Banner
Ориент експрес

Ципрас и Заев се искачија боси на Олимп

zaevcipras

Современиците на голем историски настан многу често не можат да ги одредат димензиите на значењето на тој чин иако биле непосредни сведоци. Треба да помине извесно време, научниците тоа го нарекуваат историска дистанца, за да се види големината на промените што ги предизвикале таквите настани. Преспанскиот мировен договор меѓу Грција и Македонија е епицентарот на еден таков тектонски потрес на Балканот што ги урна блокадите и ги брише предрасудите и болните пластови таложени низ вековите во свеста на граѓаните. Тешко оди, ама се бришат.

Силината и храброста на двајца политичари, премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, да се зафатат со разрешување на тежок инцидент на историјата и да се искачат боси на Олимп ја почувствува и виде цела Европа, а ја поздрави светот. Останува тоа да го видат и противниците во двете земји чии сведоштва не се на страна на жртвите и тие што страдаа од досегашната погрешна политика на омраза, а уште помалку се на страна на тие што денес ја исправаат таа историја. Бараат власт како казна за творците на новата ера на односите меѓу првите соседи која означува мир, развој и почитување.

За жал, од првата официјална посета на грчки премиер на Македонија ќе остане и една грда дамка која означи зошто премиерите Ципрас и Заев боси се качуваат на Олимп. Тоа е цензурата за интонирање на химните на двете земји и построената гарда. Не може да се верува дека станува збор за протоколарен пропуст. Тоа би било неизбришлива брука. Повеќе сум на мислење дека Заев направи уште една отстапка за Ципрас пред грчките избори за пратеници во Европскиот парламент што ќе се одржат во мај. Потегот може да се третира и како прагматичен, но во поинакви околности, особено ако во Македонија нема избори за 20-ина дена кои ќе бидат тест за сите потези по падот на режимот на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Изгледа Заев не пресметал добро колкава ќе биде штетата за претседателските избори во Македонија со неинтонирање на химните, како што не пресметал колку овој потег го дефокусира вниманието на јавноста од значењето на посетата и од потпишаните договори. Веројатно химните во некоја наредна пригода ќе бидат интонирани и испеани, но дамката ќе остане уште долго неисчистена.

Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, со химна или без химна, само по десетмесечна дистанца од потпишувањето на Договорот со прва официјална посета на грчки премиер на Скопје почнаа реализација на една нова фаза, многу поширока соработка меѓу двете земји. Веќе не станува збор само за правен документ со преземени обврски од претпазливост за заштита на националните интереси, на минатото, на културното наследство, на иднината и на патот кон евроатлантските интеграции. Напротив, одржливоста на договорот се потпира на сестрани добри односи и воспоставување пријателство и доверба, културна и економска соработка, меѓусебно почитување и уважување, поддршка и вистински комшиски односи, и за арно и за лошо. Соседите не можеш да ги избираш, исто како и родителите, браќата и најблиските роднини, затоа треба да се гради внимателно пријателството, особено ако е нарушено со децении. Алексис Ципрас и Зоран Заев во Скопје ја продолжија храбро својата мисија потпишувајќи повеќе меѓудржавни договори за продлабочување на пријателство и соработката давајќи пример на Европа и на Балканот дека сè она што до вчера изгледаше неможно и неостварливо, денес е реалност.

Обемот на потпишаните договори и протоколи најавите за големи инвестиции и економска соработка, за културна и воена соработка заедничките проекти во енергетиката, туризмот, земјоделството, образованието и здравството всушност ја навестуваат трајноста на Преспанскиот договор. Опозицијата во Грција, ако ја освои власта, веќе ја прифати неменливоста на Договорот и нема да учествува во попречувањето на Македонија да биде членка на НАТО и во остварување на реформите за влез во ЕУ. Останува тоа да го прифати и опозицијата во Македонија, иако е свесна за димензиите и значењето на веќе ратификуваниот договор. Очигледно сè уште се мисли дека потпишувањето на договорот од Преспа може да донесе казнени поени за власта на претстојните избори. Тоа е голема заблуда, како што е заблуда и кај власта дека само со подобрување на односите со соседите и со членството во НАТО и отпочнување на преговорите може да ја задржи власта. Навистина историски се чекорите за отворање на патиштата кон Европа, но јавноста во Македонија ги чека со многу поголем интерес првите поопипливи резултати во подобрување на стандардот и квалитетот на живеење, што е најважната и основната мерка за успешноста на една влада и едно општество. Се разбира, не помалку значајни се борбата за владеење на правото и против организираниот криминал и корупцијата, која веќе дава почетни резултати во воспоставување на доверба во правосудниот систем, заедно со создавање на амбиент за одговорност и отчетност на функционерите. Тоа се главните стожери на идните реформи, кои треба да го означат почетокот на преговорите со ЕУ по успешните, веродостојни и фер претседателски избори.

Ете, се случи и тоа – грчки премиер со половина влада и стотина деловни луѓе да допатува во Северна Македонија во пријателска посета, не се помрднаа ни Олимп ни Водно, не претече Вардар, сè си остана на свое место. Со испеани химни или без химни тоа означува крај на една темна страница во историјата меѓу двете земји. Филозофот и писател Кица Колбе, која извонредно добро со големо чувство на реалност и познавање на историските и животни настани меѓу грчкиот и македонскиот народ ги толкува работите за историската посета на Скопје, го поставува прашањето може ли токму премиерот Алексис Ципрас да стане идниот Вили Брант на балканската мировна политика. Она што сега се случува во Европа и на Балканот недвосмислено укажуваат дека се многу потребни личности во политиката како Вили Брант. И Ципрас и Заев се свесни за жртвата што треба да ја поднесат како Брант. Надежта е дека во изминатите децении и во Европа и на Балканот сепак превладува здравиот разум барем доволно да не победи национализмот, примитивизмот, егоизмот и силите што влечат назад.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *