Banner
Ориент експрес

Осумте величествени повторно јаваат

И јас би играл така во првото полувреме да бев на нивно место. Осумте величествени одметници од ВМРО-ДПМНЕ, поточно (седум плус еден од СП) направија две убави работи. Една добра за сите, друга само за нив и уште понекој. Првата, беа јазиче на кантарот кое превагна за европската иднина на Македонија. Обезбедија потребно мнозинство во Собранието, гласаа за уставните промени произлезени од Преспанскиот договор. Историски значаен настан за сите граѓани. Втората работа, судбоносна за нив лично, одбегнаа соочување со правдата, односно да не одат во затвор, тие и нивни блиски луѓе. Избоксуваа амнестија. Добар пазарлак. Тие добија слобода, а Македонија отворен пат кон евроатлантските интеграции. За нас многу туѓо и неразбирливо, за светот вообичаено и прагматично секогаш кога се работи за повисоки цели и државни интереси. Сè се пресметува со ќар или зијан. Друга математика нема.

Сега осумте величествени пак јаваат. По барање лично на Христијан Мицкоски како чин на извинување, се враќаат на местото на злосторството, каде што беа обесени на столбот на срамот, од каде што беа прогонети и анатемисани. Тие се замолени од партискиот суд на ВМРО-ДПМНЕ да одлучуваат пак за судбината на Македонија – дали ќе ги почне преговорите со ЕУ или не. Не чудете се, еднаш „да“, друг пат „не“ за иста работа , сè е дозволено во политиката. Зависи од позицијата, односно од кантарот на односите меѓу силите. Каде што превагнува, таму е добивката. Величествените сега можат сербес да му судат на судството, кое требаше да им суди нив. Многу е извесно дека нивниот глас може да биде пресуден и за новиот закон кој ја регулира работата на двете обвинителства, специјалното и редовното, што е предуслов за отпочнување на преговорите со ЕУ. Глас против СЈО е глас против евроатлантските сојузи, но и глас за нови пазарења меѓу политичките партии, нови помирувања и амнестии и спасување целиот компромитиран и криминален врв на ВМРО-ДПМНЕ од времето на ерата на груевизмот.

Што да се каже после ова, а да не се заплаче, ми пишува читателка. Жална Македонија. А, можеме и да се смееме до солзи ако стаса одговорот од засегнатото судство, да отвори нови судски постапки и истраги во кои ќе се најдат осумте независни и уште некои многу лојални на новото партиско раководство кои имаат неисцрпни идеи за попречување на правдата. И така со ред, секој ден да бидеме неми сведоци на упропастувањето на Македонија и нејзината иднина. Деновиве во разговор со еден колега од странство му кажувам дека сите релевантни политички партии и лидери се за владеење на правото, тоа им е омилена тема, особено сега пред претседателските избори, сите се против криминалот и корупцијата, сите се за членство во НАТО и во ЕУ, сите се за повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните, сите за подобро образование и подобра здравствена заштита, сите се големи поборници за почиста човекова околина, сите се за демократија и слобода, за побрз економски и општествен развој. Ме гледа како мува што се дави во матеница. Се смее, ја знае ситуацијата кај нас. Вели, тогаш немате проблем ако сите се ЗА. Имаме и тоа огромен, некој многу лаже, му велам. Кој, прашува. Сите, одговарам. Некој повеќе, некој помалку, ама сите лажат. Тогаш кажете им го тоа на граѓаните. Им кажуваме, велам. И!? И ништо… сите им веруваат на своите лидери, на своите колумнисти и на своите медиуми и новинари, а најмногу на социјалните мрежи, кои се уживанција за колективен сеир. Има и такви бааги кои не веруваат никому. Тогаш, немате проблем, зрели сте за во ЕУ. Пак се смее циникот.

Порано за време на владеењето на Никола Груевски ни беше многу полесно. Имаше само една вистина. Таа на режимот. Немаше дебати и полемики меѓу луѓе што различно мислат. Ќе се собереа на главните телевизии по пет шест истомисленици, ги откриваа со име и презиме предавниците, кодошите и непријателите на државата кои различно мислат. Ги обелоденуваа странските платеници кои не сакаа да ги видат големите успеси дека со мудрото раководство сме станале светски прваци во економскиот развој и бизнис-клима.

Непослушните новинари и газди на медиуми завршуваа во затвор за пишани текстови и лоши новинарски истражувања. Се нарачуваа експресно тешки глоби колку неколкугодишни новинарски плати. Се договараа судски пресуди по телефон до десет години затвор за политичките противници, особено за оние кои ја изневериле коалицијата на власт. Се затвораа телевизии со по стотина години затвор за менаџментот, се гаснеа весници некогаш и по три водечки во исти ден. Немаше телевизиски дуели меѓу власта и опозицијата, или преговори, помирувања и слични глупости. Премиерот Груевски и министрите поентираа на емисии кај своите телевизии и новинари без да бидат изложени на непредвидени непријатности. Сè течеше како што си е договорено. Ова сега на ништо не личи, секој може да пишува што сака, да дебатира, да прогнозира, да се јавува и да ја поздравува емисијата и водителот, да исплука кого сака и патем да каже како да се спаси Македонија од домашниот и светскиот заговор.

Сè беше добро и како што треба додека не се замешаа ЕУ и големите сили, особено Америка и направија сценарио како да го урнат најдобриот и најспособниот и најчесниот премиер во историјата на Македонија. Го донесоа Заев фатен за уши, со монтирани телефонски разговори во џебот, го измислија СЈО, ги наместија изборите само Македонија да си го смени името и Македонците да останат без национален идентитет и без македонскиот јазик. Катастрофа, сè направија да не вовлечат во една мочана Европа која е на распаѓање и кај „НАТО-зликовците“.

Во суштина, во ек е уште една голема војна на делби со неопходната радикализација и доза на омраза во битките за власт. Се бара апсолутна власт, без оглед дали станува збор за локални или парламентарни или претседателски избори. Така им е полесно на лидерите да владеат. За да се предводи коалициска влада, да се биде претседател на државата или градоначалник на сите граѓани, не треба камшик, треба ум, подготвеност на компромис и толеранција. Само што почнавме со ум и со компромиси сите за нешто уценуваат. Се плашам ќе го вратат камшикот. Се лажат ако мислат дека ќе удира само по туѓ грб.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *