Banner
Ориент експрес

Заев дава царство за коњ

Дали премиерот Зоран Заев е подготвен да биде жртва за Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ или, пак, зад неговата кооперативност и помирливост со политичките противници се крие победничка доброосмислена стратегија? Има ли Заев силни адути во рацете или блефира со губитнички карти да добие во време? Тој се однесува како крал во тешка средновековна борба кој го дава царството за коњ. Општ впечаток е дека во овој момент поважна му е оваа битка отколку власта. Ако го изгуби коњот секако го губи и царството.

Вака би можело да се гледа на последните неверојатни отстапки што ги прават кон опозицијата Заев и коалиционите партнери во Владата. Заев навидум лесно прифаќа предвремени парламентарни избори за есен идната година што значи дека само за неколку месеци влегува во изборна година и треба да договори со опозицијата коалициона предизборна влада и, се разбира, да поднесе оставка. Тоа не го прави поради притисок на опозицијата која се заканува дека ќе организира протести, осилена од аферата „Рекет”, колку што е убеден дека по октомври ќе има далеку почиста победничка позиција во односот на силите. Премиерот направи тешки отстапки за претопување на Специјалното јавно обвинителство во редовното со што се отвори сериозна опасност да се успори и онака бавниот процес на владење на правото и се зголеми недовербата во пошироката јавност дека набргу ќе има разврска за тешките судски предмети. Дури и за најголемата мирновременска економска операција без која не може да се планира идниот развој, како што е пописот, Заев се однесува како да е тој виновен што претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски на криминален начин, фрлајќи повеќе милиони евра пари на граѓаните со години го одложуваа пописот, дури и го прекинаа безмалку насилно кога веќе беше почнат, за што се води судска постапка. Премиерот Заев со несфатлива леснотија попушта на сите барања на опозицијата, барем таков е првичниот впечаток. Аминува сè и со „наивна” насмевка ги прифаќа сите и вообичаени, дозволени, но и валкани предизборни игри на политичките противници кои веќе му ја подготвуваат бесилката со реставрација на ерата на груевизмот и со враќање на Груевски, факт што воопшто не го ни кријат, јавно одејќи кај вождот на поклонение во Будимпешта.

Но, дали е Заев навистина толку наивен колку што изгледа, да биде пренесен жеден преку вода? Не е многу тешко да се погоди на што се потпира „жртвувањето” и „самоубиствената” толеранција на Заев како што ја квалификуваат не само стратезите на опозицијата, туку и еден дел од неговите поддржувачи, како и голем број неутрални и политички неопределени граѓани.

Прво, Заев и неговите коалициони партнери воопшто не кријат дека главниот адут им е датум за преговори со ЕУ, иако знаат дека тоа не е доволно. Но, ако се разложат натаму придобивките од членството во НАТО и придобивките од отварањето на поштедри европски финансиски фондови кои одат заедно со претпристапните преговори тоа веќе значи безбедна иднина на државата и побрз економски развој. Во суштина се работи за остварување на три најзначајни стратегиски цели кои Македонија ја прават стабилна и безбедна држава со обезбеден територијален интегритет и побрз економски развој. Три клучни работи кои опозицијата не можеше да ги мрдне од место цели 11 години.

Покрај НАТО, втората крупна работа што Македонија не успеа во период од 30 години да ја постигне е добри односи со сите соседи. Она што е постигнато во односите со Грција, со Бугарија, со Албанија, со Србија и со Косово беше незамисливо до само пред две години. Тие односи на овие поставени темели ќе се развиваат уште побрзо од што се очекуваат не само политички, туку и инфраструктурни и економски ефекти. Економската размена во целиот регион е во нагорна линија. И другите економски показатели во земјата се движат во правилна насока. Трето, Заев може до октомври идната година да постигне просечна плата од 500 евра и минимална плата од 16.000 денари што сè заедно го прави политички лидер кој ги реализирал највисоките стратегиски цели на државата и кој успеал да го подобри стандардот и квалитетот на живеење на сите граѓани.

Значи, членството во НАТО, кое од првиот ден по падот на Груевски беше постојана тема на тешки полемики и неверување, денес никој не го спомнува и не го става под сомневање. Истото ќе се случи и со почетокот на преговорите. Адутот на опозицијата дека Франција и претседателот Емануел Макрон ќе го спречат проширувањето е бостанско плашило. Ако внимателно се слуша и анализира тоа што го зборува Макрон неговите дилеми не се околу преговорите туку околу подготвеноста на Европа и на преостанатиот дел од Балканот за редовно членство во ЕУ. На Европа и требаат реформи, а и на Западен Балкан му требаат сериозни подготовки кои ќе се одвиваат за време на преговорите. Дали за овие два процеса се потребни шест, осум или десет години може да се извлече прецизен заклучок од следниот јасен став на претседателот Макрон искажан јавно при посетата на Белград кога рече: ”евроинтеграциите на новите членки е пребавен и бирократски процес. На младите им треба перспектива. Ги чекаме новите членки во реформирана Европа”.

Дали забележувате колку, како тракторска гума, издиша напумпаноста на опозицијата со Преспанскиот договор и со предавството на националните интереси, името, државјанството, македонскиот јазик и сличните керозини кои ги фрлаа врз историскиот договор? Викаа што викаа, за на крајот да дадат гаранции пред меѓународниот фактор дека нема ништо да чепнат од она што е договорено со соседите. Нема ни точка ни запирка да променат ако дојдат на власт, исто како и опозицијата во Грција која побрза веднаш по победата да соопшти дека нема ништо да менува од тоа што е договорено. Истото можеше да се случи и со Мицкоски со таа разлика што неговата неподготвеност да се ослободи од Груевски и криминалниот врв во партијата тешко ќе го донесе на власт и во наредните четири години. Битката на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски за спасување на своите арамии и подготвеноста на Заев и на власта да нема селекција во судските постапки без оглед кој на која партија припаѓа е многу различна работа. Најважната работа на Мицкоски беше компромитацијата на СЈО и контрола на редовното јавно обвинителство со именување на јавен обвинител по партиски терк. Во компромитацијата на СЈО успеа со помош на своите големи меѓународни хохштаплери и со помош на самата СЈО, но тешко ќе ги сопре натамошните процеси.

Дали забележувате исто така колку е жесток притисокот на Мицкоски да формира контролирано партиско обвинителство, иако обвинителите се само една странка во судските постапки? Тоа ја покажува целата слабост на правосудниот систем кога битката е за јавни обвинители чии тужби, ако не се поткрепени со докази, можат да завршат во кош за отпадоци. Нема дебати за главните судски инстанци, туку за припадноста на јавните обвинители и обвинителства. Дали тоа значи дека во Македонија сè уште обвинетите треба да ја докажат невиноста, наместо тужителите виновноста, или пак дека арамиите од врвот на ВМРО-ДПМНЕ толку се заглавени што не ги пере ни Варадар. Тие што имале прилика да ги видат предметите велат дека толку се силни доказите што нема судија кој може да ги ослободи. Сами да се судат треба да си дадат барем по 20 години строг затвор за злоделата што ги направија за 11 години.

И стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ да се приближи на албанските опозициски партии е самоубистевена за тие партии и лидери, бидејќи тој дил е многу лажен и лицемерен. Има милион докази за тоа кај албанските гласачи кои јасно ставија до знаење дека со ВМРО-ДПМНЕ не е можна коалиција. Еве само две работи за кои ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се прават на “тошо”. Кога велат јастребите на ВМРО-ДПМНЕ попис по европски стандарди кој патем не го направија никогаш, мислат дека ќе ги одземат стекнатите права на Албанците бидејќи наводно ќе испадне дека се помалку од 20 отсто. Со тоа покрај законот за јазици ќе отпаднат и другите права на етничките заедници. Засега Мицкоски е доволно мудар ова да не го кажува гласно. Одземањето на стекнати права е најлошата работа што може да и се случи на Македонија.

Заев пред своите подржувачи во октомври идната година на предвремени избори ќе игра на картата членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, подобрени односи со соседите, побрз економски развој, повисок стандард на граѓаните, повисоки плати и пензии, исчекор во владеење на правото, очекувани судски разврски и поефикасен правосуден систем, поголема демократија и поголема политичка и морална одговорност и отчетност. Од неутралните и неопределните ќе очекува да бираат и овојпат помало зло. Не е наивен Заев како што се чини на прв поглед, но останува вечната опомена дека домашниот есап не излегува на пазар. Особено не на избори.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *