Banner
Ориент експрес

Салто мортале на Иванов и на Мицкоски

mickoskiНа пет дена пред референдумот, претседателот на државата Ѓорге Иванов и неговиот следбеник, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, направија салто мортале наместо мечкин скок.

Учителот по фискултура во основно училиште кога нè учеше како да рипнеме, а да не се повредиме, викаше трчај брзо, рипни високо, стутакај се како да клечиш, потоа газ преку глава и готово. Ака паднеш на задникот, ништо страшно, тој нема душа. Ако паднеш на глава, е тоа ти е салто мортале. Иванов и Мицкоски, во обид да направат мечкин скок, трчаа многу бавно, не рипнаа доволно високо и двајцата паднаа на глава. Направија скок на смртта. Наместо од првиот ден, од првиот час, активно да се вклучат во единствената можност да се реши проблемот со Грција и Македонија да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ, тие трчаа назачки. Цел свет напред, тие назад. Скокот што го направија е самоубиствен бидејќи откако видоа дека референдумот ќе биде успешен и откако се уверија дека сиот свет ја поддржува Македонија, рипнаа во бездна.

Масата и брзината во физиката имаат клучна улога во одредувањето на успешноста на скокот. Тоа професорот Мицкоски добро го знае, а не го применува. Професорот Иванов не го знае, а сака да го примени. Ако една коњска сила се мери така што 75 килограми треба да се кренат на еден метар височина за една секунда, тогаш колку време им треба на две коњски сили да прерипнат една пречка помала од просечна човекова височина. Очигледно професорите не сметале според научната, туку според политичката формула, која секогаш дава погрешни резултати кога се работи за егзактни науки и пресметки. Во науката веднаш се докажува дали резултатот е точен или погрешен. Во политиката грешките се покриваат со лаги и оправдувања. Па така, претседателот на државата Иванов, кој направи мал милион погрешни проценки на крајот ѓоа цврсто застана на ставот дека договорот со Грција е неприфатлив, противуставен и предавнички акт кон сопствената држава. Одржа низа предавања низ Македонија и светот стасувајќи и до Мечкин камен од каде што рипна како со параглајдер. Испрати стотина соопштенија и изјави во живо со кои ја минираше вратата за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО.

ivanov

И сега наеднаш човекот доби просветление грешним и како да допатувал во иднината од друга планета. Истиот Иванов, да видиш и да чуеш да не веруваш, тврди дека интегрирањето на Македонија во ЕУ и во НАТО ќе придонесе за стабилноста… и, пазете, ви се молам, за просперитет и отвореност на целиот регион. Ова со глава и брада го соопштува на јавноста Ѓорге Иванов по средбата со италијанската министерка за одбрана Елизабета Трента или, пак, можеби по средбата со американскиот министер за одбрана Џејмс Матис, ама тоа некако можеби и се измешало па составувачите на соопштението ги збркале имињата, или, пак, изјавите кога што кажал претседателот. Но во соопштението од приемот на акредитивите на новиот руски амбасадор Сергеј Базданикин нема грешка, Иванов и нему му кажал национален интерес на Македонија се евроатлантските интеграции.

Не е грешка, така пишува во соопштението, а рускиот дипломат само кажал внимавајте да биде чиста одлуката без влијание однадвор. Од каде од надвор не кажа, ама се подразбира. Се работи за чудесна еволуција на Иванов со вселенска брзина која не може да ја совлада ни Дарвин. На залетувањето на патеката што треба да се истрча Иванов јасно кажа да не си прават предавниците алиби со влезот во НАТО и со преговорите за членство во ЕУ и да не се кријат со тоа зад лошиот договор со Грција. Но, по направениот престап, уште кога е во воздух, претседателот силно извика – македонското интегрирање во ЕУ и во НАТО ќе донесе стабилност и прогрес на целиот регион. Тоа е национален интерес.

Што мислите дали претседателот ни е пак пишман аџија. Тоа веќе не му е мачно, се навикна и тој, а и ние. Еднаш дава аболиција, потоа ја повлекува, еднаш не дава мандат на мнозинството по изборите да формира влада, па после дава со задоцнување, откако ќе се пушти малку крв во парламентот; еднаш не потпишува двапати донесени закони во парламентот, па кога ќе падне уште малку крв ќе потпише, еднаш е против референдум, па сега е за референдум, еднаш е против договорот со Грција, па сега молкум е за договорот, оти без тоа не можело да има просперитет и стабилност на регионот… ваков претседател пери-носи нема на дуњава. Или, пак, можеби претседателот мисли дека македонското интегрирање во Европа ќе се случи идниот век, откако тој и свети Павле на оној свет ќе направат подобар договор со Грците.

Христијан Мицкоски, знае колку секунди требаат за двајца мажи со две коњски сили да прерипнат една пречка, ама зема изим од шефот долго да размислува како да го смени законот кој е непроменлив. Откако му истече времето, стаса како Јанко на Косово Поле по завршената битка, но со ново генијално откритие како победата да ја претвори во пораз. Неговиот најнов изум е дека доколку милион луѓе во Македонија на 30 септември рипнат во исто време тогаш ќе се преврти светот бидејќи од нивниот пад ќе се наруши рамнотежата на Земјината топка. Но, ако милион луѓе рипнат по еднаш во текот на целиот ден, од утро до мрак, тогаш тоа е фалсификат бидејќи Македонија на 1 октомври ќе осамне под истото сонце, ќе биде на истата географска должина и ширина и ќе припаѓа не само на европскиот континент како и досега, туку и на Европа во една друга смисла на зборот која се обележува и во политичките и цивилизациски карти. Е, тоа ќе биде скокот на милион луѓе, кој ако се негира сè ќе прегази што му стои на патот.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Да се Хорхе и Мицкотакис некаде во некоја западноевропска земја ова ќе беше нивно сепуку, а не салто-мортале. Простите и неписмените македонски „патриоти“ секое противење изустено од дуетов Хорхе-Мицкотакис го сметаат за патриотски чин.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *