Banner
Ориент експрес

На Македонија ѝ треба нова преродба

cvetЗнаеме кој ќе ги почне преговорите со Европската Унија и кој ќе ги предводи и остварува најтешките етапи од поглавјата што се мерило за успешноста на реформите. Тоа ќе бидат тимовите и институциите предводени од овој владин состав. Но додека се стави конечниот потпис за редовно членство во ЕУ ќе се сменат повеќе влади и парламентарни состави. Не знам уште колку време им треба на нестрпливите, кои везден лелекаат да се вратат на власт, да ја осознаат оваа голема веројатност, но би требало конечно да им текне, ако останало уште грам разум во главите на партиските лидери на опозицијата и тие да ги повикаат граѓаните масовно да излезат на референдум да ја запечатат европската иднина на Македонија.

Ќе бидат избришани од политичката карта на Македонија и тоа ерга омнес, ако не бидат учесници на најзначајниот историски настан од осамостојувањето на Македонија до денес, а според некои историски параметри од АСНОМ до денес. Референдумот со над 90 процени „да“ за Европа и едногласните уставни промени во парламентот се влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ, двата најголеми политички, економски и воени сојузи во светот. Тоа е најголемата гаранција за безбедна и просперитетна иднина. Подобра нема.

Тешката работа на опозицијата им ја заврши друг, а и најтешката во спроведување на мачните и болни реформски процеси исто така ќе им ја заврши друг, а тие на готово, ако им останало малку мудрост и политички прагматизам, ќе ја соберат славата од потпишување на договорот за рамноправно членство со ЕУ во Брисел. Обично, тие што ќе ги направат реформите ги губат изборите. Но за да дојдеме дотука треба паралелно со реформите наведени во бриселските поглавија, во Македонија да отпочне нова голема преродба, културна, цивилизациска и социјална револуција за пресметка со заостанатоста, примитивизмот, провинционализмот, популизмот и празноверието. Во нашата земја премиери, претседатели и министри, судии и универзитетски професори одат на бајачки и јасновидци за да им ја претскажат судбината и иднината. Тоа е разбирливо кога тие немаат визија, ни колку бајачите. Премиери и министри одат во црква да видат како иконите ронат солзи за да го излажат народот дека Господ им праќа порака, а не хигиеничарката која истурила повеќе вода кога го миела патосот, па испарувањата прикажуваат плачење на светците од жал до каде стасала заостанатоста на библиска Македонија. Највисоки црковни великодостојници присуствуваа крстејќи се на ова празноверие што со векови се смета за најголемиот непријател на верата и навреда на вистинските верници, дури и кај ортодоксното христијанство. Претседателот на државата како селски туристички водич ја промовира дупката на свети Павле кај Паљурци. Хунзите од под Хималаите, нашите антички возљубеници, ги прогласија за наши потомци, се откажаа од словенското потекло, од темелот на македонската нација… За која Европа зборуваме со ова јаже околу вратот?

Набројувањето на примитивизмот и простотилакот, чии бербатлаци во овие 27 години независност се поголеми од надојдените матни води на Вардар, не можат да ги соберат ни илјадниците книги што лежат во мемла по подрумите на издавачите, за кои режимот на Груевски потроши милиони евра да ја просветли нацијата. Сироти, уште не научија дека нема просветлување во мрак, со крадење и со тиранија, туку само со слобода и работа. Затоа колку и да се значајни не се доволни само реформите во судството и владеење на правото, гонење на носителите на организираниот криминал и корупцијата, кои сè уште успеваат да ја одложуваат правдата со неразумно долги судски процеси. Не се доволни ни реформите на администрацијата, на тајните полициски служби и на целата полиција, ни тектонските промени во образованието, здравството, земјоделството, во економијата и во комплетниот општествен систем кој почива на фабрички грешки. Неопходен е генерален ремонт по тешките хаварии. Претстои огромна работа каде што има место за сите кои сакаат да стават барем еден камен во темелите за иднината на Македонија. Лелекањата и врескањата за содржините на договорот со Грција се губење време кое само нанесува големи штети. Тоа се празни и јалови тажалки кои не нудат никакво решение освен лош губитнички амбиент. Тие анахрони квазипатриотски блебетања треба да се игнорираат оти го снеубавуваат денот и го замаглуваат хоризонтот, ја загадуваат човековата околина.

Колку пати досега сте кажале изненадено кога помина годината. Додека трепнеш летаат годините. Но, не е секогаш така, некогаш часовите и деновите се како години, а месеците како децении. Погодувате, ајде да расчистиме дали е многу или малку што треба да чекаме уште 11 месеци, па да ги почнеме преговорите со ЕУ. По 27 години чмаење во балканската крчма и 11 години живот во режим една неполна година му доаѓа како вселенска брзина. Гледано од тој агол на остварувањето на стратегиските определби како најприоритетни, како што се членство во НАТО и во ЕУ, за што во земјата од првиот ден на независноста има општонароден консензус, уште една година е навистина како трепет на очите.

Кај искрените поддржувачи на евроатлантските интеграции на Македонија страхувањата не доаѓаат од времето, туку од неизвесноста дали работата и домашните задачи ќе ги завршиме, дали противниците кои Македонија не ја гледаат во НАТО и во ЕУ, дома и надвор, нема да предизвикаат немири и нова политичка, безбедносна и економска криза.

Без разлика на неизвесноста, тешките денови и големата работа што престојат, има повеќе причини да бидеме оптимисти и задоволни од последните одлуки на Брисел. Прво, многу јасно и без простор за никакви дилеми, различни толкувања и манипулации е соопштено дека Македонија не само што веднаш ќе ја добие поканата за НАТО, туку штом заврши ратификацијата на одлуката во земјите членки на НАТО, обично, не подолго од една година, ќе стане редовна членка на алијансата. Дали по сите овие сознанија и факти може да се очекува пресврт во односите меѓу политичките партии од власта и од опозицијата и со претседателот на државата, по соопштената покана за членство во НАТО и по најавата дека идната година Македонија ги почнува преговорите со ЕУ? Ако е вистина дека сите имаат иста цел како што тврдат, и власта и опозицијата и претседателот на државата, демек сите се за ЕУ и НАТО, дури и повеќе од актуелната влада, тогаш не би требало да има големи проблеми. Очигледно некој дебело лаже оти кампањата на опозицијата и на претседателот е уривачка и крајно непријателска кон Европа и кон НАТО. Повеќе од 27 години бевме лажени дека може и во НАТО и во ЕУ без компромис и без уставни промени. Не се малку три децении ни за абдали да дознаеме дека сме прелажани. И, сега, пак ни ја продаваат истата приказна. Во ваков амбиент на лаги, омраза и шовинизам би било далеку од умот да се очекува дека опозицијата ја сфати историската димензија на настаните. Добрата вест е дека референдумот ќе ги порази и ќе ги смести таму каде што припаѓаат. Македонија тргна напред со овој товар и со билет само за еден правец. Или ќе стаса до целта или ќе умре по патот. Враќање нема.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 8 коментари

  1. nacional-patriot

    Na referendumot kje se odluchuva dali se prifakja promena na imeto,a ne chlenstvoto vo NATO, ne osobeno chlenstvoto vo EU.Duri i da se smeneshe imeto,toa nemashe da bide garancija za chlenstvo,zatoa shto chlenstoto zavisi i od ratifikuvanjeto vo parlamentite vo Atina i Sofija.Spinuvanjeto deka onoj koj saka da glasa protiv promena na imeto ili nema namera da izleguva na referendumot,e protiv chlenstvo vo NATO i EU,e ochaen obid na kompromisierite da isturkaat promena na imeto.Nema da uspeat i koga kje ja izgubat vlasta,kje odgovaraat krivichno za obidot.Nema ni da dozhiveat zapochnuvanje na pregovori so EU.A opozicijata kje beshe izbrishana od politichkata scena ako prifateshe soucheshnishtvo so vlasta vo predavstvoto.Za neistomislenici da se napishe deka ja zagaduvale chovekovata okolina(taka indirektno se oznachuvat za gjubrinja,a gjubreto zagaduva),samo zatoa shto ne se soglasuvaat so rezhimot i so negovite novinarski slugi i perjanici,e karakteristika na totalitarno razmisluvanje.A shto drugo da se ochekuva od kvaziintelektualci i kvazidemokrati?Baras “nova prerodba”.Barash ukinuvanje na makedonstvoto zatoa shto samo taka Atina i Sofija dozvoluvaat chlenstvo vo NATO i EU.So lesnotija se zalagash za ispolnuvanje na baranjata na shovinistite vo sosednite drzhavi.Dosega se vozdrzhuvav da te oznachuvam poinaku od toa shto si po etnichka pripadnost,no vekje nema.Novootomanec!Mozhe i Zapadenotomanec!Dobra vest e shto referendumot kje bide krajot na kompromisierite,avtoshovinistite i na nivnite podrzhuvachi.

  2. Ајван Доктор®

    Против НАТО сум затоа што тоа е насилничка милитантна алијанса која се обидува да го стави светот под своја контрола, наметнувајќи му „слобода“ и „демократија“, а како што ни е познато – убаина сосила, не бидува. Наспроти тоа не сум против влезот на Македонија во ЕУ, иако не ми е јасно како некој кој се раздружил (сецесијата од Југославија) и уништил една држава (прекрасна) на братски народи сега запнува да влезе во асоцијација која ниту е братска, ниту сме стигнале дотаму да ги исполниме основните предуслови за асоцирање во неа (здрава економија, висок стандард, напредна технологија, здрав и функционален систем и сл.). Сметам дека треба патот да го одиме во обратна насока – најпрвин здружување во Југословенска (според обврските на референдумот од 8 септември 1991 година), па во Балканска Федерација, па дури потоа ќе бидеме зрели за Европска Унија.

    Токму затоа со децении говорам дека не е до името, туку дека треба најнапред да си ја средиме државата (со вистински и суштински, а не наопаку и проформе поставени реформи), па дури потоа ако успееме во тоа (заради проблемите во менталниот склоп, кои Ерол прецизно ги наведе со своето бритко перо) не само што ќе бидеме спремни, туку таква држава средена во принцип како оние скандинавските, или барем како Словенија, секој би ја побарал во своето друштво. Со кого реформи, Ероле!? Со истите луѓе во здравството (Филипче), во правда-кривда (истите судии, обвинители, адвокати…), полиција, армија, безбедност (истите „многу способни“), образование („многу учени“), администрацијата… кои до вчера им слугуваа на Грујо и фамилијата, правејќи „успешно спроведени реформи“ без да мрднат со малиот прст и гледајќи си го исклучиво личниот интерес?!?!

    Проблемот е што сите оние сегашни (глумци-)поборници за ЕУ се надеваат на голем профит, на огромна лична корист (за себе и своите семејства) и можност дека ќе пристапат до ЕУ касицата-прасица трошејќи ги земените кредити без контрола за кули од карти (раснејќи си го сопственото салдо). Македонија добиваше огромни пари и во СФРЈ, иако имаше најмал придонес во заедничката каса. Додека Словенците ги трошеа на здрави стопански претпријатија („Горење“, „Елан“, „Мура“ и сл.), ние трошевме на Фе-Ни на кој Минчев избриша една нула во елаборатот (од руда со 0,02% Fe-Ni, стана руда со 0,2% *има документ во архива), па сега се чудиме што Фени, наместо да произведува профит, со децении произведува финансиско дупкиште во македонското стопанство. Најголемиот проблем беше истиот оној кој си го влечеме до денес: злоупотреба на државните пари од страна на политикастери-клептомани, кои и тогаш, а и сега далеку позалауфани во грабежот, крадат „на ангро“ заради моќта да останат неказнети, Додека не се научиме да ги затвораме моќниците на долгогодишни робии, ништо не правиме.

    Знаеш Ероле како ја викаа стопанската кражба на времето извршена од страна на функционери и директорчиња? Користеа еуфемизам во стилот „лицето (тоа и тоа) сторило корисна малверзација“, казните беа мали и без одземање на стекнатото, па многумина со моќ (секако, оние со опута на местото на образите) го правеа тоа масовно, (о)ставајќи си за идните поколенија. Така од тешки сиромаси и по потекло од „работничко и селско сиромашно семејство“ (*како што впишуваа во молбите за членство во СКЈ/М) прекуноќ стануваа црвени буржуи. Нив само ги заменија модрите, црвено-црните, портокаловите и разнобојните буржуи низ дисперзираната СКМ од новонастанати „демократско-капиталистички-десно-лево-граѓанско-селско-демо-христијанско-демо-муслимански“ партии. Зад себе посеаа само злоба, национална и верска омраза заменувајќи го сопствениот национал-социјализам повторно со еуфемизам – национал-патриоти. Всушност тоа се мизерни трибалисти кои не знаат да водат аргументирана дебата, освен онаа со навреди, плукања, етикетирања, поткажувања и подметнувања, тешка какозелија со идентичен игнорантен речник како оној изустен од нивните трибуни.

  3. mar-ko (marksist-komunjar)

    (ЗА А.В.) Затоа е воочено дека за да ја задржи власта, односно да се задржи туку што освоената власт, „раб.класа мора, од една страна да ја отстрани целокупната стара угнетувачка машина, а од друга страна,мора да се обезбеди од своите сопствени претставници и чиновници“. Кај В.И Ленин се наоѓа истиот став изразен преку „мангупите во нашите редови“. Прашање кое се наметнува одн. поставува е дали во РМ се сфаќа проблемот и дали се постапува, или барем насоките се усмерени согласно цитираните ставови. Или, едноставно, се отфрлаат како „застарени“. Во последниот случај, интересно би било да видиме спротивно, аргументирано гледиште.

  4. nacional-patriot

    Poslednite dve recnenici od tvojot komentar kje “drzhea voda” ako namesto “nacional-socijalizam”,napisheshe socijalizam,ako namesto “nacional-patrioti” napisheshe liberal-demokrati.Lazhni liberal-demokrati,poraneshni pripadnici na crvenata burzhoazija.

  5. Ајван Доктор®

    @mar-ko,
    Во Македонија одамна (уште од последната декада на социјализмот, а и пред тоа) нема вистинска работничка класа, класа која (ќе) зависи, живее и опстојува од својот труд и од платата во фабриките/претпријатијата/институциите, туку во добри 80% случаи тоа се ситни занаетчии, мајстори, трговци на мало, препродавачи, бакалџии и сл., селани со ниви и со стока кои секојдневно влечеа во социјализмот и сè уште влечат додатни приходи, па дури и разни субвенции, служејќи се со „оштроумни“ махинации (нашиот народ ги нарекува превари и дубари). Секогаш кога требаше да работат во фирмите тие вадеа лажни боледувања за орање, за сеење, па за жнеење, за прибирање на ожнеаното… Познато е од законите на физиката дека не можеш да бидеш на повеќе места истовремено, а овие станаа светски таленти кои ги побија законите на физиката на штета на оние кои живееа само од трудот вложен на работното место, кои неуморно работеа без симулирање. За жал, таквите и (до) денес се „најуспешни“, „најмудри“ и „ги бива за сè“.

    Бидејќи го цитираш Ленин, јас ќе ти го цитирам Комунистичкиот Манифест: „Средните сталежи, ситниот индустријалец,ситниот трговец, занатлијата, селанецот, ситните земјопосеници, сите тие се борат против буржоазијата за да си го обезбедат од пропаст својот опстанок како средна класа.Тие не се револуционерни, туку се конзервативни. Тие се дури и реакционерни бидејќи сакаат да го завртат наназад тркалото на историјата.“. Затоа ваквите работници немаат интерес да се бунат кога нема да добијат 2-3 месеци, па дури и по 2-3 години плата – си имаат приходи од друга страна, а нашата народна „мудрост“ вели: „лепче и солца да има, ама мирно да е“ и заради тој мир – се навикнаа да молчат на неправдата, а и не живеат од платата која треба да ја добијат на ПРВИ во месецот (која реално ја добива на 10, па и петнаесети, или кон крајот на наредниот месец). Ленин, само го парафразирал Манифестот во кој е запишано и ова: „Лумпенпролетеријатот, тој пасивен гнилеж од најдолните слоеви на старото друштво, ќе биде делумно уфрлен во движењето со пролетерската револуција, но според својата животна позиција попрво би се поткупил заради реакционерно подривање.“… Ете, така пропадна една прекрасна благородна идеја на човештвото и едно одлично општество во кое луѓето одеа на по 15 дена на море или езеро, а имаа по 45 работни дена одмор – ја превртеа наопаку, доведувајќи ја до степен на својата спротивност. Лумпенпролетерите (најдолниот слој) едвај писмени, станаа газди на општественото, на работничкиот имот, на туѓото, па дури и на оној одземениот (украдениот) од предвоената буржоазија и сега глумат Александрови потомци, сите до еден со „плава крв“ во вените. Таквите сподоби немаат ситка, ниту знаат за милост!

  6. mar-ko (marksist-komunjar)

    за А.Д.
    Мојот текст беше со намера само да укаже на опасноста од „мангупите во нашите редови“ и ништо повеќе: „Раб. класа“ само е дел од цитат со слична порака и можело и без неа. Одговарам на вашето писмо заради една теоретска грешка која ја среќавам во текстот кога велите :
    „ Ете, така пропадна една прекрасна благородна идеја на човештвото….“. Ништо по погрешно. Кај Маркс ќе сретнете „ Идеата секогаш се компромитирала доколку се разликувала од интересот“ (М и Е дела книга 5 стр 72). И понатаму „Комунизмот за нас е стварното движење кое ја укинува сегашната состојба“.(М и Е дела книга 6 стр 34) За дополнение, појаснување „Комунизмот не е никаква доктрина туку движење, тој не произлегува од принципи туку од фактите“. (М и Е дела книга 7 стр ). И толку, кој колку разбира!

  7. Ајван Доктор®

    @mar-ko (komunjarko), Не ја гледам причината за која спориш со мене. Мангубите во нашите редови станаа токму оние на кои идејата најмногу се однесува и ги привилегираше до крајност – „работничката класа“ (наводниците се ставени токму заради не постоењето вистинска раб. класа во Македонија). Во светов Марксовото учење е признаено како научна филозофска мисла, не како догма, уште помалку како некое „движење“. Дали е благородна идеја? Па, не е ништо поразлична од основната нишка на секоја религија со познатите „не сведочи лажно“, „не кради“, не посакувај го туѓото“, „не убиј“ и сл., само што дури и поповите и оџите, и бискупите и ламите и сите останати си го сфатија како привилегија да се богатат и манипулираат со другите. Само тој што не ја разбира идејата може да ја компромитира – оние полуписменине кои од опинци и бедотија (материјална и духовна) станаа господа иако ја ширеа догматски, како некој баук по кој наводно се раководат, не само што никогаш не успеаа да ја разберат туку и си ја сфатија (секому)„спрема потребите“, па ним изгледа им требаше мнооООгу повеќе отколку на оние другине.

  8. mar-ko (marksist-komunjar)

    Најмалку што сум сакал е спор со вас. Единствена цел ми била да во марксизмот воочите она што можеби сте го пропуштиле. Гледам дека напорот бил залуден бидејќи не ја погодил целта. Само за потсетување. велите „некое движење“. Овде се мисли на општствените движења: развој на економијата, технолошкиот напредок, културата итн итн. Целокупното Марксово дело се раѕгледуваво движење (дијалектички материјализам). Втор елемент што , според мене, го грешите е лицемерието на црквата го земате здраво за готово. Оставам на вас да прочитате што Маркс мислел за тоа (М и Е дела книга 7 стр.158)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *