Banner
Ориент експрес

Кога ќе паднеш во дупка, престани да копаш

Кога ќе паднеш во дупка, прво што треба да направиш е да престанеш да копаш оти сè подлабоко пропаѓаш во неа. Премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кога седнаа да преговараат за компромисни решенија за законот за јавно обвинителство, паднаа во дупка од која ако не излезат веднаш ќе пропаднат и тие и шансата за европската иднина на државата. Уште со првото седумчасовно ноќно копање потонаа подлабоко. Работата беше многу едноставна и јасно срочена во постојните закони, кои недвосмислено одредуваат дека владеење на правото треба да го препуштат на тие што тоа им е работа. Нивната обврска како одговорни политичари е да го оневозможат попречувањето на правдата, како што велат, по стопати на ден, дека тоа го сакаат, но притоа и двајцата меѓусебно се обвинуваат дека се впрегнати во одбрана на криминалците од високите партиски врвови.

Правниот експерт на Европската комисија Рајнхард Прибе, одамна добро познат и ценет во македонската јавност, беше доволно учтив тоа да го каже уште еднаш во Скопје на повнимателен начин, отколку што одамна им го напиша во своите извештаи на македонските политичари и на јавноста во Македонија. Понекогаш се потребни промени во законодавството, а за тоа треба независни политичари кои ќе ги направат соодветните реформи и ќе имаат волја да ги имплементираат. На таков начин правниот систем ќе воспостави независност. Без демократско управување, не може да има ниту владеење на правото, повтори којзнае по кој пат Рајнхард Прибе. Делот на јавноста неинфицирана од партиските пропаганди и лаги тоа одамна го знае, останува тоа да го „разберат“ не само политичарите туку и носителите на правосудниот систем.

Ова истото од збор до збор уште пред 22 години, во 1997 година, го напиша академик Евгени Димитров во „Националната стратегија за економскиот и општествениот развој на Република Македонија“: „Владеењето на правото е суштествен сегмент на демократијата. Надвор од демократијата принципот на владеење на правото претставува гола форма и може да се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура. Основна функција на владеење на правото е ограничувањето на политичката власт и обезбедувањето на ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и прва“. Непочитувањето на оваа закономерност и навременото предупредување на Димитров, како реална можна опасност, ни се случи на најбрутален начин во периодот од 2006 до 2017 година во време на ерата на груевизмот, кога власта без демократска контрола воведе репресивно владеење и своевиден режим рамен на диктатура. Во овој период од 11 години е деградиран целиот правосуден, општествен и економски систем што доведе до најмасовното нарушување на човековите права и слободи во поновата историја на Македонија. Држењето под повеќегодишен надзор на над 20.000 граѓани и јавни личности во земјата и незаконското следење на нивните комуникации ги покажа стравотните злоупотреби на власта, монструозните пресметки со политичките противници и со критичарите на владините политики.

Се потврдија сомнежите на повеќе храбри луѓе кои ги изнесуваа јавно за големиот грабеж на државниот и приватниот имот, се видоа незаконски стекнатите богатства и досега невидената корупција, што од Македонија направија болно општество чии последици сè уште траат и по падот на режимот и ќе траат уште долго како што предупреди Евгени Димитров бидејќи, и покрај широкиот институционален механизам и уставно гарантираните принципи и средства за обезбедување на владеење на правото, во практиката постојат сериозни слабости во неговата примена. Излезот е во доуредување на функционирањето на судството и во одважноста на носителите на правосудниот систем и политичкиот врв на власта и на опозицијата. Најенергични мерки треба да бидат преземени против појавите и дејствата што грубо го поткопуваат владеењето на правото и го попречуваат неговото подоследно остварување, ќе напише Димитров во поглавјето за модернизација на општеството и државата.

Една од тие мерки за излез по болното децениско искуство беше формирањето на Специјалното јавно обвинителство за гонење кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите. Но СЈО не беше заштитено од попречување на неговата работа од моќни личности од врвот на поранешната власт, вклучувајќи ги и претседателот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, но и од институции на правосудниот систем, како што се Врховниот суд и Судскиот совет, но и тогашни и сегашни пратеници и наследници на компромитираните и обвинети политичари, со што се овозможи пролонгирање и поткопување на владеење на правото и доведе до крвав обид за државен удар и оневозможување на примопредавање на власта по веродостојни и регуларни парламентарни избори. Обидите за компромитација на СЈО успешно завршија со инсталираната афера „Рекет“, која е платформа на опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски да ги прогласи за ништовни предметите на СЈО и да ги прекине судските постапки кои се во тек. Ете, поради тоа е предупредувањето на Прибе дека се потребни независни политичари кои ќе овозможат примена на законите и самостојност на функционирањето на правосудниот систем.

Имаме ли политичари што се подготвени да прифатат непречена работа на судството, има ли во правосудниот систем личности што се независни и авторитетни и некомпромитирани професионално и одговорно да си ја извршуваат својата должност, имаме ли јавност што може да изврши одлучувачки притисок врз политиката да ги тргне рацете од правосудството и од делењето правда. Тоа е тестот пред кој е исправена Македонија да го положи испитот на подготвеноста за преговори со ЕУ. Се разбира дека во Македонија има храбри луѓе и во политиката и во судството и во обвинителствата, кои со својата досегашна работа покажале дека се подготвени и професионално и морално да го применат владеењето на правото.

Но проблемот е во изгубената доверба во јавноста. Секоја нивна одлука по она што ни се случува и со скандалите и со аферите, со долгите и јалови судски процеси, со лажните вести и труењето со пропаганди ќе биде дочекана со неверување и со нови и нови манипулации. Во еден таков зовриен нездрав амбиент, чинам, во право се тие што бараат присуство на странски правни авторитети кои ќе ги надгледуваат со една поактивна улога од обичен мониторинг натамошните судски постапки и разврски на сите премети, без оглед дали се работи за тие од СЈО или од редовното јавно обвинителство. Само праведната судска разврска и пресуда, без селекција и одземање на незаконски стекнатите богатства и пари ќе означат владеење на правото. Ако важи за највисоките функционери и моќници, ќе важи за сите граѓани. Тоа е најдобрата заштита од криминалот и корупцијата.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *