силната поддршка за воспоставување на владеење на правото и на реформа на целиот правосуден систем. Таквото признание ги отвора вратите за фер и непристрасно судење, а не со упорно инсистирање и пазарење за избор на партиски јавен обвинител. Истовремено јавното признание на значењето на договорите со Грција и со Бугарија пред домашната јавност како успех за евроатлантските интеграции ги отвора вратите на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски и тие нешто добро да сработат за Македонија. Казната на ЕУ кон граѓаните на Македонија беше за време на Никола Груевски и неговите погубни политики. Денес сè поизвесната награда за сработеното може да стаса само поради поразот на тие политики.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *