Banner
Ориент експрес

Иванов ќе потпише со зелено мастило

ivanovПретседателот Ѓорге Иванов вчера му се јавил на владиката г.г. Стефан и го замолил да му го позајми на кратко пенкалото со зелено мастило да го потпише указот за својата амнестија од одговорноста за крвопролевањето во Собранието на 27 април. А патем да стави параф за слобода и на другите простосмртни помали грешници од него. Со такво мастило се потпишуваат небески закони одобрени од Господ. Дедо Стефан веќе од поодамна му ги простил гревовите на својот световен колега за потпишување и непотпишување на аболиции, помилувања, амнестии, закони и други големи гревови на виновници до гуша и на невини, а сега еве тоа ќе биде и божја волја да се избегне анатемата на сè што сработил и несработил нашиот признат и непризнат татко на нацијата. Повеќе стравот отколку мудроста стасал во резиденцијата на Водно. Чуда прави уплавот од разрешување, или како што го велат нагалено, импичмент. Претседателот Иванов успеал да пресмета само за два дена дека ако не даде изим, отиде „главата“, па ќе мора среде зима да се сели на врат на нос од палатата каде што преседе и преспа речиси една деценија, што не му е ни на крај памет.

Ме опоменуваат колегите од „Независен“ што ќе кажам ако претседателот Иванов на крајот од мандатот одлучи, сепак, да не го потпише Законот за амнестија. Им велам, човекот нема храброст за таков потег, ќе потпише гарант. Ако, пак, навистина одлучи до крај да биде доследен на себеси како и досега, ќе биде цела една деценија, тогаш, пародијата од почетокот на текстот ќе се чита како црн хумор за една зимзелена честитка до граѓаните и особено до обожавачите и поддржувачите на Иванов сместени во Шуто Оризари и во банкротираната бела палата на ВМРО-ДПМНЕ. Голема радост од тој чин ќе ја облее и владата, парламентот, како и бирократијата на ЕУ во Брисел. Американците први ќе упатат честитки за храбриот потег на претседателот, а колегата претседател на Грција, Прокопис Павлопулос, кој никогаш не најде време да го прими, ќе го викне Ѓорге Иванов на проштален свечен ручек со нечуени и незамисливи пофалби и здравици, се разбира, само ако не потпише.

До ова нема да дојде бидејќи Иванов, та потпишал та не потпишал, Собранието на една итна седница може да донесе одлука за негово разрешување, па спикерот Талат Џафери спокојно да ги стави во сила сите закони кои кршејќи го флагрантно уставот не ги потпиша оној што се заколна врз него дека ќе го почитува. Тоа е што се однесува до улогата на претседателот на државата дали ќе се одлучи да предизвикува нова криза и да распламтува револт и подлабоки делби со неизвесност за усвојување на уставните измени како предуслов за членство на Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ.

Она што во моментот е главната дебата е законот за амнестија донесен како еден вид пазарење за иднината на државата со владеење на правото, или она што го нарекувам избор на помало или поголемо зло. Такво пазарење не би се случило доколку во Македонија подеднакво се почитуваше од сите релевантни политички партии нивната 27-годишна јасна и силна определба за евроатлантски интеграции и доколку поради спасување на криминалци во партискиот врв на соборениот режим не се попречуваше правдата.

Разбирливи се реакциите и на јавноста, и на правниците, и на судиите, и на обвинителите, на политичките лидери и пратеници, на медиумите, на граѓаните по донесување на законот за амнестија во едни драматични околности за иднината на земјата. Во судирот меѓу политиката и правото повторно победи политиката. Трката со времето за усвојување на уставните измени изнедри закон спротивен на владеење на правото за еден од најкритичните настани, каков што беше обидот за попречување на парламентот да се конституира и да избере претседател. Чин, кој во законот има и одредница тероризам и кој се третира како обид за државен удар со обид на убиства на пратеници. Во право е судијката Добрила Кацарска, која го води овој тежок и драматичен судски процес, кога вели дека во ова фаза не требаше да се носи ваков конфузен закон. Тој е предвремен, требаше да се почека судскиот процес да заврши, па политиката да донесе закон за амнестија. Во право се и сите од правната фела кои тврдат дека овој закон ќе се одрази негативно врз судството и обвинителството, врз довербата кај граѓаните на целото правосудство, но и на политиката и воопшто на можноста во Македонија да завладее правото, без оглед што амнестијата не се однесува на тие што извршиле насилство во парламентот и што биле организатори на настаните на 27 април лани.

Случувањата во Македонија во врска со Договорот со Грција ми наликуваат на добрите филмови за познатите судски процеси за вистинити настани. Возбудливите заплети во докажување на вината и невиноста, поточно на вистината која често останува неразјаснета и по завршувањето на судскиот процес и по изрекувањето на казната, или ослободителна пресуда, се одвива со месеци во живо во Македонија. Тоа не е филм во кој додека зборува обвинителот сте убедени дека е во право, за потоа да прифатите дека адвокатите непобитно докажуваат дека нивните клиенти се невини, за на крајот да се восхитувате, или да бидете огорчени од одлуката на поротата и од пресудата на судијата и неговото образложение. И шокот од последната сцена дека останува нејасно дали правдата е задоволена.

Ова што се случува во Македонија не е режија ни на политиката ни на судството, ова е принуда на историската оправданост да се избере повисоката цел, би рекол, највисоката. За тоа колку е (не)оправдан овој инцидент на политиката, ќе покаже блиската иднина. Судството ќе претрпи штети во овој случај бидејќи му е нанесен удар со законот за амнестија. Но и политичарите повеќе од власта и помалку од опозицијата нема да бидат поштедени ако не ја оправдаат со резултати својата определба да донесат закон со кој се потврдува неказнивоста. Ако од која било причина не се оствари членство во НАТО, ако не се ратификува договорот во грчкиот парламент и ако не се исполнат обврските за отпочнување на преговорите со ЕУ, владата и коалициските партнери на власт ќе бидат најголемите жртви и виновници за упропастувањето на еден крупен историски настан значаен за цела Европа.

Сведоци и соучесници сме на епохални настани за иднината на Македонија и време е да се научиме на рационално расудување. Имавме повеќе такви ситуации кои беа неразбирливи за нас и нашиот менталитет. Верувам сите се сеќаваме на извонредниот придонес на светскиот правен авторитет, Французинот Робер Бадентер, кој прв рече дека само Македонија и Словенија од распадната Југославија ги исполнуваат условите да бидат меѓународно признати. Така налагаше правото, но политиката од Елисејската палата ги стави над правото интересите на Франција кога избираше меѓу Македонија и Грција. Ја памтиме и одлуката на судот во Хаг. Имавме и амнестија на лица кои требаше да бидат судени за воени злосторства, но политиката ги исчисти. Постојат илјадници резолуции во ОН кои остануваат во тамошните архиви и се добра тема за новинарските истражувања. И толку. Ништо повеќе.

По сите овие искуства, време е да ги совладаме и ние предностите на повисоките цели и интереси. Ако тоа добро го знаеме кога станува збор за личните интереси, треба да дознаеме и за државните интереси. Тие се секогаш поврзани, за некого повеќе, за некого помалку.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *