Banner
Ориент експрес

Ин мемориам за татковците на големите лаги

Сега кога членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ станаа реалност за иднината на земјата, треба постојано да се потсетуваме за никогаш да не се заборави како во поновата историја најголемите македонски лаги еволуираа во вистини. Ова е неопходно за нашите натамошни тешки битки против краткото памтење, против примитивизмот и заостанатоста, против популизмот и измамите, против злоупотребите на секоја власт и моќниците, против организираниот криминал и корупцијата, против алчноста и раскалашеното трошење на сиромаштијата на граѓаните.

Продон псеудос на старогрчки јазик значи татко на големата лага. Тоа е буквалниот превод. Вистинското толкување е малку покомплицирано, но многу интересно и поучно. Всушност, употребата на оваа мудрост на античките филозофи и по 2.500 години има подлабоко значење и до денес. Кога јавно и сугестивно ќе соопштите голема лага на која ќе поверуваат многу луѓе, ќе мора и натаму подолго време да лажете. Така станувате татко на големата лага, постојано хранејќи ја со нови и нови лажги, внимавајќи будно да не бидете откриени. На крајот, убаво ќе ја украсите и надградите со долги опашки вашата спектакуларна измислица која веќе станала сопственост на многу глави, што и самите ќе верувате во тоа. Кога ќе биде откриена вистината триумфално ќе соопштите – што ви кажав јас. Со додавките на купот лаги нема да ви биде тешко да докажете дека цело време сте ја зборувале вистината. Македонија е полна со татковци на големите лаги, убаво заштитени во смрдливата бара на политиката.

Нашите „татковци“ лажомани прво нè излажаа дека Република Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ без да менува ништо во името на државата, на што сосема разбирливо се налепија илјадници луѓе. Сите добронамерни укажувања дека тоа не е можно без исполнување на голем број други предуслови и компромисни решенија вклучувајќи и додавки на името беа дочекани со нови лаги дека во прашање е белосветски заговор на големите западни сили против Македонија и македонскиот народ, кој има длабоки антички корени. Ни измислија пославно минато дека сме директни потомци на Александар Велики Македонски за да се чувствуваме подобро и повозвишено. За таа лага да биде прифатена како вистина, платија милијарди денари пари на најсиромашниот народ во Европа и ја нагрдија земјата и главниот град до непрепознатливост на ужас на здравиот разум.

И на оваа планетарна лага се налепија стотици илјади граѓани. Тие што не веруваа во тоа и прифаќаа отстапки да се проголта краставата жаба додека е мала за да се обезбеди иднината на земјата беа прогласени за предавници и непријатели. Кога тираните изарчија децении од животот на сите граѓани, ја опустошија државата и ги наполнија дисаѓите со милиони пари на граѓаните и ги задолжија до гуша, повторно излажаа дека сите предуслови за членство во НАТО и во ЕУ се исполнети до последна точка, останува само името кое не е за продажба. Кога се виде ептен убаво дека не може да почнеме преговори со ЕУ и да станеме членка на НАТО со лаги, без да се исполни еден цел пакет домашни задачи, политички, историски, образовни, економски и културни, но и конкретни договори за добрососедство со сите комшии и заемно прифатлива додавка на името Република Македонија, се лансира ујдурмата дека сме светски прваци во економски реформи и дека е можен разумен компромис за името, ама да не е за сите употреби.

Следуваа дополнувањата во стилот, а зошто ни треба сојуз со НАТО, со џандарот на светот и со ЕУ-егоистична, кои се пред распаѓање и кои воопшто не ни се наклонети. Секогаш постојат и други подобри алтернативи. „Татковците“ преку своите инстант-интелектуалци и медиумски телали ни сервираа стопати на ден уште милион други измислици. Кога превладеа сознанието дека тоа ја води земјата кон целосно ограбување и распаѓање пред налетот на бомбите на вистината бастионот на непроменливоста падна и се ослободи од анахроните стеги, ама лагите останаа и добија нови чудовиштни димензии. Организираните хорди да се попречи правдата и казната за најголемиот грабеж и злоупотреба на власта, крвавиот напад на парламентот, беа прогласени за возвишен морален и патриотски чин за спасување на Македонија.

Добрососедските односи и потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија станаа крунски „доказ“ дека лажачите биле во право. Следуваше наезда од нови лаги дека е извршено големо предавство, останавме без име и презиме, без национален идентитет и државјанство, без јазик и достоинство. Република Македонија веќе не постои, ова е вештачка творба на предавниците и нелегитимната власт. Бегството на криминалците од земјата и од правдата сè уште се прикажуваат како подвизи на јунаци кои бегаат од затвор поради тортура. Ослободувањето на заробената држава и првите посериозни обиди за владеење на правото се прогласуваат за ново уште потешко ропство. А, попречувачите на правдата и на судските процеси врескаат „држте го арамијата“. Без срам и перде блебетат на телевизиите и на социјалните мрежи и по весниците за демократија и за човекови права и слободи, за наезда на криминалот и корупцијата, за урбаната мафија, за заборчување на државата, за сè она што го правеа повеќе од една деценија. Наместо да ја исчистат својата загадена криминогена средина од тони и тони смет, одлучија своето ѓубре да го стават во туѓиот двор.

И еве ги сега сејмените со најновата голема лага дека тие биле за НАТО и за ЕУ. Ќе лобирале по светот да станеме членка на НАТО и да добиеме датум уште годинава за преговори со ЕУ, дека тие што ја завршија оваа работа не ги бива за ништо, дека нема во земјата никакви промени и реформи, дека никогаш не била поголема злоупотребата на власта, никогаш немало поголем криминал и корупција. Бараат на сет глас владеење на правото откако ќе бидат ослободени нивните криминалци и прогласени за невини. Веќе не им пречи ново-старото име Република Северна Македонија, ниту изгубениот идентитет на македонскиот народ и загрозата на јазикот. Притоа, доволно се мудри тоа да не го кажуваат многу гласно. Велат, сите тие идентитетски обележја се сочувани оти, види богати, биле неуништливи, особено ако воопшто не се загрозени со Преспанскиот договор.

Демек, патриотите од револуционерната партија, одат по светот и прикажуваат гачки само за домашни потреби дека нема реформи, нема правда, а има криминал, ама поради нивниот голем авторитет и учинок Северна Македонија ако добие датум за отпочнување на преговори тоа ќе биде благодарение на нив. И гледај чудо – сè уште има луѓе кои веруваат во овие лаги. А, во суштина нашите рецидиви на груевизмот во Европа ги повикуваат за сосема друга работа. Да им кажат да престанат со опструкциите оти со нивната активност и лаги им ги врзуваат рацете на европските влијателни политичари кои дадоа свој огромен влог Македонија да ги надмине пречките со своите соседи и да ги исполни сите предуслови за да ги почне преговорите со ЕУ и веќе годинава да стане редовна членка на НАТО. Им кажуваат не на дипломатски, туку за нив на разбирлив јазик директно и со прости реченици да ја прифатат реалноста и да престанат да ја попречуваат правдата, да дадат целосна поддршка на Специјалното јавно обвинителство. Таму молчат како бајчиња, ги прифаќаат сите „директиви“ ветувајќи дека се големи поборници на евроатлантските интеграции.

И пак лажат, кога ќе се вратат дома, ја прикриваат нивната согласност дека нема ништо да чепнат од тоа што е договорено со Грција и со Бугарија и тоа што е одлучено внатре во земјата, како свој голем придонес за европеизација на Северна Македонија. Го пишуваат сопствениот ин мемориам татковците на големите лаги.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *