Banner
Ориент експрес

Македонија – егзит или брегзит

Сериозно се бев загрижил што ги нема да се огласат во јавноста со денови Никола Груевски и Христијан Мицкоски. Мора нешто многу значајно да се случува кога овие двајца македонски дејци молчат и им ја препуштаат својата работа на аматери, натуршчици и разни пискарала во политиката и во партал-журнализмот. Не можев да верувам дека во моментот кога се најпотребни на татковината, кога од сите страни бијат камбани за тревога и ечат вресоци: „Држте го лоповот!“, двајцата големи патриоти заминале на годишен одмор и го напуштиле бојното поле. Така сирота Македонија наместо да најде излез ќе отиде во безизлез. Кажано во стилот на најактуелниот настан во светот по урнекот на Велика Британија, Македонија ако оди по умот на овие двајца умислени национални водачи и спасители може да направи брегзит, односно транзит наназад уште невлезена во ЕУ. На Британија и на Македонија, две големи светски империи, местото не им е во тесна и измешана Европа, во која не се знае кој е газда во куќата.

Тамам почнаа да пукаат меурите од големата сапуница ми дојде донекаде душата на место кога Мицкоски некни конечно се огласи и онака освежен и осилен од тепка ги ублажи своите ставови и побара само министерката за правда Рената Треневска-Дескоска итно да си поднесе оставка. Не знам што му требаше на Мицкоски ова работа кога пред да земе оправдано отсуство решително побара сите од владата да си одат, да си поднесат оставки на чело со Заев, да се распушти СЈО, а ВМРО-ДПМНЕ да избере јавен обвинител каков што доликува на драматичната ситуација во која се најде земјата, па веднаш на предвремени избори да се вратат демократијата и правдата на која се бевме навикнале и во која уживавме сите во ерата на груевизмот. Веќе стана неподносливо ВМРО-ДПМНЕ цели две и пол години да не е на власт, а не е ни во опозиција.

Ми олесна што Мицкоски се врати дома, ама ме јаде јанѕа што го нема Груевски. Подолго молчи и од оној познат само во Македонија новинар и експерт за безбедносни прашања од „Ла Верита“ кому му исчезнале сведоците од страв, ама имал нова „бомба“ во која Боки Тредичи му ветил на Орце Камчев дека утре ќе се види со премиерот Заев, што е несоборлив доказ на крунски сведок од типот на Боки.

Големиот и славен журналист, кој по сопствено признание ништо не знаел за Македонија, ама ете ја брани одлично загрозената демократија, силно измотивиран во одбрана на правдата и вистината. Патем кажано, има голема потреба во сите настапи да каже збор-два за тоа дека функционерката на ЕУ, Италијанката Могерини го донела Заев на власт во Македонија за да го потпише Преспанскиот договор со Грција и да го смени името на државата. Така, со помош на Могерини, на Брисел, на канцеларката Меркел и на Сорос, се разбира, не може без Америка, е направен заговор и е соборен Никола Груевски. Тие што знаат што значи ова и од кај дува ветерот, ова го викаат реално шоу бидејќи првпат во светот една цела држава, учествува во експериментот како да се направат будали два милиона луѓе.

Само во една таква ситуација кога ќе ни сервираат голема опасност дека набргу сите ќе бидеме издрогирани од канабис оти премиерот Заев тајно се сретнал со најголемиот легален производител во светот на масло од марихуана и други отровни колачи и прехранбени продукти од чија задолжителна консумација по три порции на ден, плус две маренди, можат да ни се замаглат среде лето работите и да се затруеме сите дотаму што од халуцинации не може да се види тоа што е кристално јасно. А тоа се силните речиси петгодишни обиди да се попречи правдата во Македонија. И последната изгледна шанса која ја реализираше прилично успешно Специјалното обвинителство, покренувајќи голем број предмети и обвиненија за тешки кривични дела на високи функционери, е доведена во прашање со партиски битки за превласт во судството. Аферата „Рекет“ наместо да се препушти на истрагата и на праведна судска разврска без селекција, се користи да се спречи идеалната шанса судството да ја преземе судската власт и да ја врати довербата во разнишаниот систем.

Сосема е разбирливо опозицијата да ја користи аферата во политичка пресметка со власта. Тоа би го направила секоја опозиција во една ваква ситуација, но кога во таа пресметка има очигледна црна дупка од која смрди како од депонија, тогаш ѓурултијата, лагите и шоуто мора да продолжат. Црната дупка е фактот што опозицијата нема кредибилитет без да ги осуди морално своите криминалци кои сè уште се на високи позиции во партијата да бара партиски јавен обвинител и амнестија за сите свои луѓе против кои се водат истраги и судски постапки. Кој може да поверува дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски навистина бараат правна држава и владеење на правото со вакви аргументи од кои најсилни се врескањето.

Би било интересно да се истражи чесно и професионално зошто е толкава заложбата да се контролира јавното обвинителство, кое е само една странка во судските постапки ако правосудниот систем функционира независно и непристрасно. Дали македонските обвинители и обвинителства се толку добро подготвени и имаат толку силни докази штом ќе поднесат тужба мора да има и казнена пресуда, или пак влијанието врз комплетното судство сè уште е под инерција на долгите години нарачано делење на правдата од страна на политиката преку јавните обвинителства.

Искусен судија во пензија ме уверува дека пред независноста на Македонија, во време на едноумието, близу 70 проценти од кривичните пријави уште во предистрагата завршувале во кош поради немање на релевантни докази. Во време на безумието, речи сто проценти од тужбите против политичките противници во опозиција завршуваат со притвори и со казнени пресуди. Таков процент на пресуди немаат ни земјите со највисоко ниво на владеење на правото. Јас му верувам на судијата, но сепак едно професионално истражување за состојбите во македонското судство може да ги открие корените на изгубената доверба во јавноста дека е можна правдата во Македонија. Навистина паметиме многу случаи на нарачани и затворски и ослободителни пресуди, сомнителни партиски амнестии и пишман амнестии, преки судови и инквизициска лустрација без право на одбрана, памтиме и спектакуларни апсења и понижувачки сцени пред ТВ-камери и микрофони, но сепак тоа се само последиците и видливиот врв на сантата мраз. „Титаник“ потона од силен удар со невидливиот дел на сантата.

Правосудниот систем на Македонија сè уште ја има идеалната шанса да ја преземе судската власт во свои раце. Власта е исплашена од јавноста што е добро, а опозицијата е компромитирана оти бара селективна правда заштитувајќи ги своите криминалци, што е лошо. Ова е навистина добра можност со малку поголема храброст и одлучност судството да се одлепи од политиката и да си ја работи својата работа. Партиските и компромитирани обвинители и судии многу добро се познати и во фелата и во јавноста. За нив е неопходна еснафска лустрација. Така можат да дојдат работите во судството на свое место.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *