Banner
Ориент експрес

Среќна и разочарана Македонија

Половина Македонија е среќна и жизнерадосна што нема одлука за почнување на преговорите со ЕУ, а половина е разочарана и бесна што стара Европа ја одложи одлуката за три-четири месеци. Не знам дали половинките се идеални, ама евидентно е дека сите во земјата, ако се суди по тоа како јавно се изјаснуваат, цврсто се определени за членство во ЕУ и во НАТО. Првпат по речиси 30 години независност и евроатлантски аспирации и 15-те години паѓање на испитот на европскиот вечен кандидат виновен е Брисел што се одлагаат преговорите и тоа по нивно сопствено признание. Досега гревовите беа кај нашите политичари, нивните погрешни политики, главно поради заробената држава и деценискиот режим, неуспешните реформи и нерешени домашни задачи, лошите односи со соседите, организираниот криминал и корупцијата.

Партизираната држава и во наредните четири месеци останува поделена по сите шевови во битките за превласт, и идеолошки и политички и етнички, иако само на зборови сите се „за“ Европа. Некој очигледно многу лаже. Ако не е така, наредните неколку месеци ќе поминат во амбиент на мораториум на кавгите и во силни подготовки до крајот на годината да почнат преговорите со ЕУ. Тоа сигурно нема да се случи бидејќи бурните реакции по одлагањето на одлуката на ЕУ за Македонија и за Албанија јасно покажуваат во која насока ќе се одвива дестабилизацијата на земјата. Значи, не е проблемот во тоа што се одлага одредувањето на датумот за преговорите да почнат на крајот на оваа или во почетокот на идната година, туку во тоа што кревката стабилност на државата во овие неколку месеци може да биде сериозно нарушена. Тоа е стравот и разочарувањето од ова „техничко“ поместување на преговорите со Северна Македонија.

Една многу значајна работа ја испуштаат нашите ревносни аналитичари во своите истраги за причините зошто основачите на ЕУ ја одложуваат одлуката за кратко време, иако сите имаат пофални зборови за Македонија и за нејзиниот голем учинок во изминатите две години на патот за Европа. А тоа е фактот дека и Западна Европа треба да ја подготви својата јавност за баучот наречен „Западен Балкан“ во догледно време да стане рамноправна членка на европското семејство. Тоа не е ни малку лесна и едноставна работа која може да се покрие само со набрзина стокмена политичка одлука. Претставата на обичните граѓани на западноевропските држави за Балканот е безмалку иста како за емигрантите од Азија и од Африка, а во некои сегменти уште полоша. Наследството што е оставено од почетокот на минатиот век со меѓусебните пресметки и убиства на македонските дејци и револуционери по театрите и улиците на Виена, Рим, Марсеј, Сараево, Софија, Солун… сè уште се и во историските читанки и во свеста на многу Европејци.

Ништо не подобра сликата на Запад за овој дел на Балканот создавана и во изминатите децении на дваесеттиот век, па и од ерата од прогласување на независноста и падот на комунизмот. Пофалбите за Северна Македонија на европските политичари и критиките кон нив за неодлучноста од највлијателните европски и светски медиуми, од врвни интелектуалци, дипломати и јавни личности, ги гледам во таа насока на создавање на амбиент во европската јавност дека Македонија не е повеќе тоа што е таложено со векови во свеста на Европејците. За голема жал, ниту Европа ниту Македонија не работеа доволно таа, најчесто погрешна претстава за нашата земја, па и за целиот Балкан, да се подобри, без оглед што некои земји станаа членки со избрзани политички одлуки. Напротив, до граѓаните на Европа, од Балканот и од Македонија повеќе стасуваа лоши вести отколку добри.

Воениот конфликт 2001 година, инсталирањето на режимот на Никола Груевски, суспендирањето на институциите на системот во долг период, двата крвави упади во Собранието, контролата на медиумите, наездата на криминалот и корупцијата, интервенцијата на политиката во науката во потрага по пославно античко минато, присвојувањето туѓа историја, новиот фалшив задоцнет барок за што се потрошија милијарди денари на најсиромашниот народ на континентот, беа примени со вчудовиденост не само во Европа. Обидите за политичка ревизија на историјата, на чии темели е изградена европската култура и целиот образовен систем, се вброени во најголемите светски будалаштини. Невозможно е да се надомести за две години тоа што е расипувано со децении и векови.

Одлуката на Европа наесен да има решение за почнување на преговорите со Македонија, колку и да е разочарувачка, таа е разбирлива ако се гледа од аспект на внимателноста на европските политичари како таа ќе биде примена во нивната јавност без неопходните амбиентални подготовки. Гледано од тој агол, јас сум оптимист и убеден сум дека Северна Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ до крајот на годинава. Она од што треба да стравуваме многу повеќе и што е навистина разочарувачко, е фактот што ќе се случува во земјата до октомври, а и потоа. Затоа е неопходен широк партиски и би рекол општонароден консензус да се запрат сите попречувања кои можат да послужат како адут на Брисел за натамошни пролонгирања. Звучи утопистички и невозможно, ама друго чаре нема. Европа не е потковена за вакви отстапки. Силен несоборлив аргумент за противниците за почеток на преговорите со ЕУ би бил фактот дека нема доволно ни политичка, ни институционална подготвеност за пресметка со организираниот криминал и корупцијата во врвот на властите и на центрите на моќ, сегашни и поранешни. Каква забелешка, несогласување и разочараност би можеле да искажеме на фактот дека се попречува работата на СЈО и на редовните јавни обвинителства и судови во гонење на докажаните криминали и во неизвршување на затворските казни по веќе донесени пресуди. Неказнивоста за тешки кривични дела и грабежи и натаму непреченото располагање со огромни богатства стекнати на незаконски начин не може да го оправда ни една кафеанска, а не европска комисија. Доволно е да се попречи работата на парламентот со излегување на опозицијата и тоа да биде доволен доказ за оправданоста на воздржаноста на противниците на европеизацијата на Македонија.

Едно од можеби најтешките прашања ќе биде имплементацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија, односно работата на Комисијата за превреднување на историските настани и личности. И за овој Договор, како и за Преспанскиот, ќе биде неопходно да се примени принципот на неговата одржливост и заемна прифатливост. Што и да се потпише, ако е под едностран диктат и притисок, тоа ќе биде неприменливо во практиката. Историјата не можат да ја пишуваат комисии ниту да ја преоценуваат колку и да се стручни. Тоа мора да го направи науката во сосема друг амбиент. Обидите да се влезе во главите на историските личности кои живееле и работеле пред сто години и да се одреди нивниот идентитет според потребите на актуелните политичари и политики е налудничва работа и не може да биде закономерност дадена еднаш засекогаш. Со потписите на членовите на комисијата и со одлуките на влади не престануваат научните истражувања. Тие можат да бидат само добар патоказ за идните непристрасни научници да си ја работат својата работа. Надминувањето на омразата и поправката на пустошот во свеста на граѓаните на целиот Балкан што го направила со децении политиката во спрега со идеологизираните историчари, добрите и лошите литерати е сосема друга работа која пак треба да ја одработат некои други луѓе.

Македонија сè уште е на истиот крстопат – ќе останува на Балканот или ќе оди во Европа. Ако не ја сака Европа подготвена, таа ќе стаса секако таму по други веќе познати патишта кои не се баш благопријатни и за Европа и за нас.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *