Banner
Ориент експрес

Трета мајка за НАТО и за ЕУ

nato-euДо 15 јануари во Македонија ќе пристигнува последната голема тура значајни луѓе, нобеловци, научници, државници, претседатели, премиери, министри, политичари, дипломати, банкари, бизнисмени, високи функционери на ЕУ и на НАТО, новинари и аналитичари на светски познати медиуми. Колку ќе биде неизвесноста поголема за усвојување на уставните амандмани условени од Преспанскиот договор со Грција, толку среде зима ќе имаме многубројни канети и неканети гости.

Сите ќе ни го кажат истото кое веќе одамна требаше да ни биде кристално јасно, ама очигледно уште не е. Ќе ги слушнеме по милионити пат зборовите: тргнете ги настрана тесните партиски интереси, донесете историска одлука за подобра иднина на Македонија и на нејзините граѓани. Остварете ги најзначајните ваши државни приоритети за кои одамна, од првиот ден на независноста, сте се определиле со општ консензус во земјата, станете членка на НАТО и почнете ги преговорите со ЕУ, со голема предвидливост дека за неполни десетина години Македонија ќе биде членка и на Европската Унија, тоа во историјата е блиска иднина. За тоа вие одлучувате сами.

На овој состав пратеници во Собранието им припадна честа, но и историската одговорност по трета мајка да изгласаат уставни измени кои се предуслов за остварување на стратегиските интереси на Македонија. Така пишува во Уставот, да се гласа трипати за иста работа. Арно ама, ако сè е толку јасно, зошто тогаш толкав притисок и загриженост и дома и кај нашите идни и сегашни сојузници дека работата може во последен момент да пропадне и да не дојде до изгласување на уставните амандмани, иако сите тврдат дека е обезбедено двотретинско мнозинство. Иако на двапати таа работа е завршена во парламентот и на пропагандно и разузнавачки бојкотиран референдум на кој 610.000 граѓани гласаа „за“, односно над 90 отсто од тие што излегнаа да гласаат. Одговорот е затоа што во Македонија ништо не може да помине ако не е замрсено, ако не е мачно и до зла бога тешко, ако нема кавга и омраза.

Како може едноставно и уверливо да се објасни дека по десет, по дваесет и по сто години во Република Северна Македонија ќе живеат Македонци кои ќе зборуваат на македонски јазик, дека тоа е универзално право кое никој не може да го одземе. Како може уверливо и разбирливо да се објасни дека членството во НАТО и во ЕУ е всушност најголемата гаранција дека тоа ќе се случи и дека така ќе се сочуваат тие идентитетски обележја како и кај сите народи и држави кои припаѓаат на овие два најголеми политички, економски и воени сојузи кои ги негуваат посебностите. Како може да се објасни поинаку, а да се разбере подобро од партиските директиви и небулози на претседателот на државата, дека она што опстојува со векови ќе продолжи и натаму и дека тоа е најголемата заштита од заканата за распаѓање и исчезнување на Македонија.

Е, па, не може, оти во вакви пресудни и деликатни ситуации некои племенски поглавари виделе шанса дека треба да има уште неколку уставни амандмани повеќе отколку што предвидува Преспанскиот договор. Тие не сакаат да остават таа работа да се реши со отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ, кои се составен дел на обврските за натамошна демократизација на Македонија.

Загрижува и фактот што уште не се разликува помалото зло од поголемото. Во судирот меѓу правдата и политиката може да пропадне договорот со Грција и усвојувањето на уставните амандмани да доживее фијаско. Емоциите и незнаењето, стравот од светски и комшиски заговор против Македонија во жешките глави предизвикува опасна конфузија која може да биде пресудна ако секој за што е одговорен не си ја врши својата работа според законите, пишаните и непишаните правила. Тоа значи дека судот треба да си ја работи својата работа. Да суди и пресуди според законите и доказите и тежината кој колку е виновен за настаните од 27 април. Ништо друго. Политичарите во Собранието ќе ја донесат одлуката која е од најголем интерес на државата прифаќајќи ја одговорноста за опсегот на амнестијата и простувањето кое нема да ги загрози државните интереси, односно членството во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ. Јавноста ќе прифати од тоа онолку колку што може да поднесе во сооднос што од тоа ќе добие и ќе загубат Македонија и нејзините граѓани. Ако некои виновници за настаните на 27 април бидат ослободени со политичка одлука за амнестија тоа ќе биде дел од веќе пресметаниот ризик за висината на казната на следните избори. Прифаќањето на таква жртва за повисоки цели е најавена уште за време на преговорите со Грција. И од тоа нема бегање.

Најточната оценка колку изгубила и колку добила Македонија ќе се види за време на преговорите со ЕУ и по членството во НАТО. Очекувањата се секогаш поголеми од добивката, но истовремено треба да се има постојано на ум дека загубите ако Македонија не ги оствари своите цели како европска држава се далеку потешки, па дури и катастрофални. Не е точна констатацијата која постојано ја повторуваме до здодевност дека Македонија нема други алтернативи отколку да биде членка на НАТО и на ЕУ. Се разбира, секогаш има алтернативи, но во случајот многу полоши. Затоа и никој не нуди подобри решенија. Македонија во случај да пропадне Преспанскиот договор не може да се врати ни кај што била до вчера, туку кај што беше пред 74 години, пред да биде држава. Внимавајте, тоа за некој може да стане многу допадливо решение.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *