Banner
Ориент експрес

Со кого ќе се слика Мицкоски

mickoskiХристијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, деновиве ќе одлучи со кого ќе се слика – дали заедно со Панос Каменос, министерот за одбрана на Грција и лидер на Независни Грци, коалициски партнер во владата на Алексис Ципрас, од едната страна, а од другата страна со  Ѓорге Иванов, претседателот на државата. Тоа може да биде убав портрет на најголемите патриоти во двете земји кои различно мислат, но со иста крајна цел: Македонија да не биде сојузник на северноатлантската алијанса без да им се исполнат заложбите. Каменос со своите истомисленици не го дава името Македонија, а Мицкоски со приврзаниците не ја сака Македонија со додавката северна. Или, пак, можеби мислите дека Мицкоски многу бргу ќе се премисли и ќе избере да биде во колективниот историски портрет, заедно со премиерот Зоран Заев и сите партиски лидери кои се истомисленици, како и тој и мнозинството граѓани на Македонија, за членство во НАТО и во ЕУ со сочувано име и презиме, но со географската додавка северна.

Пораката за колективно сликање стаса од  Каменос, кој беше присутен во Брисел во седиштето на НАТО при донесувањето на едногласната одлука да се испрати покана до Македонија за членство во НАТО. Притоа Каменос рекол: Можат да собираат покани и да се сликаат, но во НАТО нема шанси да влезат сè додека го користат терминот Македонија. Договорот од Преспа нема никогаш да се имплементира затоа што нема да помине ниту во Собранието, ниту на референдум кај соседот, им соопштил Каменос на грчките новинари. Велат дека некои грчки новинари си играле мајтап со Каменос дека уште не разбрал дека во Собранието на Македонија на два пати е ратификуван Договорот од Преспа и дека мнозинството граѓани на Македонија тоа ќе го потврдат и на референдум.

Не верувам дека Мицкоски и Иванов со своите цврсти ставови му влеваат толкава сигурност на Каменос дека членството во НАТО со името Македонија за жива глава не проаѓа кај нас бидејќи има додавка северна, а згора на тоа се потребни и уставни промени ерга омнес. Па од каде е толку убеден министерот Каменос дека Договорот не поминува во Македонија, ни во Собранието, ни на референдум. Не е на одмет поголема внимателност на зборовите на Каменос, човекот е  министер за одбрана на  Грција и му се достапни информации на повеќе известувачки и разузнавачки служби. Тешко е да се верува дека  зборува на памет и без доволно сознанија за работи кои не ги знае јавноста, ни во Грција ни во Македонија. Протерувањето руски дипломати од Грција кои во штуро соопштение се доведени во врска со договорот меѓу Грција и Македонија, а наводно сакале да го спречат, меѓу познавачите на односите меѓу двете земји се смета за голема сензација. Грција е „руски човек“ во ЕУ, традиционално добрите односи меѓу Грција и Русија, кои се протегаат со векови низ историјата, практично не дозволуваат помисла дека тука се случувало нешто толку страшно за Грција да се определи да протерува руски дипломати и да се соочи со истата реципрочна мерка на Кремљ. Притоа е испратена итна порака од Атина до Москва аман заман да се сочуваат добрите односи.

Да не се поведуваме по атрактивноста и возбудливоста на шпекулациите и претпоставките, но сериозноста на ситуацијата, особено кога двете најголеми светски велесили претставувани од претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп, ќе седнат да разговараат, можни се многу непријатни вести. Не затоа што Македонија ќе биде голема и значајна тема, напротив, баш затоа што малите земји најмногу страдаат како отстапки при пеглањето на големите стратегиски интереси и при поделбата на сфери на влијанија.

И сега – што понатаму во една исклучително значајна историска ситуација за иднината на Македонија. Нема друго чаре освен зграпчување на шансата на 21 век со јасна демонстрација на целосно заедништво во земјата, на сите политички партии, на деловните и интелектуалните елити, да се повикаат граѓаните со заеднички проглас веднаш, без да се трошат многу пари за валкани кампањи, да излезат на референдум и да гласаат за договорот со Грција, да гласаат за влез на Македонија во НАТО и за отпочнување на преговорите со ЕУ, да гласаат за иднината на државата. Што побргу и помасовно, тоа подобро.

Ако се мери пак кој повеќе добива, а кој повеќе губи, Грција, ако заврши успешно договорот, ќе стане лидер на Балканот. Кажано наједноставно, Грција доби лидерство и го доби минатото за кое мисли дека е само нејзино, Македонија ја доби иднината и сè што оди заедно со припадноста на Европа и НАТО. За сопственоста на минатото одредува науката, таму политичките договори не важат. За евроатлантските интеграции и сојузи одлучува политиката, таму правото и правдата не играат никаква улога.

Ова се само основните мотиви, но мислам доволно силни и јасни за да сфатиме конечно, ако не сите барем огромното мнозинство, зошто е неопходен добро срочен и разбирлив едноставен заеднички проглас на политичките партии и лидери до граѓаните на Македонија кој ќе биде   усвоен едногласно во Собранието. Тоа мора да  биде историски документ кој ја одредува судбината  на земјата  и на сегашните и идните генерации. Со тоа Македонија станува европска држава во која е отстранета опасноста од поделби и конфликти, кои сè уште се реални закани ако Македонија  остане пуст остров во океанот на ЕУ и на НАТО околу себе.

Можеби министерот за одбрана на Грција,  Панос  Каменос, кога кажал дека можат нашите политичари да се сликаат со поканата од Брисел за членство во НАТО, имал увид во некое сценарио во кое е влезена проценката за идните настани во  Македонија ако самата се откаже од членството во НАТО и во ЕУ. Таква проценка на ЦИА еднаш се оствари со Југославија по испуштањето на можноста да влезе во северноатлантската алијанса и во ЕУ како конфедерација. Владата и премиерот Зоран Заев ќе ја сносат најголемата одговорност и ќе се соочат со историска осуда ако се испушти шансата на столетието. Владата ги има сите механизми на располагање да го отстрани секое попречување на иднината на државата и на  нејзините граѓани. Ако тоа не го направи, станува најголем виновник, како неспособна власт да ја оствари шансата што сама ја создала. Тоа е, да се изразам во духот на Светското фудбалско првенство, полошо отколку да промашиш одлучувачки пенал. Му доаѓа како да го напуштиш теренот пред да свирне судијата крај и да го загубиш пар-форфе натпреварот, иако водиш 2:0, по што следува дисквалификација уште 27 години да играш во локален потсојуз.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Не знам дали ти си славел добивање некоја покана за да одиш на некој прием, нечија дипломска, или докторат, покана за да отпатуваш некаде во некоја земја од светов и сл. или си ги славел одењата, дипломирањето, докторирањето, приемот, победата…!? Дали славеше кога доби датум за бранење дипломски труд, или откако ја одбрани дипломската? Дали го славеше уписот на факултет, или завршувањето? Дали го славеше ветувањето дека ќе те вработат, дека ќе те постават за уредник во „Н.М.“, или славеше откако те вработија, откако стана уредник?

    Србите велат „прво скочи, па реци хоп“. Ние неколку пати викаме хоп, уште многу пред да скокнеме, а скокот, наместо во небесата и во далечината, повеќе наликува на некво благо и несмасно поткренување на прсти, или на некој лет во место. Ми текнува, славевме покана за предлог за почеток на преговори со ЕУ. Внимавај, не преговори, туку некаков предлог за почеток со кој ете, после деценија уште сме таму – на почетокот. Времето си поминува, а ние мавтаме со рацете и замислуваме дека летаме високо над облаците, дека си го летаме кондоровиот лет, а всушност сме летале како некој петел до тарабите и до селското буниште, не подалеку од него, од нашиот двор. Во меѓувреме, се што можеше да се постави наопаку се постави наглава и стана нормален ток на настаните. Како да стана нормално да одиме назаечки, завртени со грбот и со задникот и да тврдиме дека одиме забрзано нанапред. Нозете ни пафтаат во вис, а ние со ушите – газиме кон светлата иднина, назаечки, и потоа се чудиме зошто времето ни застанало уште во 1990-та (ма, во антиката) и зошто само претаме со рацете замислувајќи дека сме млазен авион.

    Да, точно е! После 27 години правец кон целта (НАТО и ЕУ), со заблудата дека Југославија ќе ја примеле само ако станела конфедерација (новинарска патка, или патка на обавештајните служби) да стигнеш само пред портите и да се веселиме како будали, а портирот одамна си заминал на долгогодишен одмор (официјално до 2025, неофицијално – дали ќе го доживееме влезот) нездраво е и радувањето што си стигнал пред портите бидејќи си задоцнил, и тоа претерано многу, а уште понездраво е да го смениш правецот за да го заобиколиш замокот. Како стојат работиве со „реформирањето“ и со народниве мудрости на одредени „народни мудреци“ желни да пилотираат на авионов кој умислил дека е со крилја, патот изгледа ќе ни трае уште многу долго, најмалку неколку десетлетија. Чардак ни на небо ни на земја – Македонија е пред амбис на кој не му се гледа дното. Некој треба да одговара за ширење на заблудата дека експресно ќе нè примеле во ЕУ! И тогаш, а и сега истата бесмислица е главен хит меѓу народов!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *