Banner
Ориент експрес

Претседателот Иванов ќе бојкотира

Gjorge-IvanovДобро е што претседателот Ѓорге Иванов ќе го бојкотира референдумот, најзначајниот демократски чин во  независна Македонија, историски настан што ќе ја одреди иднината на државата и на граѓаните. Ова го потврди неговиот кабинет на најбирократски начин со некакво половично појаснување до јавноста како потврда на новинарски прашања, демек, тој ден на 30 септември претседателот ќе биде отсутен, имал поважна работа. Ќе зборува во ОН на 27 септември, а потоа три дена ќе ги средува впечатоците од својот говор и пораките што ќе ги испрати до светот и до граѓаните на Македонија. Така претседателот Иванов се одлучи да  избега од часот по историја со умисла дека е подобро да добие неоправдан изостанок, отколку уште единица колку бандера.

Претседателот Иванов избра тој ден да не биде во татковината, да не се изјаснува на референдумот, одлучи да остане запишан во историјата како единствен претседател на државата кој  учествувал во попречување на Македонија да ги оствари своите најголеми стратегиски цели – членство во НАТО и отпочнување на преговорите со Европската Унија. Добро е ваквото легитимирање, бидејќи уште вечерта на 30 септември ќе се знае која е определбата на мнозинството граѓани на Македонија. На 1 октомври не ќе може да се прикрива неоправданото отсуство со честитка, а уште помалку со молк за своето апстинирање од одлуката за европската иднина на Македонија. Срамен чин за еден претседател на држава.

Замислете да беше обратно. Иванов заедно со целото свое семејство, како што доликува на претседател на држава, да излезе празнично расположен рано наутро меѓу првите на гласачкото место и да го даде својот глас и да ја оствари својата граѓанска должност без оглед што на јавноста ѝ е добро познато дека е против договорот со Грција. Затоа велам дека е добро што избрал да замине од татковината токму во тие денови на изјаснување. Тоа претседателот Иванов и поранешниот премиер Никола Груевски и за многу помали работи го правеа повеќепати. А нешто ќе загусти и може да не биде добро примено од јавноста, Иванов и Груевски ќе ја збришеа од државата на некој третокласен симпозиум или на роуд-шоу.

Претседателот одлучи тој ден да биде во престолнината на западниот свет, во Њујорк од каде што уште еднаш ќе  испрати итроманска порака до граѓаните на Македонија за бојкот со  своите познати вербални бравури, дека тој, всушност, е голем поборник на западната демократија, за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ и дека отсекогаш давал таква поддршка, арно ама, капитулантскиот договор со Грција, кој го склучила предавничката влада на Зоран Заев, е неприфатлив според неговите критериуми и поимање на историјата и античкото потекло на Македонците докажано со ДНК на плунка на чист Македонец во институт во Швајцарија. Претседателот Иванов не ја прифаќа европската иднина на Македонија со компромис. Го отфрла договорот со Грција како антидржавен и предавнички чин, а притоа никогаш не понудил ниту едно решение кое ќе ја приближи  Македонија до ЕУ и до НАТО.

Неговата дефиниција од почетокот на мандатот дека „разумен компромис е разумен компромис“ ќе остане  како карикатурална негација на суштината на отстапките кои водат кон одржлив договор прифатлив за двете страни. Оваа примитивна популистичка игра на претседателот одамна е откриена, бидејќи во изминатите десет години од неговиот мандат, и како претседател и како врховен командант на армијата, со ниту еден конкретен чекор не направи ништо во доближување на Македонија кон ЕУ и кон НАТО. Само празни немушти зборови.

Спротивно на тоа, претседателот Иванов има направено повеќе погрешни потези и донесе скандалозни одлуки кои предизвикаа нескриено  сомневање кај партнерите и сојузниците дека Македонија е искрено определена за  членство во ЕУ и во НАТО. Иванов, веќе е сосема извесно, ќе ги изарчи до последен ден десетте години посветени само на една политичка партија, директен учесник во  попречување на владеење на правото со свои аболиции и пишман аболиции, со  одолжување на судски постапки против високи функционери, под чија наредба е извршено најголемото нарушување на човековите права во историјата на Македонија, држејќи под надзор со години над 20.000 граѓани и јавни личности. Најмасовното откриено прислушување на граѓаните на една европска држава по Втората светска војна откри ужасни злоупотреби на овластувањата на високи функционери, откри организиран криминал, страшна корупција, злосторнички здруженија за изборни неправилности, нарачани апсења на политички противници и на судски пресуди, наредби за уништување на туѓ имот, немилосрдно трошење пари од државната каса, за што претседателот Иванов освен аболиции не кажа никогаш ниту еден збор критика.

Целосно ставајќи се заштитнички на страната на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, кој за своите гревови везден е на обвинителни клупи во македонските судови, претседателот Иванов стана директен учесник и во попречувањето на примопредавањето на власта на мнозинството пратеници по последните парламентарни избори. Со оваа злоупотреба на функцијата, претседателот ги поттикна крвавите настани во парламентот на 27 април 2017 година. За ова негово учество во обидот за државен удар и обидот за убиства на пратеници не е покрената истрага ниту обвинителен акт, иако би морало според тежината на законските и уставните прекршоци. Против претседателот Иванов не е покренато обвинение и за флагрантно кршење на Уставот со непотпишување на одлуки на парламентот кои се изгласани од мнозинство пратеници и кои претседателот во таков случај е должен да ги потпише. Овие тешки законски престапи не се застарени.

Неуспешниот референдум е добра прилика и претседателот на државата да ја избегне својата одговорност. Тоа  е последна шанса на сите високи функционери кои се соочени со  правдата. Но, истовремено успешниот референдум е последната шанса  за иднината на Македонија.

Вреди да се размисли барем една минута кого ќе спасуваме – Македонија, или тие што ја ограбија и уназадија.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *