Banner
Ориент експрес

Вистинската и погрешната страница на историјата

mickoskiУставните измени ќе бидат изгласани во Собранието на Македонија. Тоа е историска неминовност и добро сознание за сите учесници во донесувањето на најзначајната одлука во Собранието на независна Македонија која означува влез со златни букви на вистинската страница на историјата. Да се бега од парламентот во еден таков историски момент е најголемото предавство на националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски овој успех ѝ го препуштаат на власта и парламентарното мнозинство, што е кардинална грешка. Осумтемина од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе гласаат за уставните измени, без оглед на своите мотиви, се спасија од погрешната страница на историјата.

Кој ќе биде запишан на вистинската, а кој на погрешната страница се полага во третата сесија во Собранието на Македонија. Условот е 80 пратеници да го положат најзначајниот испит, во спротивно сите ќе бидеме запишани на погрешната страница на историјата без оглед кој положил, а кој паднал, кој гласал и кој не гласал. Тоа би било најголемата трагедија за иднината на земјата и нејзините граѓани. И обратно, ако две третини од 120 пратеници ги изгласаат уставните амандмани во сложена парламентарна процедура, кои се предуслов за влез во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, сите ќе бидат победници бидејќи тоа ќе биде голем победа извојувана од тие што застанале на вистинската страна која ја означува европската перспектива.

Но во секој случај ќе остане запишано во документите и во колективното памтење на повеќе сегашни и идни генерации кој ја попречуваше иднината на Македонија. Во темната страница на историјата, ако по некој случај дојде до пропаѓање на договорот со Грција и одложување на евроатлантските интеграции на Македонија на неопределено време со непредвидливи последици по стабилноста на земјата, ќе бидат запишани како најголеми виновници поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, неговиот наследник Христијан Мицкоски, претседателот на државата Ѓорге Иванов, тврдокорните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе избегаат од изјаснувањето во парламентот. Добри изгледи за приклучување кон оваа уривачка групација на иднината на државата има и претседателот на едното крило на партијата Беса, Билал Касами, со своите два пратеника, доволни во вакви односи на силите Македонија да се збогува со НАТО и со Европа.

Никола Груевски цела деценија ја држеше во изолација Македонија во однос на евроатлантските сојузи и европеизацијата на Македонија. Изгради популистички и новотирански систем на стравотна пропаганда на заговори на сиот свет против Македонија, која е опкружена од сите страни саде со непријатели. Направи баснословно скапи Потемкинови села и ги урна сите симпатии на меѓународната сцена кон Македонија со бесмислената и скапа антиквизација во потрага по пославно античко минато за што потроши стотици милиони евра пари на најсиромашниот народ во Европа. Во заробената држава моралните и сите други вредности беа уништени со системско обезвреднување на сè што е вредно. Груевски успеа во буквална смисла да ја зароби државата и да ги запише најтемните страници во историјата на независна Македонија познати и веќе однародени како – ерата на груевизмот.

Христијан Мицкоски инаугуриран од Никола Груевски неслучајно како човек од голема доверба да биде негов наследник, е доследен на аманетот да ги одржи ветувањата Македонија да остане закована на Балканот. Мицкоски се откажа на стартот да ја преземе лидерската позиција во партијата и како предводник на здрава опозиција со тоа што ќе ги отстрани сите компромитирани и корумпирани политичари од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо тоа, тој најцврсто се заложи за одбрана на криминалните структури кои се лојални на партијата барајќи целосна амнестија. Тоа беше неговиот главен услов за прифаќање на уставните измени. Христијан Мицкоски се потпре на истата тактика на Никола Груевски, поддржувајќи ги НАТО и ЕУ и евроатлантските интеграции на Македонија, но не со овој договор, туку со наводно многу подобар, кој ќе го направат тој и неговите истомисленици во Грција во некои идни времиња. А што ќе биде дотогаш и какви ќе бидат последиците – тоа се небитни детали со кои не треба да се заморува јавноста. Освен продолжување на политиките и тактиките на Груевски нема друго рационално објаснување зошто Мицкоски не ја искористи шансата да биде предводник на една конструктивна опозиција како што приличи на европска партија која се ослободува од криминалниот и компромитираниот партиски баласт кој нанесе огромни штети на Македонија.

Една од најтрагичните фигури во изминатите десет години на македонската политичка сцена е претседателот Ѓорге Иванов. И тој како идолопоклоник и послушник на Никола Груевски ништо не сработи за приближување на Македонија кон Европа и остварување на најзначајните стратегиски државни цели. Напротив, со своите контроверзни и противуставни одлуки, аболиции и пишман-аболиции, со непотпишување на собраниски одлуки и закони донесени по второ гласање, со пролонгирање на давање на мандатот на мнозинството по веродостојни избори, Иванов е меѓу најодговорните за крвопролевањето во парламентот на 27 април 2017 година. Еден од најцрните датуми во историјата на независна Македонија, чиј поттикнувач и соучесник е и претседателот Ѓорге Иванов. И неговата провидна тактика е иста како на Груевски и Мицкоски. И тој е за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, ама не со ваков договор со Грција. А со каков договор и со кои компромиси може Македонија да ги оствари своите приоритети никогаш не кажа. Со своите јавни настапи Иванов само ја оддалечуваше Македонија од Европа. Ќе биде запишан во темните страни на историјата како најнеспособен претседател на Република Македонија, кој за 10 години не успеа да оствари ниту една цел во сопствената работна агенда која сам си ја направи.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои прифатија да бидат жртви на овие политики кои се директно против државните интереси, уште веруваат дека нивниот чин е патриотски и демократски избор. Прифаќаат да бидат колективно отстранети од изјаснувањето во парламентот. За храбар подвиг го сметаат чинот да бидат против иднината на Македонија и европската перспектива на земјата, отколку да бидат анатемисани од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Во ова друштво на трагични фигури има голема шанса да биде впишан и Билал Касами, лидер на едното крило на Беса, опозиција на ДУИ. Касами, се разбира, знае дека не може да се лета со едно крило, но влезе во водите да ја уценува евроатлантската определба на Македонија без да направи барем минимална проценка што ќе значи тоа ако неговата закана ја оствари. Каков победник ќе биде со неговиот подвиг да не се усвојат уставните амандмани затоа што Албанците во Македонија ќе бидат со македонско државјанство/граѓанин на Република Северна Македонија. Сигурно Касами знае дека во Албанија сите граѓани имаат албанско државјанство, а во Косово сите имаат косовско државјанство, во Шведска шведско, а во Германија германско, без оглед на нивната етничка припадност… Касами сака на акшам-пазар нешто да ушиќари во меѓусебните пресметки на албанските политички партии. Избрал многу погрешна тактика која повикува на омраза, делби и конфликти, а не на зближување и еднаквост.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *