Banner
Ориент експрес

Врховниот суд го оживува груевизмот

sudПопречувањето на правдата од страна на  државен орган,   кој  се нарекува Врховен суд на Македонија е  најсрамната одлука која ја искажал еден суд во земјите кои имаат парламентарен политички систем. Забраната за натамошна и досегашна работа на специјално, или било кое државно обвинителство, спречување  да се гонат  носителите на организираниот криминал и на  корупцијата,  на обвинети  политичари кои се од врвот на власта и центрите на моќ од страна на  ненадлежен суд   самоунапреден во политички и преки суд,  во нормални држави е директен удар врз општествениот и правниот поредок. Тоа е укинување на  парламентот , понижување и деградација на највисокиот законодавен дом, тешко злодело против сите граѓани. Тоа е државен удар, терористички акт еднаков,  ако не и потежок, од крвопролевањето на 27 април 2017 година.

Последиците врз правосудниот систем со оваа одлука на судот кој   се претставува  како  Врховен,  ако Собранието веднаш не ги  отсрани обидите за попречување на правдата  и со тоа  стане соучесник во одбрана  на криминалот, ќе бидат поголеми од сите амнестии и аболиции. Тоа е полошо од секоја судска одлука, дури и од ослободителна на сите осомничени против кои се видат судски  постапки. Тоа би било практично прогласување на Македонија за царство на непречено  владеење на криминалците. Врховниот криминоген судија   го укина  успешниот  обид да завладее правото, ја укина правната држава во својот зачеток.  Ако слободно се толкува одлуката на Врховниот заштитник на ограбувачите на граѓаните, како што тие судии ги читале и толкувале датумите за престанок на работата на СЈО  и  отфрлање во доказната постапка од незаконски прислушуваните телефонски разговори како што тие  врвовинки од судии изгласале смртна пресуда на правниот поредок со укинување на работата на СЈО, тогаш тоа  може да се нарече  оживување и обнова на груевизмот, кој и онака се уште е прилично жилав. Недостасува  уште објавата потпишана лично од претседателот на Врховниот суд Јово  Вангеловски веднаш  Никола Груевски да се врати од прогонство, со извинување за неправдата што му е направена и со замолница да ја води државата и ако може  да им прости на неговите прогонители.

Што се прави во вакви ситуации во држави во кои има еклатантен атак врз правниот и општествено политичкиот и економскиот систем. Прво, Собранието кое го има донесено законот за работа на Специјалното обвинителство треба  да  го разреши   случајот на преземање на неговите  надлежности од страна  на суд кој ја злоупотребил својата положба и донел одлука за која не е надлежен. До кој датум  СЈО може да покренува истраги и судски постапки и за статусот на СЈО треба да одлучи  парламентот со тоа што јавноста ќе дознае кој стои зад овој  субверзивен акт на подривање на системот и на работата на Собранието.

Истовремено јавниот обвинител на Република Македонија има обврска  да покрене истрага за обидот да се попречува правдата од страна на Врховниот суд. Тешко е да се верува дека  станува работа за домашна задача напишана од двајца адвокати за одбрана на своите клиенти. Очигледно  во прашање е нешто многу покрупно што треба да го поништи, обезвредни, понижи и угасне највредното нешто во македонската болна и мачна транзиција, а тоа е Специјалното јавно обвинителство. Овој срамен и застрашувачки  потег  да се укине СЈО ако се толкува според критериумите на ненадлежниот Врховен суд  е освета на мафијата, доказ за нејзината недопирливост. Следната постапка ако не се преземе расчистување на овој случај без преседан да се стави ад акта, да се архивира и уништи криминалот од ерата на груевизмот на очиглед на јавноста  е сигнал  некој друг суд, оној   на Дон Корлеоне да донесе и изврши  смртни пресуди на обвинители кои го истражуваат криминалот не само на поранешните власти, туку и на актуелните.

Се прашува ли некој  што прави владата во ваква катаклизмична ситуација на уривање на правниот поредок и на преземање на надлежностите на Собранието од страна на еден суд, па макар се викал и врховен. Ништо.

Буквално ништо. Владата е презафатена со влезот во НАТО и со домашните кавги кој ќе биде избран за кандидат за претседател на државата. Има ли некој таму да им каже доволно јасно и гласно алооо што ви требаат сите тие успеси ако со вас и со државата управува мафијата.Во овој случај со укинување на Специјалното јавно обвинителство и владата станува соучесник не само со Врховниот суд за попречување на правдата, туку ортак со носителите на криминалот на своите предходници. Тоа би бил  проглас на срамен пораз со озаконување на криминалот и помирување со криминалците. Премолченото поништување  на злоделата од најголемото нарушување на човековите права во независна Македонија со држење под надзор на илјадници граѓани и јавни личности со години е најтешкото кривично дело, морален дебакл, тешка казна  на  тие што ја ослободија заробената држава. Такво нешто не смее да се случи. Бадијала би биле и сто договори со Грција. За што би преговарале во тој случај со ЕУ. Како да се ограби непречено сопствениот народ, или како да се направи иделна амнестија на корумпирани политичари со укинување на правдата. За какво членство во НАТО чекаме покана, ако е прифатена поканата на Коза Ностра која ја спроведува Врховниот суд.

Владата и премиерот  Зоран Заев носителот на откривањето на најголемите злоупотреби на власта на претходниот режим во рамките на своите надлежности мораат да ја покажат својата подготвеност за давање  траен мандат на СЈО не само за случаите на евидентни тешки кривични дела кои се откриваат со истрагите каде појдовна основа се незаконски прислушкуваните разговори, туку за непречено гонење на  криминалот и корупција на носители и на сегашната  власт. Специјалното обвинителство со своите 150 вработени  обвинители,истражители, економисти и компјутерски стручњаци и со својата техника  и според своите досегашни  истраги и судски постапки не само што заслужува целосна подршка, туку е светол пример на воспоставување доверба во правосудниот систем и во владеење на правото. Специјалното обвинителство со својот траен мандат како независно тело кое гони криминал и корупција во врвот на секоја власт е нешто најдобро што може да и  се случи на Македонија. Затоа нов предлог закон што треба да ги зголеми надлежностите на СЈО треба под итно да стаса во парламентот со европско и со замињата на сите народи кои живеат, работат и страдаат од  грабежот и злоупотребите на власта. Ако соработката меѓу криминалците и корумпираните политичари е на исто ниво меѓу власта и опозицијата  во паламентот, тогаш, не би имало никакви пречки да завладее правото и во Македонија во идеална соработка на редовното и специјалното јавно обинтелство и меѓу  сите надлежни институции за борба против криминалот и корупцијата. Редовното јавно обвинителство треба да се претопи во Специјалното, а не обратно.

Од вимето на државната каса  цицаат илјадници вработени кои се добро платени да ги откриваат и гонат  криминалците. Кога некој  ненадлежен со нарачка на мафијата, или на политиката ќе го обезвредни и она малку што го сработиле сите тие институции и служби се огласува тревога за спасување на државата. Дали занаете колку обвинители, судии и судови во сите инстанции , колку полициски, финансиски, инспекциски, ревизорски, антикорупциски, разузнавачки, даночни и други  државни служби работат на сузбивањето на организираниот криминал, корупција, одбегнување даноци и перење пари.  Нема да згрешите ако кажете над десет илјади луѓе. Нивниот учинок е катострофален ако се мери по тоа колку луѓе од политичкиот врв во докажана и чиста судска постапка сместија во затвор со примена на постојните закони. Во државите кои се со најмала корупција и најмалку организиран криминал има повеќе пресуди за затајување на даноци, за корупција и заносителите  на спрегата меѓу мафијата и политиката, отколку во Македонија која е се поблиску до дното на корумпираните држави.

Ако и овие факти не се доволни да се прогласи војна на криминалот и корупцијата  и да се зголемат надлежностите и независноста за непречена работа на СЈО тогаш не преостанува ништо друго, туку на подолг рок да се збогуваме со владеење на правото и со Европа.Молкот на власта, на опозицијата  и на Собранието за упадот на Врховниот суд со попречување на правдата е виза  за реставрација на груевизмот.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *