Banner
Ориент експрес

Зошто Заев е толку самоуверен

zaev

Наеднаш секна големата река бербатлаци против НАТО и против Европската Унија емитувана од геризите кои сè уште се нарекуваат медиуми. Некој, доволно моќен, се сети да им каже – престанете со тие будалштини оти ќе се удавиме во сопствените лајна.

Дури и визитинг-професорката во медиумите, која пред два месеца напиша колумна во „Нова Македонија“, во која го приопшти јавно својот пацифизам, со категоричен став – „Дури и да нè примат во НАТО со уставно име треба да одбиеме“ (за што имав разбирање како определба на една дама), сега големата поборничка за мир во светот зборува за можноста од подобар договор, отколку овој со Грција за остварување на евроатлантските интеграции на Македонија и за штетноста од отстапките и компромисите. Многу кратко ѝ траеше анти-НАТО ставот. Што ти е брза еволуција.

Дежурниот партиски пензиониран дипломат за плукање против Америка и НАТО, кој не можеш да го исклучиш ни со далечинско, ти влегува дома како дух, a ако ги затвориш вратите и прозорците, слетува низ оџак. Замислете, и тој веќе не е антизападно расположен, туку само антимакедонски и антикомшиски и антисеверно. Човекот имал само сериозни забелешки на лошите договори со соседите што ги склучиле предавниците и потписниците на капитулацијата.

Ќенеф медиумите сега емитуваат поинаква пропаганда во две насоки. Првата, демек официјална на ВМРО-ДПМНЕ, дека НАТО и ЕУ се стратегиски цели зад кои тие први во државата застанале и ги означиле како приоритетни, но не ги оствариле оти во десетгодишното владеење имало други многу поургентни, попатриотски и попрофитабилни работи за решавање. Доколку го прифателе поповолниот договор кој им се нудел од Грција, немало да се остварат големите успеси за кои сега новиот режим ги суди невините државници по сè што направија за татковината жртвувајќи се себеси. Ете затоа, договорот од Преспа бил катастрофално лош. Новото проевропско и прозападно раководство на ВМРО-ДПМНЕ излезот го гледа во поништувањето на договорот што автоматски следува по бојкотот и неуспехот на референдумот, а веднаш потоа штом ќе дојдат на власт ќе направат подобар договор со Грција и со идната грчка влада, со грчкиот парламент и со грчката црква, ако треба и со Русија, штом таа ќе влезе во НАТО и во ЕУ.

И тамам си викам, па добро бе, луѓе божји, има ли некој во државата кој може да поверува во ваков идиотизам, кога ме тресна гром од ведро небо. Утроклек ТВ-програмите и порталите пуштаат вода по физиолошкото празнење на секој пациент кој прима терапија како учесник во спасувањето на Македонија од Зоран Заев и неговата банда, кои се најголемото зло откако постои Македонија, дури и многу поголемо од Глигоров и Црвенковски заедно, бидејќи тие не го потпишаа предавството иако безброј пати беа наречени предавници и најголеми душмани на Македонија. Двајцата сега се народни херои во споредба со Заев, иако Глигоров и покоен уште зборува за Европа, а Црвенковски здрав и жив уште молчи. Вели да не му наштетел на Заев!?

Многу е опасно да не се инфицирате ако почнете да барате логика во тоа како овие луѓе во врвот на револуционерната партија толку бргу созреаја, па од големи противници станаа поддржувачи на ЕУ и на НАТО. На цел глас викаат и трубат на сите страни дека до вчера НАТО-злосторниците и Европа, вавилонската ороспија, всушност одамна биле наши најголеми сојузници. Но капитулацијата со потпишување на договорот со Грција и предавството на Зоран Заев и Никола Димитров за промена на името, за губење на националниот идентитет и прекрстувањето на Македонците во Северномакедонци, губењето на македонскиот јазик и државјанство, бришењето на историјата на Македонија од антиката до денес, сето тоа го направи оној изрод и предавник од Струмица. Значи, удри по Заев како непријател број еден на татковината и заплашувај ги граѓаните дека е готово со Македонија ако тие не дојдат на власт да ја спасат државата и да направат подобар договор и со Грција и со Бугарија и со ЕУ. Мижи Асан да ти баам.

И во една ваква офанзива за спасување на Македонија од предавници, го гледам Зоран Заев ладнокрвен и спокоен и убеден дека оваа работа добро ќе се заврши. Македонија ќе стане членка на НАТО многу бргу, уште годинава и дека патот кон ЕУ е сигурен и во догледно време Македонија ќе биде членка на европското семејство. Антиамериканците мислат дека самоувереноста на Заев доаѓа од Америка, противниците за членство во ЕУ велат дека има силна поддршка од Германија. Политичките аналфабети тврдат дека Заев лаже и блефира, бидејќи нема ни датум за преговори со ЕУ, нема ништо конкретно ни за членство во НАТО, а поради неговата корумпираност, оти имал вила на Халкидики, не сакаат да седат на заедничка маса со него политичките лидери на Франција, на Холандија, на Данска… Ова го проповедаат македонски пратеници од ВМРО-ПМНЕ и високи партиски функционери.

Се разбира, притоа со новиот задолжителен додаток дека нивниот договор со Грција што ќе го склучат на „свети никогаш“ ќе биде подобар. За вакви небулози нема новинарско прашање како тоа Грците ќе склучат поповолен договор од овој ако овој е со потпис за прифаќање на капитулација. Или, можеби грчката опозиција, која е сега огорчена на склучениот договор, ќе се согласи Мицотакис од Грција и Мицкоски од Македонија да склучат ептен поволен договор на задоволство на двете страни и на остатокот од светот. Во последните години ова е најголема будалштина од планетарни димензии.

И конечно, еве го мојот субјективен одговор на прашањето од насловот на текстот – од каде толкава самоувереност на Зоран Заев? Сигурноста и убеденоста на премиерот и неговиот тим доаѓаат од историскиот предзнак за иднината на Македонија. И правдата и интересите и мнозинството граѓани се на иста страна. Сегашните оркестрирани кампањи, кои поради нарачки од партиските штабови и нови коалиции со медиумите прават привид на голема бројност, не можат да ја урнат мнозинската определба на граѓаните на Македонија. Ако на референдумот гласаат околу 700.000 граѓани за поддршка на договорот со Грција и за евроатлантски интеграции, дури и да е „неуспешен“ поради бојкот и недоволна излезност, големо прашање е дали е тоа пораз.

Не, всушност, тоа е голема победа која виси како меч над главите на ново-старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. По оставката на Заев, во тој случај, која експресно ќе уследи со распуштање на парламентот, уште годинава ќе се одржат вонредни парламентарни избори со широка предизборна коалиција на партиите за европска Македонија. Тие 700.000 поништени референдумски гласови и револтирани гласачи ќе го прегазат ВМРО-ДПМНЕ за подолг период, многу подолго отколку што траеше нивното децениско владеење без контрола.

Но, без гајле, до ова нема да дојде бидејќи граѓаните на Македонија ќе покажат зрелост и државотворност, исто толку големи како на гласањето за независноста на Македонија на 8 септември 1991 година, без оглед на отсутноста на иселените граѓани и повиците за бојкот. Само треба добро да се одработи овие два месеца со високопрофесионална, едноставна, разбирлива и добра едукација која ќе допре до мнозинството граѓани дека не може да биде предавство и непријателски чин тоа што сите идентитетски обележја стануваат признаени за навек, и во ОН и во целиот свет, почнувајќи од името Македонија, националноста Македонец, државјанството македонско, јазикот македонски, па до чисто минато без идеологија и фалсификати. Тоа е херојство и историски успех. Предавство е тоа да се спречи.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 2 коментари

  1. nacional-patriot

    Ubavo e da si fantazirash.Samo losho e koga kje se izgubi sposobnosta da se pravi razlika megju fantazijata i realnosta.

  2. Ајван Доктор®

    Симптоматично е што оние кои како папагали ги повторуваат изустените небулози на својот лидеу дека договорот со Грција е предавнички, всушност немаат прочитано ниту еден негов збор, ниту еден став или член од договорот, но знаат дека „тој е предавнички“ затоа што го потпишал Заев (Димитров, де). Не е лошо договорот да биде објавен интегрално на секој наш портал, во секој наш весник, за да видат во што се состои „предавството“. Што се однесува до (М)ВРО-ΔΡΠΑΝΕ, ним устата со децении (од формирањето 1990, до март лани) им беше преполна со ЕУ демократијата и ЕУ демохристијанството, со републиканството и христијанскиот конзерватизам на САД, и оддеднаш оп, се разбудија од некој кошмар „сфаќајќи“ дека е подобра демократијата во Русија, глорифицирајќи го Путин заради неговите мускули… Одново „сфаќајќи“ дека всушност тие се всушност за Америка и НАТО, ама само дека „името не го давале“, иако сè беше готово уште на Самитот во Букурешт, само желбата да се остане подолго на власт беше пресудна.

    И уште еднаш, ЕУ уште пред некоја година реши да не прима нови членки до 2025, а не како што „визионерски“ тврди Заев „дека договорило прием до 2025“. Ќе помине и 2025-тата и ако Македонија остане со истиве судии и обвинители, со истава „многу способна“ и „реформирана“ администрација, со истото школство (истите професори, наставници, научници) и здравство (со истите лекари), со народ кому израз на висока култура му е барокот во стиропор, прстот во ноздрите и копањето руда од нос, одново ќе си најдеме некој друг термин од Баба Ванѓа со назнака дека патот е долг, но достижен.

    За НАТО, не сакам ниту да трошам зборови, како ниту за визитинг-професорката Оф Норт Мацедониа, уште помалку за Ристаки дипломатот. Со три авиони за прскање против комарци и со неколку хеликоптери, со армија која едвај се прехранува, облечена и опремена во слободен стил, таму може само да им ги чистиме вецеата, или да им служиме како жив штит, иако рака на срце и тоа добро го плаќаат, па е поисплатливо да им чистиш вецеа на НАТО, отколку да бидеш лекар на скопските клиники или не дај боже лекар по општа пракса во нечија приватна ординација. Ете, тоа се нашите достигнувања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *