Banner
Ориент експрес

Јавачите на апокалипсата над Македонија

apokalipsaВоопшто не беше тешко да се претпостави дека Македонија ќе се соочи со силен притисок и однадвор и однатре да не стане членка на НАТО и на ЕУ. Да не влезе во сојуз со најразвиените, со најмоќните и со најбогатите земји на светот. Ќе речете, со право, не е нормално да се попречува иднината и развојот на една мала и мирољубива, сиромашна, земја, која за никого никогаш не претставувала опасност, освен на самата себе. Да, тоа е логиката на здравиот разум. Но болните и трагични искуства низ целата историја на Македонија кажуваат нешто друго, сосема спротивно на интересите на државата и на граѓаните, обратно на она што е најнормално кога пред себе се има историската шанса еднаш во сто години, а најчесто никогаш.

Можно ли е Македонија да се предаде сама по гладијаторската војна која траеше 27 години во која нема неповредени, особено по добиените последни битки, и на домашната и на меѓународната арена. Ова прашање деновиве го слушам во илјада варијанти, главно од луѓето кои се определиле да го прифатат компромисот со Грција во замена да се ослободиме од ропскиот дух, од криминалот и од корупцијата, од сиромаштијата и бедата, од примитивизмот и провинцијализмот, од омразата и од лагата, од синџирите и прангите за татковината да не ни остане окована во балканштината и заостанатоста, а најмногу да се спасиме од заканата да исчезне, што не е никаква новост и во поновата историја кога ги снемува и многу поголемите држави, на што бевме сведоци.

Мојот одговор е дека Македонија ништо не може да ја запре на патот на прогресот и напредокот, на единствената монументална историска можност сама да ја одреди својата иднина и иднината на своите поколенија, да ја оствари визијата на повеќе генерации за подобар живот, да ја отстрани еднаш засекогаш опасноста од поделба на државата. Ова, драги мои, не е нереален оптимизам на еден старомоден весникар, кој со децении пишува еден ист текст во милион нијанси, дека и на Југославија, а потоа и на Македонија, како самостојна држава, гледано од сите агли и аспекти, и од историски, и национален, општествен, и политички, и економски, и географски, културен, и од цивилизациски, местото им е во Европската Унија и во НАТО. Таа определба не ја наметнува само историската оправданост и закономерност, туку и сите досегашни државни, институционални, политички, владини, парламентарни, партиски, развојни, општествени и економски програми, одлуки, декларации, национални развојни документи и планови, кои се главна стратегија 27 години за иднината на државата. Сите релевантни политички партии, потпрени на определбата на мнозинството граѓани, над 70 отсто, се за тоа Македонија да биде член на евроатлантското семејство.

Ако е така, а така е, бидејќи несоборлив факт е веќе изодениот пат до кандидатура за членство во ЕУ, тогаш, од каде јанѕи и стравување дека историската шанса може да се пропушти, и тоа по наша вина. Од каде тој самоубиствен нагон да се кренеме во воздух како фанатици заедно со татковината.

Ги гледам деновиве четирите јавачи на апокалипсата одново над Македонија. Си велам стасаа наказите. Секогаш се тука кога треба нешто добро да ни се случи. Ги видов и над Југославија. Тамам требаше да се стане членка на НАТО и на ЕУ, преправените ѓаволи во патриотски ангели ја задушија во крв иднината на сите југословенски републики кои можеа по мирен пат да бидат првата конфедерација во ЕУ и предводник на интеграцијата на средна и на источна Европа. Истрошениот историски модел на Југославија се распадна во крв, исчезна и од географските и од сите други мапи.

Денеска над Македонија летаат истите тие јавачи на апокалипсата кои беа над Југославија деведесеттите години од минатиот век. Првиот јавач е лагата – тежок бомбардер кој најнапред се обидува да ја убие вистината. Слаткоречиво вели – сите сме за ЕУ и за НАТО, ама не може да одиме таму понижени, обесчестени и обезличени. Не го даваме името, не сме „Северна Македонија“, туку само Македонија, ние сме Македонци, а не „Северономакедонци“, нашиот јазик е македонски, нашето државјанство е македонско, нашето минато од неолитот и од крапинскиот човек до денес е чисто и само македонско. Точка. Крај.

Се разбира, од ова нема ништо во договорот со Грција. Останува и натаму името Македонија. Географската додавка северна не значи промена на името, туку отстапка за одбележување на географската област Македонија, која припаѓа на четири држави, потег што не ја обезличува Република Македонија ниту го нарушува идентитетот, ниту достоинството, ниту може да биде повод да не бидеме членка на НАТО и на ЕУ.

Никаде во договорот од Преспа не се ограничува и забранува правото на самоопределување. Тоа значи националната припадност како и досега е Македонец, а државата го задржува името Македонија, како што е од 1944 година наваму и како што ќе биде во иднина за век и веков. По федерална, народна, социјалистичка, поранешна југословенска, ќе бидеме и еден период „Република Северна Македонија“, но и европска, демократска просперитетна државичка, убаво стокмена за пристоен и подобар живот. Јазикот насушен македонски со целото свое творештво со пишаниот и непишаниот збор, со традициите и песните, со преданијата и приказните, со научните достигнувања, останува македонски, како што го знае светот и науката и како што е запишан одамна во дефтерите на Обединетите нации.

Вториот јавач на апокалипсата е омразата. Таа проповеда војна против различните. Смрт за шиптарите. Пали меѓуетнички огнови да им се крене температурата на патриотите. Ужас што сме го гледале во сите пресудни етапи од осамостојувањето на Македонија до денес. Деновиве родителите на тинејџери кои се членови на навивачките групи во земја во која речиси и нема фудбал, ама има на тони политика, треба да бидат прилично загрижени за манипулацијата која се прави со нивните деца да бидат употребени против својата татковина во служба на разни разузнавачки центри за кои извонреден терен за опасни игри се „комитите“, „шверцерите“, „балистите“, „чкембарите“, „ајдуците“, „пиратите“, „мајмуните“, „војводите“, „гемиџиите“… Не знам колку им кажуваат овие имиња на родителите, на учителите, но знам дека политичките партии и институциите на системот нанесоа огромни штети и несреќи со своите замешателства во спортот негувајќи ги навивачките групи, а уништувајќи го фудбалот. Таму треба да се истражуваат причините за убиствата и тешките повреди со траен инвалидитет на повеќе млади луѓе. Најголемите виновници кои седат во политичките кабинети никогаш не се соочија со правдата за овие злодела. Овој пат стасуваат вести за големи пари за злоупотреба на навивачките групи впрегнати во конфликти против својата земја.

Третиот јавач на апокалипсата над Македонија се ангелите впрегнати да ги спасуваат носителите на криминалот и корупцијата, на насилниците кои се обидоа лани на 27 април да извршат државен удар и да ја спасат државата со која владееја криминалци и тирани. И четвртиот јавач кој не е преправен во ангел. Туку си е ист и кога јава и кога оди пеш и кога зборува. Тој не се затскрива зад ѓаволски марифети. Тој е претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој отворено ги прифати лагите наместо вистините од договорот со Грција. Не само што ги прифати, туку и ги проповеда како вистини. Учествува во поттикнување на омразата и во палењето на меѓуетничките огнови и судири. Отворено застана зад криминалците и нарушувачите на човековите права и слободи. Дели аболиции и амнестии и учествува во попречување на правдата на обвинетите за криминал и корупција.

Ете, оттаму доаѓаат јанѕите и сомнежите дека силната валкана кампања, вклучувањето на јавачите на апокалипсата, големите пари и сили кои влегуваат во играта можат да ја спречат Македонија на својот пат кон иднината. Притисокот врз Македонија е секој ден поголем како што изгледноста за членство во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ станува пореална. Владата и сите што ја гледаат Македонија во Европа имаат голема одговорност вистината да ја дознае секој граѓанин. Запамтете, одлучуваме сами. Има темни и мрачни сили кои работат на тоа Македонија да не успее. За неуспехот сами ќе бидеме виновни. Најмногу Владата оти не ги спречила блокадите, а тоа ѝ е работата – да ги одбрани интересите на државата.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 2 коментари

  1. Ајван Доктор®

    Прекрасна колумна, Ерол. Само едно не ми влегува во главава, како може да мислиш дека една конфедеративна Југославија би била поуспешна во ЕУ од онаа федеративно уредената Југославија. Во годините кога Источна и Западна Германија се обединија, кога и последната општопозната конфедерација (Швајцарија) донесе федеративен устав (1992), нашиве „мудреци“ бараа поделби и конфедерација, па дури праќаа и пропагатори како покојниот проф. Д. Мирчев, роден во Сливен, да нè убедуваат дека федеративното устројство не чини и дека е време за конфедерација „затоа што и САД биле конфедерација“ (*негова реченица искажана на трибина)!? На прашањето „кое е вашето лично мислење за платформата Изетбеговиќ-Глигоров“ одговараше со „јас мислам како и претседателот Глигоров“.

    Омразата е општа. Ја има и кај едните, и кај другите. Во игра не е само „смрт за Шиптарите“, „клетите и лажливи Турци“, „Власите кои се држат“, туку и „смрт за каурите“ „за Македонците“. Омразата ја има во сите бои па дури отиде и дотаму да се прават поделби од типот „пролчети скопјанчишќа“, „их, битолчаниве“ и сл. Пронаоѓањето предавници и измислувањето предавства стана начин на живеење.

    Точно е дека многумина го немаат прочитано Договорот од Преспа, па тврдат работи кои ќе им го каже раководството („непогрешивите“), но зарем не ќе беше подобро тој да се обелодени и јавно обзнани во превод на македонски јазик, па дури и на јазиците на националностите!?

  2. Ајван Доктор®

    *исправка: „проклети скопјанчишќа“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *