Banner
Ориент експрес

Ни треба сенародно движење за Европа

eu

Претстојните избори ќе покажат нешто многу позначајно од изборот на претседател на државата.

На 5 мај, но можно е уште на 21 април, граѓаните да потврдат точно колку е голема нивната определба во догледно време од шест до десет години да ја видат својата татковина во европското семејство. Тоа би била најсилната и најзначајната порака ако победи евроатлантската ориентација бидејќи никогаш не била доведена во прашање кај мнозинството граѓани од првиот ден на независноста. Сега кога првпат е остварливо тоа и сосема реално ни треба претседател кој со својата досегашна работа дал значаен придонес на патот кон членството во НАТО и во ЕУ и кој никогаш не ја доведувал во прашање европската иднина на својата земја.

На Северна Македонија, како влез во новата ера ѝ треба како насушен леб претседател предводник на сенародното движење за Европа. Во Стево Пендаровски препознавам таква личност која може да го понесе тој товар, иако меѓу спомнуваните како можни претседателски кандидати имаше повеќе познати политичари, дипломати и интелектуалци кои можат да бидат на чело на државата во ваков значаен историски период. Факт кој може само да радува и да даде голем придонес кон обединувањето на граѓаните во сенародно движење на европска платформа. На претседателските избори тоа би била најсилната порака дека не е доволно само на митинзи и на медиумски дебати политичарите вербално да се определуваат за Европа, а зад нивните празни зборови сè уште се кријат големи резерви за членството во НАТО. Во недостиг на алтернативи и аргументи тоа го оправдуваат со неприфатливост на отстапките од Преспанскиот договор, редовно премолчувајќи дека договорот со Грција е незаобиколив предуслов за прием во НАТО и за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Првичното категорично отфрлање на договорот со Грција како капитулантски, откако брзо се виде бесмисленоста на непостоечките идентитетски загуби, се ублажи со уште поголема будалаштина дека е можен подобар договор кога двете опозиции и во Грција и во Македонија ќе дојдат на власт. Се разбира, никој при здрава памет не им верува на водачите на двете опозициски страни и во Грција и во Македонија кои бараат подобар договор со популистичка и националистичка кампања дека е извршено предавство на националните интереси и на Грците и на Македонците. Во тоа не веруваат ни самите опозициски лидери, но силно веруваат дека тие националистички лелеци за спасување на националните интереси носат добри поени на избори за освојување на власта. Кога велат дека ќе направат подобар договор, тие мислат најдобро е да нема никаков договор, или евентуално само таков кој ќе го издиктираат тие самите. Тоа би значело Грција да остане таму кај што е, а Македонија да биде најголемиот губитник заглавена и натаму до гуша во балканскиот батак без членство во ЕУ и во НАТО со голема изгледност за распаѓање.

Во суштина, главната претседателска трка ќе се води на два фронта. Првиот дека сите се за ЕУ и за НАТО, што е чукање на отворена врата, а вториот фронт, вистинскиот, е за тоа дали тие што го потпишаа Преспанскиот договор треба да бидат казнети или наградени. Или, пак, ќе бидат казнети тие што 12 години нè држеа во изолација со оправдувања зошто сите наши соседи нè претркаа на патот на прогресот. Опозицијата бара казна, а актуелната власт смета дека е направен историски исчекор за подобра иднина на граѓаните, што го признава целиот свет. Ако сите се за ЕУ и за НАТО, тогаш Преспанскиот договор, најблаго кажано, треба да се прифати како помало зло, отколку воопшто да нема договор бидејќи во земјата одамна на сите им е повеќе од јасно дека без заеднички прифатливо решение со Грција нема членство во ЕУ и во НАТО и нема европеизација на земјата. Таквото решение е веќе донесено и тука не може ништо да се промени. Најавите на опозициските натпартиски кандидати дека со меѓународни арбитражи и толкувања на познати правници и научници може да се промени, или подобри договорот се само безвредна празна слама која во изминатите децении на преговори со Грција беше често присутна. Го имавме предлогот на Робер Бадентер дека само Словенија и Македонија ги исполнуваат условите да бидат признати, ја имавме хашката пресуда на наша страна, имавме признавање на уставното име од над 130 земји, меѓу кои и најголемите светски велесили, имавме поддршката на голем број светски медиуми и јавни личности, државници и научници. Сето тоа не беше доволно да се промени ставот ниту на НАТО, ниту на ЕУ, ниту на ОН кои го употребуваа привременото име ПЈРМ , без никакви шанси да се почнат преговорите со ЕУ, или да се стане членка на НАТО ако не се најде заедничко решение со Грција.

Сега повторно кандидатот на опозицијата, професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, ни го нуди истото изветвено и потрошено решение за задоволување на правдата само во друго пакување. Таа вели дека ни на крај памет не ѝ е да не ја признае реалноста дека Преспанскиот договор е завршена работа, ама ќе покрене меѓународни активности и уставни промени кои можат доведат до подобри решенија за веќе стекнатите етнички права. Мижи Асан да ти баам. Ем ќе ја прифати реалноста ем ќе покрене меѓународна ревизија на Договорот со Грција. Си мислам дали е можно дека сè уште има луѓе кои можат да поверуваат дека и Брисел и ОН и НАТО и сите кои вложија огромен труд да решат еден нерешлив проблем ќе се зафатат да исправаат крива Дрина.

Се разбира дека професорката е доволно мудра да знае дека тоа е невозможна мисија. Таа игра на картата на ВМРО-ДПМНЕ дека за членството во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ треба да се казнат од граѓаните со нејзин избор бидејќи за тоа е платена превисока сцена, а таа кога ќе стане претседател не само што ќе биде врховен командант на НАТО армијата на Северна Македонија туку ќе ги забрза и преговорите со ЕУ. Целата работа за која е свесна и самата професорка Силјановска-Давкова е дека таа е последната шанса за спасување на криминалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ. Силјановска-Давкова не мора своерачно да ги потпише амнестиите и аболициите за спасување на вмровската врхушка која ги ограби граѓаните, која формира злосторничко здружување за фалсификување на избори, меѓу другите и претседателските избори кога му беше украдена победата на Стево Пендаровски. Силјановска-Давкова ќе учествува на еден друг начин во враќањето на Никола Груевски и во аболирањето на сите обвинети што се товарат за тешки кривични дела, на организаторите и нарачателите на крвопролевањето во парламентот на 27 април 2017 година, настани кои ги имаа сите обележја на државен удар и обид за убиства на пратеници. Сите организатори на овој терористички акт се функционери од највисокиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ. Без ниту еден збор на осуда на сите овие злодела Силјановска-Давкова, веќе е прогласена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како победничка и претседател, мајка на нацијата. Како што самата најави, нејзината победа треба да означи делегитимација на актуелната власт и уривање на „заевизмот“. Со други зборови, враќањето на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ на власт почнува со избор на новиот претседател, кој ќе биде континуитет на досегашниот, Ѓорге Иванов. Ова не е и не може да биде стратегијата за прифаќање на европските вредности и стандарди и на претстојните тешки реформи. Ова не е прифаќање на реалноста на членството во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ. Ова е очаен националистички повик да се казни актуелната власт која го урна Груевски со веродостојни избори и го отвори патот на Македонија кон Европа.

Тие што го потпишаа Преспанскиот договор треба и да го спроведат во практиката. Исто како што и тие што се против треба да го поништат. Нема ништо пологично и поправедно. Не може тие што се против да спроведуваат капитулантски договор штетен за националните интереси ниту, пак, тие што се потписници да го поништат и да ја вратат земјата поназад отколку кај што беше пред 12 години. Вреди за ова да се размисли добро пред да се одлучи на кого ќе му се даде довербата. Се работи за иднината на државата и на граѓаните.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *