Banner
Ориент експрес

Македонците се новите Евреи

macedonia

Ќе го изгубиме ли патот во сопствениот двор. Можно ли е на очиглед на сиот свет на една педа напатена балканска земја да изградиме лавиринт во кој ќе се вртиме во круг до исчезнување, како што се природните закони за секоја самоизолација. Еден ден тие што не сакаат да бидат оградени ќе ја урнат и оградата, ама и шталата. Уште кој треба да дојде да ни го покаже патот кон иднината и прогресот, кој го знаеме и здушно тврдиме дека сите имаме иста цел: европеизација на Македонија. Секојдневното укажување на светските државници и нивната поддршка на тој пат може да биде и навредливо ако навистина не ја земеме предвид трагиката на овој народ низ вековите дека му е поблиска и поприфатлива определбата да биде страдалник и жртва отколку победник.

И додека ми се вртеа во глава имињата на познати авторитети на кои може да им поверуваат нашите проповедници на светските заговорници против библиската земја одговорот стаса директно од познатиот и уважен македонски поет Ефтим Клетников. Писателот вели Македонците се новите Евреи. Потстанав од место. Брзо се штипнав да не сонувам… Не е сон, на јаве е. Клетников во живо зборува како Мојсеј пред Евреите. Европа и светот се фашистите кои сакаат да го уништат македонскиот народ. Геноцидот на идентитетот кој се подготвува врз Македонците бил пострашен од физичкиот геноцид… Го слушам човекот, кој веројатно го има и во учебниците и го учат децата, и не ми се верува. Зборува како да ги чита стариот и новиот завет во црква, а не на телевизија. Навидум спокојно, но воздишките и паузите меѓу тешките зборови ја кажуваат неговата голема загриженост за опасноста дека Македонците ќе исчезнат ако го прифатат Договорот со Грција, што е многу пострашно од судбината на Евреите, бидејќи, ете, тие и ден денес опстојуваат и тоа добро, бидејќи си го сочувале идентитетот. Нив фашистите не можеле да им го земат идентитетот пред да ги задушат во гасни комори, а нас ќе ни го земат оти имаме домашни предавници, поточно оти власта во спрега со НАТО и ЕУ ни е најголемиот непријател.

Ме вџаши таа месијанска телевизиска улога на Клетников додека не го слушнав преданието како свети Павле лутал по светот додека не стасал во Македонија. Еден глас кога стасал на некое парче земја, не запамтив чиј и каде, му кажал оди понатаму. Павле тргнал понатаму. Одел, одел… кога му се јавил лично Господ и му рекол оди уште понатаму. Одел, одел… кога на крај му се јавил Македонецот и му рекол: оди во Македонија. И така свети Павле стасал во Македонија. Не во Грција, не во Србија, не во Бугарија, туку право во Македонија. Така пишувало во оригиналното издание на Библијата која Клетников ја прочитал, но потоа непријателите ја фалсификувале и место Македонецот напишале дека на свети Павле му се јавил човекот од Македонија…

Разбрав што е работата со човекот на екранот и го изгасив телевизорот. Ова беше премногу тажно и за мене, иако одамна сум отрпнат на разни претсказанија и страданија на кои ќе бидеме изложени пред страшниот суд ако останеме на 30 септември 2018 точно во 19 часот без идентитет, да не знаеме кој сме и што сме.

Ова е предупредувањето за страшниот суд ако скршнеме од патот на Господ и на свети Павле, според новото евангелие по Клетников. Другите просветленија на народот македонски доаѓаат од универзитетски просветители, академици и потписници на петиции кои правно и научно кажуваат колку е штетен договорот со Грција и колкава е неправдата што му ја прават западниот свет и домашните предавници на македонскиот народ. Не, не исто. Едното е господова и библиска клетва до неверниците, а другото световна и научна. Така црквата и науката по различни патишта доаѓаат до ист резултат во Македонија, што е уште едно големо чудо и потврда дека голема опасност се надвиснала над Македонија. Готово е со македонскиот народ ако го прифати договорот со Грција, велат загрижени научници за идентитетот.

За голема среќа решението е многу лесно. Треба само да се отфрли договорот со Грција, а патем автоматски и со Бугарија. И остануваме свои на своето, било антички, било македонски Македонци. Уставот тоа го гарантира.

А, како и кога ќе влеземе во Европа, тоа веќе за нив не е научно, туку политичко прашање. За такви ситни детали нивната наука, прво и правда не расправа. Кога на 1 октомври ќе се разбудиме со истиот идентитет како и пред Христа и по Христа, професорите кои ни ги учат децата и народот да опстојат на правдата и правото, сиромаштијата и заостанатоста ќе бидат горди на своето грандиозно достигнување. Ако резултатите од нивната мисија бидат урнати пред една друга историска закономерност да се оди напред и во прогрес, во Европа каде што и е местото на Македонија, заедно со целиот Балкан, тие веднаш ќе се повлечат зад своите институции, лаги и титули и ќе ги пуштат нивните жртви да прогласат фалсификат. Нивните научни достигнувања за изгубениот идентитет ќе се проверат на најдобар начин низ одржливоста на договорите со соседите и со членството во ЕУ и во НАТО. Тогаш сите ќе бидат за Европа, како и сега. Затоа тие немаат одговор на едно обично банално прашање како да се стигне до целта без отстапки и компромис. Дефинитивно, овие луѓе го изгубиле патот во својот двор.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 2 коментари

  1. Ајван Доктор®

    Со години го тропаат истото. Многумина наши политичари ја изустија истата будалаштина, но најчесто тоа беше верзијата дека „сме како Палестинците“, а споредбата со судбата на Евреите започна засилено во последнава декада. Редеа небулози дека напалм-бомбите флани од „сојузниците“ биле толку многу умни што погодувале, убивале, уништувале и палеле исклучиво Македонци, иако водачи на ЕЛАС и ДАГ тврдат дека Македонци во партизанските единици имало не повеќе од 150-200 Славомакедонци, затоа што Македонците биле изманипулирани од ВМРО, вооружени и вовлечени во војната очекувајќи Бугарија да ги окупира деловите од Северна Грција, вршејќи тешки злосторства во Доксато, Метаморфози, Евзони, Василица, Павкодасос, Платанија, убивајќи преку 3.000 недолжни невооружени цивили (Наум Димовски – партизански старешина во Главниот Штаб на ДАГ и ЕЛАС). Изустуваа без срам и перде безброј слични будалаштини, па дури и тоа дека барокот и класицизмот започнале во Македонија и дека се дел од проектот на „нашите“ антички претци, дека италијанскиот фашизам бил бениген, па почнаа дури и да прават портрети на Филип, Александар, Бахус и играа македонско ора облечени како александровите фалангоси, не знаејќи дека дури и зборот „оро“ потекнува од грчката реч „χορός“, што во превод на (славо)македонски значи „танец“…

    Едно е сигурно, Македонија и со позитивен исход на референдумот и без него ќе си остане да си тапка заглавена во каллта на минатото и простотилакот. Референдумот, дури и со сто постотна излезност и со исто толку афирмативни одговори на него, нема да ни донесе напредок во примитивната мисла. Она што е најжално, таа примитивна мисла постои токму кај најинтелектуалниот дел на Македонија, кај бројни академици и научни работници неспособни да се воздигнат над вообичаениот традиционален примитивизам. Одамна ја знам за приказната за еден академик кој го користел лавабото од својата канцеларија како писоар. И што да каже човек на тоа!? Очигледно џабе и научната дејност и силните титули кои ги става пред своето презиме штом не ја научил основната култура. Еден друг учен, иако треба да ја предводи научната мисла, настапи со изјава за поддршка на Законот за абортус предложен од ВМРО-ДПМНЕ, кој тешко го повредува правото на жената таа да одлучува за своето тело и здравје. Оттаму и второто прашање – можно ли е таков „учен“ човек да ја носи Македонија кон напредокот и иднината? Одамна се штипам за да се разбудам, ама некако не ми оди будењево, па морам да се согласам со тебе – Да, Ероле, не е никаков сон, туку кошмарно јаве е! И само наше си е!

  2. Ајван Доктор®

    Ете, кошмарното јаве, Ероле, секојдневно ги потврдува моите тези за владеењето на интелектуалниот примитивизам во Македонија. Најновиот пример со К. Анѓушев, кој магично, веднаш по дипломирањето станал „стручен“ соработник на Машинскиот факултет во Скопје. Деновиве си го прикажа вистинското лице – „му паднал од висина“ фломастерот со кој гаѓал по новинарите. Не се јави ниту еден очевидец кој ќе го потврди ваквото „паѓање“, сите присутни велат „гаѓаше по новинарите“. И, наместо новинарите веднаш сложно да изреагираат и да му завртат грб и да прекинат секакво известување за неговите активности (што би била сосема нормална новинарска реакција во демократска држава), тие како послушни кученца мафтаат со опавчињата весело, надевајќи се дека, моќникот кој работи две државни работи (професор на Универзитетот „Кирил и Методиј“ и Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, кој покрај тоа си приватизирал и општествена фирма „БраКо“ и 21 хидроцентрала во Македонија), и е типичен егземплар на новокомпониран господин, нема да ги отпушти од работа и да ја загрози нивната егзистенција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *