Banner
Ориент експрес

Бадијала е и Нобелова награда за Ципрас и Заев

zaev ciprasНа Алексис Ципрас и на Зоран Заев ќе им биде бадијала и Нобеловата награда за мир, дури и ако успеат да покажат и да докажат дека по мирен пат со уважување и компромиси се решаваат и најтешките и нерешливи спорови меѓу државите. Тоа подолг период ќе им биде само додавка на биографијата за домашна употреба и ништо повеќе. Светот може да ги велича и да им оддава признанија колку што сака, ама во нивните татковини ќе треба да помине извесно време тоа да се признае и препознае. Омразата и делбите, тешките и болни историски наслаги во свеста на луѓето кои постојано се подгреваат од големите патриоти се посилни од сите награди, па макар биле и Нобелови.

Со децении политичарите, но и интелектуалци во двете земји во битките за власт и кариери ги разгоруваат и ги одржуваат под висока температура омразите, пренесувајќи ги од генерација на генерација страдањата од војните. Резултатот од тие огнови што повторно се разгореа се видоа и на референдумот како најсилен доказ за поделеноста на македонското општество. Апстиненцијата и бојкотот на консултативен референдум од една страна се прогласени за победа и доволен аргумент за поништување на договорот со Грција, а од друга страна определбата на над 90 отсто од граѓаните што гласале „за“ се смета за силна и јасна порака на граѓаните дека иднината на Македонија е во ЕУ и во НАТО. Крајниот резултат е на хоризонтот, нова политичка криза и натамошни делби и омрази.

Залудни се обидите да се разрешат со дијалог пораките на граѓаните што гласале и не гласале со тоа што Собранието, како најзначајна институција на системот, ќе треба да донесе одлука со двотретинско мнозинство. Во тоа тешко ќе поверуваат и најголемите оптимисти, освен наивната светска политичка елита која тешко ги разбира балканските инаети, суети и кавги кога се попречува историска одлука поддржана од светот. Тие можат многу повеќе да помогнат ако ја конкретизираат својата поддршка веднаш со почнување на преговорите со ЕУ не идната година туку утре, и членството во НАТО по скратена постапка до крајот на јануари. Кога лидерите на опозицијата кои се во сенка и нивниот застапник, како и претседателот на државата не го прифаќаат гласот на разумот и компромисниот договор со Грција како предуслов за остварување на стратегиските цели на државата, многу е блиску до здравиот разум дека такво нешто не е можно во Собранието на Македонија. Без оглед што договорот со Грција не ја условува ратификацијата со резултатот од консултативен референдум.

Но она што е можно и во поделена држава е фактот да се види по илјадити пат кој го блокира парламентот и кој е против иднината на Македонија во европското семејство и зошто го прави тоа. Таа јасна слика на уште една блокада на Собранието ќе го покаже патот како Македонија на слободни избори може да ги оствари своите историски определби и најзначајни приоритети да стане членка на НАТО и на ЕУ. Друг начин нема, затоа и никој не го нуди. Тоа што го нудат главните организатори за бојкот на договорот со Грција како предуслов за евроатлантски интеграции засега го поздрави само Русија како нивни истомисленик и сојузник.

Поддршката на политичарот на кој најмногу му се верува во светот според последните анкети, Ангела Меркел, не значи ништо за анти-НАТО и анти-ЕУ агитаторите во Македонија. Пораката на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по вторпат само за неколку дена да се прифати договорот како пример за решавање на нерешени прашања меѓу државите, исто така, не значи ништо. Пораките на светските лидери со најдобри намери се дочекани со навреди од претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој сите тие силни поддршки од нашите најголеми економски и политички поддржувачи и пријатели од говорницата на ОН ги нарече: многумина доаѓаат во Македонија со лоши намери да ни посадат отровно дрво кое ќе дава отровни плодови кои ќе нè отрујат. Иванов ги повика следбениците на ВМРО-ДПМНЕ и на маргиналните руски испостави во Македонија да го пресечат отровното дрво. Искористувајќи ги несредените избирачки списоци во држава, во која не се знае колку граѓани живеат оти со децении нема попис, во држава во која бројот на избирачи од година во година расте, а драматично се намалува бројот на жители, противниците на Македонија избраа да ги земат за сојузници тие што апстинираат постојано и не гласаат на ниту едни избори, да ги присвојат иселените по светот како соучесници во злодело против својата татковина.

Има многу причини зошто ни Нобеловата награда за мир на „селанчето од Струмица“ не можат да му ја простат не само македонските лажни патриоти, туку и некои „поддржувачи“ од негова близина. Во Македонија уште не може да се прости успехот, па макар ќарот бил заеднички на сите. Она што вистински е непростливо е пазарење со криминалците од високите редови на претходната власт. Мафијашки договор со размена на двотретинска одлука во Собрание за амнестија на арамии што го ограбија народот и ја осиромашија Македонија би било самоубиствен чин и голем дебакл на изборите кога и да се одржат. Одолговлекувањето на судските инстанции во носење на пресуди опасно смрди на тоа.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *