Banner
Ориент експрес

Ја губи ли Владата самодовербата?

vladaСекнаа триумфалистичките јавувања на Никола Груевски од Будимпешта. Заврши еуфоријата кај неговите следбеници дека станал жител на ЕУ и избегал од издржување на затворската казна. Допрва почнува неговиот азилантски живот. Домаќинот на осуденикот од Македонија, автократот Виктор Орбан, веќе се соочува со жестоките реакции за вистината кој е неговиот канет или неканет гостин. Сеедно.

Замолкнаа привремено и јатаците на Груевски во земјата. Ја снема радоста од привидот дека цела Европа молчи за бегството и азилот што го протолкуваа избрзано како оправдано удирање шлаканица на пострежимска Македонија од една земја членка на ЕУ. По првичното согледување на аргументите, Европа ги стави во погон своите механизми не само за обелоденување пред европската јавност на случајот Груевски туку и многу пошироко активирајќи ги европските институции за истрага кога една членка како Унгарија се меша во внатрешните работи на друга земја и со тоа грубо го попречува владеењето на правото, како што е извршување на затворска казна и учество во бегство на осуден во транспарентен судски процес, што значи во фер судење запазувајќи ги сите процедури и жалбени постапки со одлуки и пресуди на сите судски инстанции.

ЕУ ја осомничи Унгарија дека е учесник во попречување на правото и за другите судски процеси и истраги кои се водат во Македонија против Груевски и неговите соработници, за многу потешки дела отколку што е случајот со злоупотреба на функцијата на поранешниот премиер за нарачката при купување на блиндиран „мерцедес“. По одобрениот азил, пошироката европска јавност се запознава дека во Македонија му се суди на Груевски за дела како што се корупција во милионски износи, уништување имот на политички противници, како што е случајот „Космос“, злосторничко здружување за местење избори, замешаност во упадот во парламентот на 27 април лани, како и за другите судски процеси и истраги.

Опозицијата, соочена со овие факти, најавува протести кои во заднина имаат цел да го оправдаат бегството на Груевски и да го поддржат азилот како прогон и политичка пресметка затскривајќи ги со тоа злоделата на 11-годишното владеење без контрола и заробување на државата со воведување на страховлада и масовно нарушување на човековите права и слободи со организиран криминал и корупција од досега невидени димензии. Протестите имаат за цел надминување на кризата во ВМРО ДПМНЕ по бегството на Груевски и свртување на вниманието на јавноста повеќе кон одговорноста за затајувањето на надлежните институции кои не го спречиле бегството, отколку кон тешките кривични дела. Крајниот резултат би бил попречување на Македонија во евроатлантските интеграции со поништување на договорот со Грција.

Тоа се маневрите на опозицијата. Но што прави власта во една ваква ситуација? Општ впечаток е дека Владата и коалициските партнери ја губат самодовербата. Ја нема решителноста во остварување на главната цел, европеизација на Македонија и сè што значи тоа. Одолговлекувањето да се лоцира одговорноста за пропустите и овозможувањето на бегството на главнообвинетиот и носителот на злоделата на режимот нанесува секојдневно големи штети и отвора простор за сомневања не само во земјата, туку и на европските институции дека власта замижала намерно овозможувајќи му на Груевски да избега, а истовремено да се одлеат големи суми пари од Македонија на сметки во странски банки и компании.

Губењето на самодовербата и решителноста кај власта се заменува со ароганција и враќање на познатата губитничка доктрина на сите власти во Македонија – кој не е со нас, е против нас. Секоја и најмала критика на власта за одговорноста за грешките, особено за бегството на Груевски се дочекува од нејзините гласноговорници со навреди од арсеналот на ВМРО ДПМНЕ.

Веќе стануваат јасно препознатливи симптомите на губење на самодовербата на Владата, како што беше случај пред 1998 година, што доведе до пораз на социјалдемократите и инсталирање на драматичен дисконтинуитет во целото општество што ја уназади Македонија и ја врати безмалку на почетокот на независноста. Оваа фаза заврши со воен конфликт во земјата, со жртви и големи материјални штети. Промената на власта која уследи во 2002 година и големата победа со надеж да се остварат стратегиските интереси не ги даде очекуваните резултати бидејќи победниците на парламентарните избори цели четири години најмногу се занимаваа со самите себе. Во добиена позиција и при двотретинско мнозинство во парламентот за четири години, решавајќи лични амбиции, сменија тројца премиери и тројца претседатели на СДСМ. Критиките за ваквото лошо владеење се заменија со познатата сдсмовска ароганција која ги доведе ВМРО-ДПМНЕ и Груевски на власт во период кога револуционерната партија ја доживуваше најголемата криза во меѓусебни пресметки. Тоа е времето на судирот меѓу Груевски и Георгиевски. Падот на коалицијата на СДСМ по сопствена вина која се призна многу подоцна го донесе режимот на Груевски, кој е најцрниот период во историјата на независна Македонија.

Сега, пак, во екот на големи внатрешни превирања во ВМРО ДПМНЕ, во период кога се на повидок најзначајните историски промени и најизгледни шанси за остварување на стратегиските интереси, наместо со полна самодоверба да се расчистува со грешките и воспоставување на основните начела на демократијата со прифаќање на одговорноста, повторно е во оптек забошотување на грешките со ароганција и игнорирање на оправданите критики. Без целосно разјаснување на одговорноста, која доведе до бегство на осуденикот Никола Груевски да ја издржува затворската казна, широко се отвораат вратите за шпекулации и сомневања за учество на власта во неговото заминување од Македонија. Ако овие сомневања не се разјаснат со следните чекори на власта, брзо ќе превладее амбиентот пред 1998 и пред 2006 година.

Признанијата за направените грешки по поразот нема ништо да помогнат како што не помогнаа и досега. Сите успеси за уривање на режимот на Груевски по демократски пат можат да завршат со ново заробување на државата ако власта продолжи да се занимава со самата себе и да ги оправдува грешките со нивно забошотување и ароганција.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *