Banner
Ориент експрес

Разјаснете дали власта му помогна на Груевски да избега

nikola-gruevskiПрвичниот молк на Европа беше погрешно протолкуван во овдешната партизирана јавност како поддршка на гостопримството на идеолошкиот двојник на Виктор Орбан од Македонија. Давањето азил на поранешен премиер осуден на две години затвор, кој лажно е претставен во унгарската јавност како жртва на прогон, а се премолчува дека се во тек повеќе судски процеси за тешки кривични дела, не може да помине без потреси и во Унгарија, колку и да се таму загрозена демократијата и европските вредности и правила. Допрва ќе се отворат сериозни прашања дали експресно дадениот азил на Груевски е само плод на идеолошко и лично пријателство и заштита за прогонет и загрозен живот на поранешен премиер, или зад тоа се тркала нешто многу поголемо, кое може да го прегази и автократот Виктор Орбан.

Неколку тешки афери покриени со пепел за корупција на политичари во Македонија се поврзани со личности и компании од Унгарија. Покриени се со пепел, но под неа има уште жар бидејќи случаите не се завршени и немаат целосна разрешница. Она што на Орбан му изгледало како рутинска операција на спасување жртва од прогон, ќе испадне газење на гнила штица бидејќи ќе стасаат доказите и судските одлуки за тоа кој во Македонија вршеше прогон и пресметка со политички противници, кој нарачуваше судски пресуди, кој затвораше новинари, кој земаше големи провизии за изградба на автопатишта, кој уништуваше туѓ имот со минирање пред ТВ-камери. Во чија канцеларија луѓето од страв и стрес мокреа низ ногавица, кој присвојуваше џабалак плацеви во престижни квартови, кој градеше коруптивни зданија и споменици, кој организираше упад во Собранието на 27 април да не дојде до избор на претседател и влада од страна на мнозинството по веродостојни избори, кој беше водачот на злосторничкото здружение за фалсификување на избори… Во чие владеење е направено најголемото нарушување на човековите права и слободи со држење под надзор со години на над 20.000 граѓани чии комуникации биле следени и злоупотребени… Кога сето тоа ќе му стаса на работната маса на Виктор Орбан, но и многу пред тоа кога сè погласно и со поголема аргументација ќе затрубат унгарските и европските медиуми, веројатноста дека Никола Груевски ќе остане и натаму во Будимпешта како ВИП-азилант и гостин на премиерот Орбан се минимални.

Баналната стогодишна тема за Европа – ништо ново од Балканот – за замрсените македонски и балкански работи, веќе станаа предмет на многу поширока опсервација и истрага што се крие зад спасувањето на Груевски од страна на премиерот Виктор Орбан, кој од поодамна е повеќе од камче во чевелот на ЕУ. Европскиот парламент и Европската комисија ја отвораат темата за азилот на Груевски, а веќе и официјален Брисел почнува да ги поставува вистинските мошне непријатни прашања. И во германскиот Бундестаг пратениците прашуваат дали Унгарија се претвора во продолжена рака на автократот Никола Груевски. И уште една шокантна порака се слушна во Бундестагот: И Македонија да разјасни дали бегството на Груевски уследило со дозвола на тамошните (македонските) власти. Грутките што ќе предизвикаат лавини почнаа да се тркалаат од Балканите и од Алпите кон унгарската рамница.

Во татковината на Груевски, по првичниот шок од неговото бегство и конфузијата што настана, работите почнаа да попримаат поинакви текови. Последиците стануваат сè повидливи и појасни. Одговорноста за неспособноста и јавашлакот што избега главниот обвинет за десетгодишната тиранија во Македонија која е несомнена, но не може да ја замени вината на Никола Груевски, иако такви обиди се присутни во јавноста. Едно е неспособната власт и заспаните надлежни институции на системот, а сосема друго се злоделата на прекршителите на законите и злоупотребата на власта и функциите. Сите што се одговорни за бегството на Груевски треба под итно да ја понесат одговорноста, бидејќи тоа го девалвира не само успешниот и скромен почеток на владеење на правото, туку и воопшто целата демократска револуција на соборување на режимот и на главниот носител на тој автократски систем. Оставките и разрешувањата во овој случај се неминовност, вклучувајќи и кривична одговорност, се разбира, доколку има такви сознанија и докази.

На обвинителна клупа треба да седнат сите што знаеле и му помогнале на Груевски да избега од Македонија. За тоа кривичниот закон предвидува затворски казни од една до пет години, а во некои случаи и повеќе. Груевски сам без ничија помош не можел да избега од Македонија и да влезе легално, или илегално, сеедно, во Албанија. Тие што знаеле, а не пријавиле дека осуденик ќе бега и тие што директно учествувале во подготовките на неговото бегство еден ден ќе се соочат со правдата. Кога нешто знаат повеќе луѓе, не може да остане тајна.

Сето тоа воопшто не ја намалува вината за злоделата на Никола Груевски, напротив, ја зголемува. Судските процеси за кои е обвинет ќе продолжат со помалку адвокатски маневри и одложувања, а пресудите и образложенијата мораат да бидат резултат на фер судење и пресуди со непобитни докази без оглед дали главниот виновник избегал или е во судницата. Замената на тезите за одговорноста и неспособноста на власта, која овозможи бегства на обвинети и осудени со злоделата во време на режимот на Груевски се штетни бидејќи одат на рака на тие што грешките на власта ги ставаат над десетгодишната тиранија на режимот. Нешто што е неспоредливо.

Сосема друга е ситуацијата доколку се покаже како вистина пораката која стаса од германскиот Бундестаг – во Македонија да се разјасни дали бегството уследило по дозвола на власта. Притворањето на Сашо Мијалков може да биде првиот потег во демантирање на сомневањето од Германија, присутно и во Македонија, но секако не и доволно да се расчисти маглата околу бегството на Груевски. Доколку има вистина во ова сомневање и во барањето за разјаснување на учеството на власта во бегството на Груевски, дури тогаш алот не ни го јадат ни кучињата.

Ако има и најмала помош и соработка на власта со Груевски, оставките не се доволни ни на премиерот Зоран Заев ни на целата влада. Веднаш нека си ги земат ќебињата и правец – Шутка. Сами да се судат, треба да си доделат по 10 години затвор. Тоа би било најголемото предавство на соборувањето на режимот на Никола Груевски. Заев, владиниот тим и надлежните институции во моментот немаат поважна работа за иднината на Македонија од расчистување и разјаснување на фрлениот сомнеж дали бегството на Груевски е со нивна дозвола. За тоа не се доволни само зборови. Треба други конкретни докази.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *