Banner
Ориент експрес

Зошто ќе гласам за Пендаровски

stevo pendarovskiМоите читатели знаат дека ќе гласам за Стево Пендаровски, односно против каква било, па и најмала опасност и натаму да се попречуваат и пролонгираат европските перспективи, демократизацијата и побрзиот развој на државата и подобар и поквалитетен живот на идните генерации. На овие определби потрошив над 30 од 43 години поминати во професијата, редовно и упорно поддржувајќи ги евроатлантските аспирации и на Југославија и на Македонија. Со изборот на Пендаровски, современиците имаат историска шанса, но и обврска да ја продолжат и да ја завршат најзначајната работа за иднината на својата земја. А, тоа е Македонија да ги оствари своите стратегиски цели и да се спаси од сиромаштија, заостанатост, делби, крвопролевање и исчезнување.

Земјите на Југоисточна Европа и особено на Балканот се осудени на распаѓање, емиграции и масовни преселби, доколку не станат членки на ЕУ. Ова не е новина, некаква посебност само на далечното минато. Се случува и сега во 21 век, како и претходните векови. Тоа го имаат констатирано повеќе светски научници, чии факти, проценки и предупредувања не оставаат простор за дилеми. Доказ за исчезнување на државите и на делбите во поновата историја е Југославија, која ако станеше членка на ЕУ и на НАТО, како што се нудеа решенија и експресни европски перспективи со демократизација на општеството и со ново конфедеративно уредување, без хегемонија на една федерална република, да се надмине историски потрошениот модел – Југославија денес ќе беше на прво место далеку над европскиот просек пред сите новопримени членки од централна и источна Европа. Македонија излезе од тој пеколен казан единствена без жртви благодарение на Киро Глигоров, мудар претседател на државата, личност која беше учесник и континуитет од АСНОМ до независноста и кој ја прифати новата реалност да се изгради сопствена самостојна демократска држава. Неговата европска определба е јасно соопштена уште пред неговиот избор за претседател и пред прогласување на независна Република Македонија и која беше во целосна согласност со тогашните определби и на граѓаните и на политичкиот врв.

pendarovskiПо десетгодишен дисконтинуитет, кој сè уште трае и по падот на режимот на Никола Груевски, со силна спротивставеност и на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на идеите и определбите на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, и на сите стратегиски и развојни планови и програми, одлуки на Собранието, на сите ратификувани договори со соседите и со Брисел, во Стево Пендаровски препознавам личност која ќе ги надмине блокадите и суетите. Со преземањето на функцијата претседател на државата од страна на Пендаровски, истиот ден завршува политиката која ја практицираше 11 години ВМРО-ДПМНЕ преку строго партиски определениот претседател Ѓорге Иванов, чии одлуки беа диригирани од вмровската палата. Првата работа по заклетвата на новиот претседател уверен сум ќе биде да се потпишат во склад со Уставот сите закони кои се усвоени два пати во Собранието.

Постојат уште неколку силни причини за поддршка и во вториот круг на Стево Пендаровски. Прво, покрај тоа што со својата работа ја потврдил и докажал силната посветеност за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, знам дека е демократ и легалист и дека ќе биде посветен на функцијата придржувајќи се строго на своите уставни овластувања. Пендаровски нема да биде партиски претседател и тоа ќе го покаже со своите критички ставови јавно искажани кон грешките на владата и власта.

Човекот од Автокоманда е чесен, нема дамки во политичката кариера и е урбан тип со европски изглед и стил, целосно определен за добри меѓуетнички односи и соживот. Убеден сум дека на своите јавни настапи ќе ги жигосува сите погрешни политики кои ги засегаат граѓаните без оглед на нивната политичка, верска и национална припадност. Пендаровски добро ќе ја застапува Македонија и дома и во светот бидејќи беше во кабинетот на двајца претседатели кои беа ценети на меѓународната политичка сцена. Експресно ќе ја надмине изолацијата на Иванов и ќе биде примен од најзначајните и највлијателни лидери во светот, но што е особено важно ќе биде добро прифатен од првите комшии, бидејќи неговите ставови им се веќе добро познати. Ако ги изгуби изборите во фер натпревар ќе се огласи со честитка до победникот и ќе го признае поразот.

Сепак, најсилниот мотив за глас на Стево Пендаровски е неопходноста ВМРО-ДПМНЕ да биде поразена и на овие избори. Многу се брза старо-новото раководство да ја освои власта и преку Гордана Силјановска-Давкова да се врати во игра криминогената партија. Од првиот ден по смената на власта заговараат вонредни парламентарни избори. По 11 години неконтролирано владеење, само за две години им стана претесно во опозиција. Горчлив бил опозицискиот леб. Сакаат да се вратат на власт без да ги платат гревовите, без да се оградат од своите арамии, без да се извинат на граѓаните за големите злодела што ги направија. На почетокот на предизборната кампања ја жалев професорката Силјановска-Давкова која прифатила таква улога – да биде вмровски, божем натпартиски и непaртиски кандидат по сите тирании и грабежи што ги направи Груевски и фамилијата. Но како што течеше предизборниот натпревар стана јасно зошто професорката влегла во еден таков филм, јавната на црниот бран, што не ѝ прилега. Прво што направи во името на владеење на правото го оспори Преспанскиот мировен договор и ја тресна отворената врата кон Европа, иако и малите деца знаат дека без тој политички компромис нема да мрднеме од балканскиот батак. Потоа без потреба за политички поени го проблематизира и Охридскиот договор, кој е темел на меѓуетничката стабилност на државата. Го оспори законот за јазиците сметајќи дека тоа ќе предизвика одушевување кај Македонците. Најде сериозни фалинки и во договорот со Бугарија.

Не ја извади од уста максимата за владеење на правото и правда за Македонија. Но ниту еднаш не кажа на кого се однесува тоа нејзино имагинарно теоретско факултативно право. Дали тоа значи дека сите кои се огрешиле од законите и кои наоѓаат стотици можности да ги пролонгираат судските процеси и кои станале богати како кнезови со парите на граѓаните, треба да одат во затвор или да бидат на слобода. Дали Силјановска-Давкова препознава такви арамии во врвот на претходната еднодецениска власт или само во сегашната. Дали упадот во Собранието на 27 април е патриотски чин кој треба да се одликува со медали за храброст или крвав обид за државен удар. Не кажа ништо за тоа. Ја осуди селективната амнестија, ама не кажа ни збор за одговорноста на организаторите на овој чин на насилно попречување на конституирањето на Собранието. Не кажа ни еден збор осуда за аболициите и пишман аболициите на Ѓорге Иванов.

Тоа што Силјановска не знае кој се кавадарчани, а кон неготинци, од каде ѝ е свекрвата – дали од Кочани, Кичево или од Скопје, не ми пречи многу. Вообичаена работа кај расеан професор, особено на партиски митинзи. Но за две недели да ни продава стогодишна демократска еволуција, дека го прифаќа Преспанскиот договор како реалност, дека договорот со Бугарија безмалку е ремек-дело, дека Охридскиот договор е уставна категорија, дека стабилни меѓуетнички односи се нејзин идеал – е, тие приказни нека им ги кажува на своите студенти. Гордана Силјановска-Давкова, заедно со раководство на ВМРО-ДПМНЕ одредено од Никола Груевски, како негови чувари на престолот, се стави на погрешната страна на историјата. Затоа ќе бидат поразени, за да се спаси Македонија. Друго чаре нема.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *