Banner
Ориент експрес

Груевистите токмат алиби за Европа

Македонија го трча десеттиот круг за влез во Европа. Деветте маратони со свидетелства и преодни оценки на европските комисии, дека тркачот стигнал до целта и дека е подготвен за отпочнување на преговорите со ЕУ, не ги импресионираа многу тие што вистински одлучуваа за достигнувањата на 14-годишниот вечен кандидат од Балканот. Стара Европа е таа што има пресуден збор за влез во семејството, а не официјален административен Брисел. Тоа се: Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Холандија, скандинавските земји… кои имале и наоѓале редовно, а често и со право, некоја добра причина да го одложат последниот круг, па за тоа секогаш ние да бидеме виновни. Денес, за првпат, за државата Северна Македонија, не за БЈРМ, нема ниту една причина, по сопствена вина, да не почнат преговорите за членство во ЕУ. Власта вели, ова е најдобрата позиција Европа да го исполни ветеното и да ја награди Македонија за постигнатите резултати.

Да, тоа може така да се разбере гледано од агол на правдата, правото, моралот и сè што означува пишан и непишан договор. Меѓутоа, политичките и економските интереси на големите и моќни европски  држави кои се на прво место пред која било друга цел со голема леснотија ги отфрлаат етичките, моралните принципи и правните закономерности. Нивната рамнодушност кон ветувањата е речиси нормална работа и ни малку не ги обврзуваат доколку на домашната сцена се појават пречки кои не одат во прилог на актуелните власти и политичките лидери. Кој е луд во набројаните земји да се жртвува за некоја си балканска „вукоебина“, со непознато потекло, каква што е претставата за Македонија кај мнозинството граѓани во Западна Европа. Тоа им дава на политичарите одврзани раце да ги заборават моралните принципи и ветувања што некогаш биле од интерес, а веќе не се. На тој начин ЕУ потроши и пушти низ вода неправедно повеќе влади кај земјите кандидати за влез во ЕУ, а некои земји поради повисоки политички интереси незаслужено ги зачлени експресно во клубот, иако не беа подготвени.

Како ќе биде работата со Северна Македонија? Дали овој пат има некои суштински разлики кои Европа не може баш толку лесно да ги прерипне и да ја изложи Македонија на длабока политичка криза и брза дестабилизација предизвикана од игнорирање и обезвреднување на историски настани и договори во кои самата е инволвирана и кои ги смета и за свој голем успех. Доведувањето во прашање на применливоста на Преспанскиот мировен договор со Грција и на договорот со Бугарија, кои се темел на  добрососедските односи, е голема закана и за други конфликти и тензии кои можат да предизвикаат потешки последици кои водат до распаѓање на државата. Македонија во овие процеси иницирани и поддржани од Запад не направи отстапки само во односите со соседите, туку и дома во меѓуетничките односи, што исто така можат да предизвикаат опасни  ревизии на стекнатите права со отворено залагање на опозицијата за враќање на Никола Груевски на власт. Падот на Заев и на неговата влада изгледа неминовен доколку не дојде до одредување на датум за почеток на преговорите, со извесност најдоцна за десет години Северна Македонија да стане редовна членка на ЕУ.

Секое одлагање на членството во НАТО и на почетокот на преговорите со ЕУ не може поинаку да се прифати во јавноста освен како една голема измама на Македонија да прифати болни компромиси и тешки отстапки без да добие ништо. Таа огорченост и разочарување широко ќе ги отворат вратите за враќање на Груевски  и обнова на режимот. Европа и нејзините политичари тоа добро го знаат и затоа Македонија годинава ќе ги почне преговорите со ЕУ, без оглед дали овој месец или наредните два месеца ќе биде донесена конечната одлука за датумот на преговори кој ќе биде одреден како почеток, најверојатно кон крајот на годината.

Постои само еден начин како да не почнат преговорите со ЕУ до декември годинава и да се одложат на неопределено време – а тоа е самите да направиме планетарна будалштина и добро алиби Брисел да ја остави Македонија и натаму на споредниот балкански колосек. Груевистите кои уште владеат со ВМРО-ДПМНЕ веќе даваат добра причина да ги обезвреднат сите достигнувања во изминатите две години на патот за Европа. Одбраната на Груевски во парламентот да не му се одземе пратеничкиот мандат, сметајќи го како херој кој е прогонет од режим, а не како избеган осуденик, е во тесна врска со заложбите на револуционерната партија да се укине Специјалното јавно обвинителство или да се попречи неговата натамошна работа. Христијан Мицкоски со своите истомисленици ги активираа на највисоко ниво  двојните стандарди на политичко дејствување. Класична лицемерна вмровска политика. Ние сме за Запад, за членство во ЕУ и во НАТО, ние сме за решителна борба против криминалот и корупцијата, ние сме за владеење на правото и независност на судството, ама тоа да важи само за актуелната власт. Опозицијата и Никола Груевски и неговите соработници се жртви на прогон, невини и чесни луѓе, патриоти, кои се гонат поради политичка пресметка. Тажно и срамно беше деновиве да се слушаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како зборуваат за својот херој Груевски, иако божем имаат партиски став да му се одземе мандатот. Демек, пратениците груевисти за првпат во парламентарната историја на оваа политичка партија од говорницата на парламентот искажуваат став спротивен на партијата. Лесно читлива лицемерна маалска политика.

Доколку и СДСМ и ДУИ ја прифатат примамливоста на идејата да се укине Специјалното обвинителство или да се сведе на маргинална дружина претопена во сивилото на јавно обвинителство кое тешко ќе се определува да гони носители на актуелната власт и да ги истражува корупцијата и организираниот криминал на највисоките функционери, тогаш од европските престолнини Париз и Берлин ќе стасаат добри образложенија зошто Македонија ќе мора да почека уште извесно време со отпочнување на преговорите, со јасен став дека неказнивоста и попречувањето на СЈО да си ја работи својата работа се непремостлива пречка за почнување преговори со ЕУ.

Она што во оваа ситуација е најразочарувачки се заморот и индиферентноста на јавноста и на медиумите во Македонија. Спокојното гледање како се попречува правдата со оневозможување на СЈО и неговото ставање под строга контрола на политиката не претставува посилен мотив на ниту една невладина организација, на ниту една студентска, или синдикална организација, граѓанско движење за правда, да повика на бунт и демонстрации во негова одбрана, односно во одбрана на владеење на правото. Сликата која би сакале верувам големо мнозинство граѓани да ја видат е илјадници луѓе како демонстрираат пред Собранието кои бараат непречена работа на Катица Јанева и нејзиниот тим, оти криминалот и корупцијата се најголемото зло на Македонија. Не само непречена работа, туку и поголеми ингеренции на СЈО. Тоа е она што ѝ треба денес на Македонија и што ќе ги избрише сите евентуални  оправдувања на Брисел да не почнат преговорите со ЕУ.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *