Banner
Ориент експрес

Пссст… претседателот очекува членство во НАТО!

Gjorge-IvanovАко денот се познава по утрото, а годината по првиот ден, нè очекуваат поведри денови. Првото дете што се роди во 2019 една минута по полноќ се вика Ведран, а првите три дена беа сончеви и благопријатни, иако студеникави. Добар знак за почеток среде зима со најава на снег што е бериќет и денови на поларен студ што е здравје и смрт на вирусите и бацилите.

Претседателот на заминување Ѓорге Иванов во Кичево пред војниците на АРМ кажа нешто што ме натера да се штипнам, да проверам дали сонувам или го слушам на јаве, врховниот виновник и попречувач на иднината на државата кога рече: „Очекувам оваа година конечно да ја добиеме поканата и да станеме членка на НАТО“. Кажа што кажа и по војничкото гравче замина да ги преспие и последните пет месеци во мечкината дупка на Водно каде што преседе цели десет години изгубен во времето и во просторот.

Ова беше изјава на деценијата, иако Иванов цели десет години ја повторува барем по десет пати годишно, безмалку во секоја пригода. Овој пат има една суштествена разлика, која на прв поглед не се забележува, па морав да проверувам да не ја пропуштиле колегите кога го цитирале. Ги нема во неговата новогодишна честитка до војниците зборовите – „без условувања“. Кога претседателот Иванов има силна потреба да приопшти јавно дека е тој голем поборник за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ, не заборава да каже дека влезот на Македонија во НАТО треба да се случи без условувања, што со други зборови значи дека тоа е илузија и популистичка лага бидејќи тоа не може да се случи без компромисни отстапки со Грција. Иако сите од врвот на НАТО и на ЕУ, и во јавни изјави и во лични средби, јасно му даваат до знаење на Иванов дека без заеднички прифатливо решение со Грција евроатлантските интеграции се неможни, Ѓорге се прави на „тошо“, собирајќи бедни поени со неговото лицемерство за остварување на државните стратегиски интереси без условувања. Така, во содејство на Груевски и Иванов, изгубивме една цела деценија.

Откако се склучи Преспанскиот договор и кога изгледноста за влез во НАТО стана реална, претседателот Иванов си зема двојна улога, и донкихотска и онаа на Санчо Панса, ем рицар ем слуга и орденоносец, кого го прегазило времето да се бори против ветерни мелници. Удри силно против промените во Македонија бранејќи ја балканска Македонија.

Од говорницата на ОН, на меѓународни симпозиуми, во Собранието на Македонија, Иванов насекаде зборува за капитулација на Македонија, за срамен договор со Грција, за отстапки што значат губење на националниот идентитет, на македонскиот јазик, на обезличување на македонскиот народ, секогаш со својата итарпејовска најава како штит дека е цврсто определен за влегување на Македонија со НАТО и за нејзино членство во ЕУ. Тоа беше десетгодишна гротеска, своевидна пародија и трагикомедија која претседателот ја искажуваше со поза на лутина и патриотски вознес. И сега оп-труп, како паднат од друга планета, наеднаш врховниот командант на македонската НАТО-војска, откако разбра за обезбедените две третини гласови во парламентот, ни најавува дека тој лично очекувал конечно годинава да добиеме покана и да станеме членка на алијансата.

Ни збор за капитулација и загубениот национален идентитет, а сето тоа кажано на чист македонски јазик. Како да ја одработил сам големата работа која ја завршија храбро премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев со своите министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас и стручни соработници со учество и силна поддршка на целата меѓународна заедница. Неговиот колега во Грција, претседателот Прокопис Павлопулос, чиј тврд став е добро познат, ниту еднаш не го нападна премиерот Ципрас за склучениот Преспански договор. Барем до нас не допре таква вест. Тоа им го препушти мудро на заштитниците на националните интереси, познатите националисти и радикали во Грција и во Македонија.

Сега останува да видиме дали претседателот Иванов ќе им ја препрати истата новогодишна честитка и порака не само на војниците, туку и на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ охрабрувајќи ги да гласаат за уставните измени бидејќи тој очекувал прием во НАТО, па како подготовка пак да го позајми од дедо Стефан пенкалото со зелено мастило и да ги потпише измените на уставот откако тоа стана реалност. Што мислите – дали набргу ќе уследи дообјаснување од претседателот Иванов со нова пишман честитка која не важи за пратениците туку само за војниците. Ништо необично. Тоа може да му се случи на претседателот. Неговото двојство на личноста не е нешто непознато и чудно. Тој имаше такви периоди повеќе пати. Една улога одигра како претседател кога театрално пред пратениците го крена гласот дека ќе ја брани сувереноста и самостојноста на државата, името, националната припадност и јазикот до последен ден од мандатот. И втората улога ја одигра во Кичево како врховен командант, кога отсечно војнички кажа дека очекува годинава конечно членство на Македонија во НАТО. Се сеќавате ли на неговите аболиции и пишман аболиции на обвинети за тешки кривични дела, на неговите непотпишувања и потпишувања на закони донесени по двапати во парламентот, на неговите компромиси кои функционираат шашаво како космодиск и една цел тритомен лексикон од различни изјави за иста работа.

Од мај претседателот Ѓорге Иванов ќе ги разјасни работите во своите сеќавања за сè она што ѝ го направи на Македонија за десет години. По оние на Стојан Андов, тоа ќе бидат верувам највозбудливите страници од нашето блиско историско минато на што имавме привилегија да бидеме сведоци. Ќе мора професорот Иванов да побрза, оти може да се случи пред него да ги напишат Никола Груевски и Бранко Црвенковски своите сеќавања кои ќе бидат, претпоставувам, најголемите бестселери досега во Македонија. За голема среќа е што историската наука не ги прифаќа овие повеќе автобиографии отколку мемоари  како доказ оти има сериозни проблеми со веродостојноста и пристрасноста на мемоаристите за сопствената улога. Често наликуваат на сиви за место во историјата отколку на придонес кон вистината. Од шесте првоосновачи на ВМРО 1893 година во Солун само еден, Христо Батанџиев, нема напишано мемоари. Од основачите на независна Македонија се очекува во нивните мирновременски подвизи да има повеќе херојски дела, отколку од пишаните и ненапишани со крв историски страници  на учесниците и жртвите во НОБ и основачите на АСНОМ. Веројатно поради тоа што во антифашистичката војна паднаа илјадници жртви за слобода и сопствена држава , а најголемиот стремеж независна Македонија стаса без ниеден испукан куршум. Може тоа е причината што овие генерации се колебаат што да прават со слободата и како да ги остварат најголемите државни интереси.

Секогаш е подобро да се пишуваат мемоари отколку да ти напишат ин мемориам додека си жив.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *