Banner
Ориент експрес

Која врата не можеше да ја отвори Груевски?

gruevski silueta

Освен Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници, никој во Македонија не се изненади кога државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и обвинителката и шеф на одделот за организиран криминал, Вилма Русковска, на конференција за печат соопштија дека по опсежна истрага се утврдени повеќе докази за функционери од највисокиот врв на ВМРО-ДПМНЕ како организатори и нарачатели на крвопролевањето во Собранието на 27 април 2017 година. Долго време тоа го знае цела држава, многу добро и изворно го знае и Мицкоски, но разбирливо судот бара цврсти докази. Откако по долга истрага се дојде до доказите, според изјавите на обвинителите, водачите на партијата ќе бидат обвинети за тешко кривично дело што ги има сите обележја на обид за државен удар и на обиди за убиства на пратеници. По ваков криминален, антидржавен и морален дебакл Мицкоски се одлучи на одбрана со агресивен напад и со лесно читливи сценарија како што е инцидентот во Шутка на министрите кои се меѓу осомничените за крвавиот четврток. Пораката требаше да биде дека албанските терористи ги тепаат во истражен затвор македонските патриоти.

Поради пропусти во истражниот затвор, еден напумпан инцидент, споредено со ужасите во македонските затвори кога се нарачуваа тортури, се претвори во национален проблем број еден кој треба да го покрие големото злодело и да ја попречи правдата по обелоденувањето на организаторите и нарачателите на крвопролевањето на 27 април 2017 година. Мицкоски воведе своја партиска судница и веќе изрече неколку пресуди што ќе се прави кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на власт. Побара партиски јавен обвинител да се озакони државниот удар и сиот 12-годишен грабеж како ништо да не било. Тоа би било во склад со предизборната претседателска кампања за владеење на правото на истиот начин како за време на ерата на режимот на Груевски кога се судеше, крадеше, рекетираше, корумпираше и вработуваше со партиски книшки и негов личен амин.

Ете, тоа се причините за драматичниот јавен настап на Мицкоски по обелоденувањето на наодите кои се организаторите и нарачателите на насилното попречување да се конституира Собранието и да се избере претседател и влада. Се потврди јавниот сомнеж дека хаос и безредија биле планирани за да се создадат услови претседателот на државата да прогласи вонредна состојба која требало да обезбеди непроменливост на власта, и покрај веродостојните избори. Одолговлекувањето со месеци да се извршат уставните обврски од страна на поразената власт и на претседателот на државата предизвикаа конфликтна состојба која кулминираше со организиран упад во Собранието. Кога јасно и гласно двајца искусни обвинители кажаа дека зад крвавиот четврток стојат поранешниот премиер, поранешниот претседател на Собранието, поранешни министри, високи началници на полицијата и припадници на тајната полиција, тогаш тоа е доволно за голема вознемиреност и паника во ВМРО ДПМНЕ и целосно компромитираното водство, чии злодела уште долги години ќе ја потресуваат јавноста и ќе нанесуваат големи штети доколку правосудниот систем во земјата не функционира и судовите не работат како независни институции.

Луѓето што се непристрасни сведоци на настаните знаат дека нема таква врата која во април 2017 година не можеше да ја отвори Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и човекот кој 12 години неприкосновено и без контрола владееше небаре како некрунисан цар. Знае ли некој во земјата кои се тие врати кои немаше да бидат отворени во Собранието, или каде било, ако врховниот партиски штаб, претседателот на партијата и најмоќниот човек во државата, претседателот на Собранието, началникот на полицијата и министри издадат наредба за напад. Не само вратите, ќе се урнеа и ѕидовите на парламентот кога оваа машинерија на режимот издава директиви за спасување на Македонија. Тие сопственото спасување од законот го нарекуваат спасување на Македонија.

Обвинителката Русковска, иако видливо го мери секој изговорен збор трипати пред што било да каже, звучеше прилично неуверливо кога соопшти личен став на хипотетичко прашање, дека немаше да дојде до крвопролевање ако не се отвореа вратите на Собранието. Лоша процена и недоволно обмислена, која прерасна во главна вест за да се оттргне вниманието од тешкиот обвинителен акт за осмислена организација за државен удар,за вонредна состојба и за крвопролевање. Демек, ако двајцата пратеници, опфатени со законот за амнестија, не ги отвореа вратите, другите 50 ќе беа против ваквото сценарио и немаше да ги исполнат наредбите на партискиот врв, а полицијата навреме ќе интервенираше против патриотите кои премногу си ја сакаат татковината и немаше да дозволи наелектризираната маса поттикната од организаторите и нарачателите да упадне во парламентот. Дали Трајче или Мирче ќе ги отвореа вратите, ништо немаше да смени во планот. Вжештувањето на атмосферата до точка на вриење беше создавана тие денови од главниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и оперативниот штаб во Виена. Мирните секојдневни протести не беа доволни за остварување на целта, па како што стануваше поизгледно дека власта мора да замине во опозиција и да се соочи со правдата, организаторите стануваа се поагресивни во своите повици на востание. Никола Груевски ги повика граѓаните да не седат дома во папучи бидејќи во прашање е државата. Се редеа говорници со воинствени повици и лелеци да се спаси Македонија од предавници кои во спрега со Албанците и Америка ја преземаат власта за да ја продадат државата и да го сменат името.

Критичниот ден беше денот кога се вршеше избор на претседател на Собранието, кога требаше на тоа место да седне Албанец. Командантот итно замина за Виена со стокмено алиби „јас не бев тука“. Тој никогаш не беше тука кога требаше да се заврши некоја валкана работа, како што и сега не е тука кога треба да се сноси одговорноста за тешките промашувања. Кога работите излегоа од контрола на 27 април 2017 година и не дојде до очекуваната разврска и прогласување на вонредна состојба, се огласи со осуда отсутниот организатор од Виена. И, сега повторно, откако ја слушна веста дека е меѓу главните обвинети за организација на крвопролевањето на 27 април во Собранието на Македонија, Груевски се пофали дека тој прв го осудил тој насилнички чин. Ова е навистина силен адут и доказ дека Груевски е невин и не му се окрвавени рацете. Не бил убиецот на местото на злосторството, туку бил прв кој го осудил ова ѕверство кое настанало спонтано од револтирани патриоти. Кој може да верува во ова во земја во која не можеш ни роденденска забава да направиш ако не е организирана, а не напад на Собрание и попречување на неговото конституирање.

Го осуди насилството и тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, кој седел спокојно во својата канцеларија задлабочен во работата. Тоа што ечел парламентот од врисоци и обиди за линч, што имало и пукање, тоа воопшто не го вознемирило претседателот да види што се случува во неговата куќа. Тоа не му било во описот на работното место. Исто и на првиот човек на полицијата нигде не му пишувало кога и како да интервенира. Тоа било негова слободна проценка. И, така, со ред никој не е крив за преголемата љубов кон татковината се додека не стасаа доказите. Е, сега треба да се смисли нешто што ќе ја спречи оваа најнова, би рекол, клучна судска разврска.

Христијан Мицкоски театрално со закани во стилот – ќе видите вие кога ќе се вратиме на власт, во суштина очајнички во одбрана на неодбранливото соопшти дека има сознанија за нарачани убиства од страна на власта, Сигурно јавниот обвинител Љубомир Јовески ќе го викне Мицкоски да ги каже своите сознанија за злосторства кои тој знае дека се подготвуваат како политичка пресметка. Ако блефира и ја заплашува јавноста треба да се соочи со казната за вознемирување и за поттикнување на конфликти и дестабилизација на земјата. Судот не треба да ја губи самодовербата и да попушта пред чии било притисоци во оваа најзначајна фаза од воспоставувањето на правната држава.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *