Banner
Ориент експрес

Лошите вести од ВМРО-ДПМНЕ се добри

vmroЛошите вести од ВМРО-ДПМНЕ се добри за Македонија. Распадот на единствената легална револуционерна партија во Европа може да го спречи претседателот Христијан Мицкоски ако поднесе неотповиклива оставка, која ќе означи почеток за консолидација на опозицијата.

Надојденото цунами со оставки во партискиот врв ако ги збрише сите компромитирани наследници и послушници на Никола Груевски, кои повеќе од една деценија работеа на упропастувањето и ограбувањето на државата и граѓаните, може да ја спаси партијата побрзо и побезболно отколку ако раздорот по неколкумесечни внатрепартиски борби заврши со разрешување на Мицкоски. А, најлошо за ВМРО-ДПМНЕ и најдобро за Македонија би било Мицкоски да остане со своите истомисленици осамен на банкротираниот престол во палатата под стечај. Само трошки од украдените и изрекетирани пари оделе во партиската каса, која по заминувањето на Груевски е празна без скршена пара. Поточно, полна е со хипотеки. Милионите од уцени, од мито и провизии завршиле во џебови. Најбогатата партија во Европа е фалименто во секој поглед. Белиот дворец и другиот имот е замрзнат и не смее да се распродава. Судските постапки, кои се во тек и тие што допрва ќе се отворат, ќе ја потврдат вистината за најголемиот грабеж на столетието откако е почнат пљачкашкиот поход на ВМРО, чиј најголем дострел во ајдутсвото го достигна ДПМНЕ.

Кога Христијан Мицкоски еден месец пред референдумот одлучи да размислува дваесет дена каков став ќе има партијата имаше шанса нешто и да смисли и да ги направи подготовките за ослободување од тешкиот товар кој му го ставија врз грбот тие што го донесоа за да им го чува престолот. Не смисли ништо добро. Напротив, ја избра најпогрешната страна да оди бос по трње против сите здраворазумски и логични разврски. И наместо да покаже дека нема добро решение без опозицијата и без ВМРО-ДПМНЕ тој докажа дека не можат повеќе да се попречуваат историските процеси. Наместо да поентира со ставот дека нема влез во Европа и во НАТО без заеднички проглас до граѓаните за остварување на стратегиските интереси за кои се определи и ВМРО-ДПМНЕ од формирањето на партијата, тој го заостри уште повеќе судирот со сите релевантни политички партии во земјата. Влезе во судир со највлијателните државници на Европската Унија и со интересите на НАТО, се спротивстави на политиката на стратегискиот партнер Америка, се нафрли врз сите соседи и конечно почна со пресметка со неистомислениците во партијата.

Таква губитничка, антидржавна, антипартиска доктрина по 20 дена размислување на која страна да тргне не можеше да смисли по цели десет години длабоко опсервирање на иднината на Македонија ни претседателот на државата на заминување, Ѓорге Иванов. Поточно, тешко е човек да процени чии грешки се најтрагични и најтешки – на Груевски кој владееше без контрола 11 години, на претседателот Иванов кој исполнуваше партиски задачи девет и пол години, или на Мицкоски кој за неколку месеци, наместо да ги отфикари и двајцата, го презеде нивното наследство и целиот баласт на нивните грешки. Жалниот производ на потезите на Мицкоски се препознавање на ВМРО-ДПМНЕ, дома и во светот, како антизападна, анти-НАТО и антиевропска анахрона националистичка партија, која нема ниту еден партнер во државата, политичка партија која кај сите во соседството предизвикува недоверба и во која не гледаат можност за добра соработка и пријателство.

Како среќна разврска за Македонија се последните потези кога почна типичната вмровска историски наследена меѓусебна пресметка на патриотите и предавниците, на кодошите и арамиите, на вистинските и лажните војводи и основачи на револуционерната организација. Потегот на Мицкоски да го истури во дворот на политичките противници товарот што му го ставија врз грбот, притоа задржувајќи го недопрен главниот виновник, предизвика силни реакции не само во врвот на партијата, туку и во целата јавност. Валканите алишта на ВМРО-ДПМНЕ не се изнесуваат само во судските сали и во бомбите, туку и во јавните настапи на до вчера неприкосновениот партиски врв. Трагикомично изгледаат некои нови лица, стари добро познати сурати, кои сè уште се обидуваат преку медиумите и преку социјалните мрежи да продадат евтини лаги за светски заговори, за предавства и за спасување на Македонија од договорот со Грција и од грчките, бугарските, албанските и српските испостави и шпиони и медиуми кои работат непречено во земјата против Македонија.

Нивните лелеци за спасување на идентитетот на македонскиот народ веќе служат за потсмев и кај најтврдокорните кои исчезнаа од јавната сцена. Ми наликуваат на последните јапонски фанатици кои на пустите острова на Пацификот до пред дваесетина години го чекаа непријателот. Разликата е во тоа што тие не знаеле дека е завршена Втората светска војна, уште пред повеќе од 50 години. Овие наши тазе патриоти, кои во животот не испукале ниту еден куршум и кои кога зборуваат пред камери викаат како улави сè уште не знаат дека токму тие им го нанесуваат најголемиот срам и на државата и на партијата и на сите граѓани оти уште не разбрале дека битката за спасување на Македонија е завршена токму со преспанскиот договор. Прегазени од времето пишуваат во весниците фантастични тези на кои не може да одговори ни науката. Тие знаат сè. Нема нешто што не предвиделе и не напишале навреме, ама немало кој да ги разбере.

Излезот од кризата веќе се наѕира, иако во Македонија никогаш не може да се каже дека е готово додека не заврши. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и тие што се спротивставија на неразумните и губитнички директиви, кои се ослободија од стравот, се тие што ќе ја ослободат партијата од тешкиот баласт. Уставните промени ќе се донесат со поголемо мнозинство од две третини. Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во евроатлантските интеграции на државата и како опозиција и не е исклучено во еден период и како власт. Во наредните десет години ќе има многу работа за сите додека траат преговорите со Брисел.

Помилувања, а не амнестија, ќе има откако главните организатори на обидот за државен удар на 27 април лани и тие што беа должни да го спречат, а не го направија тоа, ќе одлежат половина од затворската казна. Помирување и простување може да има со тие што биле жртви на наредби и притисоци и кои ја признале својата вина со каење и извинување. Другите обвинети за тешки кривични дела и злосторнички здруженија, за организиран криминал и корупција ќе ги отплаќаат уште долго долговите за сторените дела. Тоа се принципите на владеење на правото без кое нема заминување од Балканот. Македонија е на добар пат да стаса до целта.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Сите показатели говорат дека за криминалите на ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ ќе одговараат (ќе си го „окркаат“) поситните рипчиња, војничињата и потрчковците, а не наредбодавците. Тоа го покажува и судењето за „Тенк“: Гоце Јанкуловска си доби заслужена 6 години затвор, нејзиниот помошник Ѓ. Поповски беше награден со заслужени 6,5 години затвор, а Никовче Гwуевски си доби неверојатни (целосно незаслужено) 2 години, иако тој е човекот кој дава налог за „она на „М“. Дури и ако судијата што го донел решението го жалел, па имајќи предвид дека му претстојат уште неколку судења во кои му следуваат преку 30 години затвор му ја намалил казната, тоа е неправедно кон оние што само извршувале негова заповед. За памет на другите што влегоа во Собранието, додека тој ги повикуваше на бунт седејќи си пред телевизорот обуен во папучите. Ги жалам!

    Одамна говорам дека самото име на ВеМеРетО е анахроно, дека немаат ниту „Р“ од револуционерност туку дека се изразити реакционери кои работат против државата за своја лична корист, за тоа дека борбата за „македонштината“ е остварена уште во 1991 година кога го прелажаа народот нудејќи му Заедница од Југославенски држави, поттурајќи им самостојност, која е тоа само според зборот, а во суштина е ајвЕр-држава бидејќи кај нас едвај успеваат банани.

    Не е проблемот во тоа што партиската каса се прелеала во нивните џепчиња, туку што овие скромни (национал-)патриотченца и државната ја испразниле за да си ги „дополнат“ паричниците. Кули од карти за нас, за нив – „џабал’к“ добиени имоти! И тој, најголемиот од најголемите, кому уште му се воодушевуваат одредени патриоти (со она национал пред нив), уште си живее кај мамичка и, кутриот, нема ниту за станче. После 11 години плата над 1.000 евренца си остана сиромав и безимотен (е, сега те расплакав, Ероле:).

    Во ниту еден случај не смее за вакви бељаџии и народни крвопии да има помилување, уште помалку некој да помисли да им даде амнестија, бидејќи ќе нема со ништо да се разликува од нив. Одредено помилување, во вид на намалување на казните од два-три месеци смее да има, но никако повеќе), и тоа единствено за извршителите, никако за налогодавците! Овој случај мора да стане опомена за наредните генерации политичари – дека никогаш повеќе не смеат да ги стават неовластено рачињата во државната каса и да си ги префрлуваат во сопствените џебови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *