Banner
Ориент експрес

Во Македонија сите го прават тоа

kumanovo fake news

Во око ми падна опширната информација објавена во македонските медиуми за истражувањето на белгискиот новинар Мартен Схенк, чиј текст осамнал на насловните страници на сите белгиски весници и на ударните вести. Овој ловец на лажни вести открил дека во Македонија постојат цели мрежи за производство на лаги и дезинформации. Тоа кај нас е општопозната работа со која веќе научивме да живееме и работиме и која посебно не нè возбудува, освен кога ние самите не сме жртви на масовната злоупотреба на порталите и разните интернет-страници и блогови, кои за еден миг на прогресивно умножување на социјалните мрежи можат да ве направат мивка пред очите на целата јавност. Ако се обидете да демантирате аргументи што ќе ги изнесете, можат само да ве дозакопаат ако веќе лавината тргнала да се тркала собирајќи нови и нови лаги на која секој може да додаде уште понешто.

Се разбира, белгискиот новинар многу не се мачел околу македонските политички и етнички и секакви други пресметки туку тој со месеци макотрпно работел да открие за каков бизнис се работи на меѓународен план и влијанието на македонските мрежи на политичката сцена во Америка во прилог на претседателот Доналд Трамп и, како што тврди, за секоја ваква лажна вест се добива сто долари, а дневно се емитуваат стотици такви вести. Овој пат не се работи за велешките хакери и нивното влијание на американските избори, тоа е веќе стара приказна изверглана во светот, но истражувањата не открија кој стоел зад велешките компјутерџии, туку сега станува збор за сосема други, исто така, „автентични“ мрежи. Но она што го зачудило Белгиецот, а на тоа што ние сме рамнодушни, дури и го браниме како демократска придобивка, е одговорот на една од главните фигури која стои зад една од централните мрежи, извесен кумановец Срѓан Цаго, кој кога го исконтактирал новинарот од Белгија рекол: „Сите во Македонија го прават тоа“. И точно, ништо не згрешил Цаго кога го кажал ова. Во Македонија можете комотно на кого сакате да му го загорчите животот за една минута без никаква одговорност, дури и ќе бидете заштитени од разните еснафски новинарски здруженија, како дел од борбата за слобода на медиумите. Заштитени сте и со закон како демократска придобивка. Ако, пак, покренете граѓанска судска постапка против непознат или ептен познат сторител, и адвокатот и обвинителите ќе ве советуваат да не си го трошите бадијала и времето и парите.

Меѓутоа, не е загрижувачка само состојбата со анонимните фабрики за производство на лажни вести на порталите, блоговите и разните сајтови, на Фејсбук и на другите мрежи. Погледнете ги другите медиуми кои себеси се прикажуваат како високо професионални вклучувајќи ги и националните телевизии и весници и нивните онлајн изданија.Таканаречените емисии со пациенти, медиумски бофл и ѓубре сè уште лажно се прикажуваат во јавноста како висок дострел на демократијата. Познати уредници, професионалци, разговараат како психијатри со клиентите кои примаат терапија со тоа што им овозможуваат тоа што го имаат на срце и на душа да си кажат и така да ги олеснат маките и тегобите. Тие после своите јавни настапи се чувствуваат многу подобро и особено откако ќе поплукаат и ќе избербатат кого сакаат, по што следува оградата на уредникот во познатиот стил: Е, не може така, не е во ред така да се зборува и лутито ќе го исклучат пациентот од колективната терапија. И така со ред до следниот гледач, кој ја поздравува емисијата и редакцијата со пцости и вулгарности на општо смеење и сеир. Следува мудриот заклучок на водителот: Ете, почитувани гледачи, нè има и вакви.

Па, дури и она што кај нас се нарекува дебата кога најмалку двајца соговорници зборуваат истовремено и не можете ништо да разберете водителот и полемичарите преку директна интернет комуникација добиваат пофалби и критики за своите јавни настапи на надзборување. Кој повеќе зборувал, тој е победник. Тоа што не можете ништо да разберете кога сите зборуваат наглас, сосе водителот, не е најголемиот проблем, туку тоа што ќе го разберете и ќе го чуете кога ќе биде јавно гилотиран некој што не е присутен. И повторно онаа позната реченица на уредникот, кој високопрофесионално интервенира откако јавноста ќе слушне како на некој му ги расплакале и мајката и децата. И, внимавајте, додека се свртите, тие пикантерии веќе со два потега на компјутерите се преобјавуваат од Австралија и Америка, преку Африка и Азија и отаде Антарктикот, до Европа, преку целата планета, директно до вашата маса, вдолж реката Брегалница, што би рекол Јован Цвијиќ, и понатаму низ цела Македонија. Што да ви кажам, браво дечки, емисијата беше многу добра. Им ја е….е мајката на сите. Алал да ви е.

Не знам кога и како ќе се ослободиме од ова зло и злоупотребата на еден од најголемите и најзначајните изуми на 20 век, интернетот, но ќе мора по примерот на многу земји да се преземе нешто за заштита од јавно спалување на луѓе на електронските клади. Не е тоа ограничување на слободата и демократијата, туку заштита на човекот и неговата околина.Точно е дека политиката може ова да го злоупотреби за да ги ограничи вестите и информациите, кои политичарите и моќниците не сакаат да допрат до јавноста, но точно е и тоа дека законите можат да ја одредат границата што е цензура, што е политички притисок и на центрите на моќ, а што е производство на лажни вести. Тоа е веќе предмет на сериозни заложби и во ЕУ и во најдемократските држави, каде што јавноста многу полесно ги препознава лагите и манипулациите, а судовите за нарушување на приватноста и за нанесените штети во деловноста се многу поефикасни.

Демократија никогаш не било кој што сака да лаже.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *