Banner
Ориент експрес

Мицкоски ќе го праша народот

mickoskiХристијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,  бил презафатен и работел наголемо  на  размена на мислења во врска со референдумот. Како народна партија силата ја црпеле од народот, па така во преостанатите денови на неговата медитација проткаена со напорно ангажирање ќе го искристализира ставот на партијата во зависност од тоа што ќе му каже народот. На 10 септември, вели, по консултациите ќе го соопшти својот став кој сигурно нема да биде никакво изненадување бидејќи сите го знаат: Ние сме за ЕУ и за НАТО ама ќе почекаме подобри времиња, уште  некоја деценија додека не направиме подобар  договор со Грците. Подобро никаков отколку лош договор. Прекрасно кажано, без никакви изгледи ова генијално откритие да се смени до 10 септември и кај  Мицкоски и кај неговиот народ.

Премиерот Зоран Заев со својот тим  ја подготвува наголемо кампањата за иднината на „наша“ Македонија, за да не биде „небиднина.“ Сè уште траат  размислите колку пари треба да се потрошат за да дознае наша Македонија во која насока да тргне, напред, назад, или никаде. Не знам дали Заев и партнерите  повеќе размислуваат колку е цената на иднината или како луѓето да се уверат со факти и докази во иднината која нема цена. Очигледно дека нема да бидат доволни ветувањата и аргументите на голем број јавни личности од светот кои ги предупредуваат граѓаните и политичарите во Македонија да не ја испуштат  последната шанса. Треба нешто поопипливо, поконкретно кое ќе го препознаат граѓаните.

Али Ахмети го повикува „својот“ народ масовно да излезе и да гласа на референдумот за членство во ЕУ и во НАТО… и така со ред сите загрижени за  судбината на Македонија ги прашуваат своите народи на кутра Македонија што да прават, а пред тоа, пред што било да ги прашаат, за секој случај им кажуваат однапред, за да нема никакви забуни  што тие треба да прават. Од она што сме го виделе и чуле во изминатите три-четири децении на македонската политичка сцена без никаков ризик да се згреши може слободно да се каже дека ако некој каже дека ќе го праша народот што да прави и каква одлука да донесе, лаже, суши. Бидете сигурни дека штом политичарите го спомнат зборот народ, лажат.  На такви лаги во изминатите 27 години независност се изнаслушавме особено пред избори, или пред кое било изјаснување на граѓаните.

Еве, на пример, каква спектакуларна одлука може да донесе Мицкоски по консултацијата со народот кога тврди на ТВ Алсат дека ако не е заштитен институционалниот идентитет, тогаш не е спасен ни националниот идентитет. Тоа значи дека понудата  на НАТО и на ЕУ не важи. За да нема дилеми и сомнежи  што ќе смисли Мицкоски до 10 септември, вели дека подобро е да нема никаков договор отколку да има лош договор. И ако околу ова има неразбирање, за секој случај Мицкоски упатува на бојкот, додуша без да го спомне тој збор, но со јасна порака кога вели дека очекува прилично стерилна тросмислена кампања што ќе го пренасочи фокусот на граѓаните на погрешна страна, па луѓето практично збунети ќе останат дома на 30 септември да плетат чорапи за зимата, која може годинава да биде сибирска.

Како утеха, Мицкоски вели дека сè уште сите опции се отворени, а всушност, се ептен затворени бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ веќе е кристално јасен. Преку одбрана на институционалниот идентитет ќе се брани националниот. Оваа новокомпонирана  папазјанија преведена на разбирлив  јазик  значи дека не е Македонија суштинското име, туку  географската додавка северна, не е суштината да се биде Македонец, а јазикот македонски, а уште помалку македонското државјанство, туку дали Армијата на Македонија ќе се вика Армија на северна Македонија, дали МАНУ ќе биде македонска академија, или Академија на северна Македонија, дали државните институции, финансирани од државата, ќе бидат македонски, или на северна Македонија….  Успокој се Мицкоски, сите државни  институции ќе си останат македонски додека има Македонци, за тоа нема потреба од консултации  со народот. Доказот за ова тврдење  ќе го најдете во одговорот на едно кратко и просто прашање кое треба сите да си го поставиме и да одговориме: Дали државните институции се нарекуваат по името на  народот и на државата,  или народот се именува според институциите и страните на светот?

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Фразата „подобро и лош закон отколку никаков“, нè доведе до тоа да имаме шума од закони, а сите тие да бидат двосмислени и недоречени, што е сосема недопустливо во правото. Нема правдина онаму каде секој си го толкува законот по свое! Исто е и со твојата парафраза од мотото за законите пласирано од С. Андов: „подобро е и лош (било каков) договор одошто никаков“ – едноставно, не држи вода. Воопшто не е (по)добро да имаме било каков (макар и лош) договор. Секој лош договор може трајно за неколку наредни децении да ѝ наштети на државата и од него да имаме тешки последици. Но, очигледно е дека се извртуваат фактите, па и двата договори (и оној со Бугарија, и оној со Грција) се ставаат во ист кош, па или се добри, или се лоши, во зависност од тоа која страна ја поддржува оној кој говори за нив. Реално, додека договорот со Грција е позитивен и става точка на тридецениските расправи и антагонизми околу името (вклучително и на аспирациите кон Егејска Македонија од наша страна) со најмалку последици по земјава и нацијата, не задира во идентитетот и го потврдува нашето постоење (и покрај тврдењата на оние кои го гоговорат спротивното само од инает и само заради тоа што тие не успеаа да постигнат договор), договорот со Бугарија најотворено условува само една страна (нашата) и е добар единствено за другата потписничка – Бугарија. На среќа таквите договори кои ја условуваат и се на штета само на едната страна се секогаш правно неважечки.

    Велиш, дека иднината нема цена и дека луѓето „треба да се уверат со факти и докази“ за неа. Та, кој Ероле може со сигурност да ни потврди каква ќе ни биде иднината!? Кој може да изнајде факти и докази за иднината и да тврди дека ќе биде онака како што рекол, или како што говорат „доказите“ и „фактите“!? Баба Ванѓа? Нострадамус? Ниту нивното гледање кон иднината не е потврдено, иако многумина тврдат дека сè што кажале се остварува.

    Живееме во земја во која фактите и доказите за минатото се изобличуваат, не пак да го изнајдеме невозможното: докази и факти за иднината! Во 1982. година едни пријатели Грци ми прочитаа текст од нивен весник во кој се тврдеше дека Југославија ќе се распадне, но беше јасно истакнато дека постои изготвен план за нејзино парчосување од страна на ЦИА, спремен со добра анализа на состојбите во државата, со сосема идентичен тек на збиднувањата кои следеа неполна деценија подоцна. Беше јасно назначено дека сè ќе започне на Косово, па ќе следуваат Словенија и Хрватска. Кој можеше да претпостави дека новинарот бил добро информиран и го пишува текстот со знаење за тој план, а не според нечии нагаѓања или новинарски патки и дека неполна деценија подоцна ќе следува остварување на „претскажаното“. Очигледно, иднината може да се претскаже (како во случајов со грчкиот новинар), но треба да постои добра и релевантна информација, а не претскажувањата да бидат производ на субјективизам, на желби и на нагаѓања! Желбата е едно, реалноста нешто сосем друго. Оттаму, ако референдумот не е обврзувачки, туку консултативен и ако „на крајот сепак одлучат институциите“ чему тогаш фрлање народни пари за негово спроведување кога тие средства можат да се искористат за добробит на сите? Дури и да се спроведе со излезност од 99%, дури и за него да гласаат 99% (или 120,5% на Амди Бајрам) од нашите граѓани – тој сепак не дава никаква гаранција (и покрај ветувањата) дека ние ќе влеземе во НАТО, освен и единствено како стратешка цел на САД за приближување кон Русија, за ништо повеќе, бидејќи НАТО е и онака одамна присутен, а ЦИА има свои канцеларии кај нас уште пред 1992. Уште помалку има изгледи да влеземе во ЕУ затоа што реално не исполнуваме ниту еден од критерумите за влез. Најмалку верувам дека тие тоа ќе го сторат заради наша сигурност и безбедност, или за да спречат некаков меѓунационален судир во Македонија.

    Со референдум, или без него, сосема е сеедно. Нам паметта не ни доаѓа! Џабе трошоци, џабе трошење време, џабе сите расправии про ет контра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *