Banner
Ориент експрес

Кој ќе ја запре иднината на Македонија

neboКревка и сиромашна Македонија, помалобројна од еден париски кварт, повторно стаса пред ‘Ртот Добра Надеж, кај што се спојуваат Атлантикот и Индискиот Океан. Прогнозата е дека ќе има голема бура, ама бродот на надежта и покрај оштетувања нема да пропадне. Капетаните, решавајќи свои интереси, каприци и инаети, поправајќи паднати рејтинзи, како главно мени нарачаа „мацедонише цуштенде“, замрсени македонски состојби. Ако не ги одмрсат, бродот ќе се насука на подводни карпи. Главниот готвач, Вујко Сем, вели дека до тоа нема да дојде бидејќи за десерт ќе се служи македонска овошна салата со егзотични плодови од непознато потекло, без оглед дали ја има во менито и дали е нарачана, таа секако ќе биде послужена.

Што мислите – дали може Македонија да остане со прстот во уста и да извиси по сѐ што направи и кој ќе биде тој силен јунак што ќе ја запре иднината на Македонија и на два милиони граѓани да стане членка на НАТО и во догледно време на ЕУ. Постои ли таква изгледна опасност. Дали е тоа заканата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, или на Русија и Владимир Путин. Или, можеби, многу поопасни се локалните опозициски политички лидери Кирјакос Мицотакис и Ѓорге Иванов, кој кога спие ја извршува и функцијата претседател на државата. Или, пак, најголема опасност е кај актуелната власт на Македонија, која не знае како се спроведува кампања за историски најзначаен референдум.

Најчесто прозваниот, Емануел Макрон, е на нишан на сите светски влијателни медиуми дека со својот став да се одложи почнувањето на преговори со Македонија за членство во ЕУ уништува сѐ што беше разумно во изминатите неколку месеци при решавање на 27-годишниот наметнат спор меѓу Грција и Македонија. Просто е несфатливо, не само за нашите емотивни поимања на политиките од позиција на сила и од интереси, овој пат и од сите други големи членки на ЕУ и на Америка, кои во промените во Македонија, по падот на режимот на Груевски и по договорите за добрососедство со Бугарија и со прифаќањето на мачниот и тежок компромис меѓу Атина и Скопје за изнаоѓање заемно прифатливо и одржливо решение, гледаат голем напредок. За разлика од нив, Франција, колепката на револуцијата за самоопределување и самоименување на народите, е на добар пат да ја уништи макотрпната работа и да ја казни Македонија и целиот регион со дестабилизација и криза што може да ги предизвика одложувањето на преговорите. Познавачите на пригодите велат дека Макрон бара поводи да ја поправи својата подредена улога во ЕУ во однос на Германија, што не е прифатливо како силен адут дека стопирањето на Македонија може пресудно да помогне во тоа. Сомнежите одат дотаму дека е во прашање француско–руска врска, која не се одржува само на ниво на подземјето, туку и во политиката, иако изгледа неверојатно, бидејќи Франција јавно е многу гласна во осудата на руските Путинови политики.

Не сум љубител на заговори, особено не светски заговори против Македонија, но последната изјава на рускиот претставник во ЕУ, Владимир Чижов, во грчкиот весник „Катимерини“ е многу индикативна и досега најголема јавна закана не само кон Македонија, туку кон сите што го поддржуваат нејзиното членство во НАТО. Еве што вели Чижов во својата изјава која ги има сите елементи на добро спакуван став на Кремљ. „Договорот меѓу Скопје и Атина ќе придонесе за стабилноста на Балканот, но приемот на Македонија во НАТО ќе биде грешка со ПОСЛЕДИЦИ. Нема да фрламе атомски бомби, секоја земја има право да носи одлуки и да прави сопствени грешки. Но, има грешки кои имаат последици“.

Тоа е големата закана на Русија и Путин не само кон Македонија, туку и кон сите што го поддржуваат нејзиното членство во НАТО. Значи, „панимаеш по руски“, добро е што Македонија прифатила компромис со Грција, тоа значи стабилност во регионот, ама компромисот бадијала го направила, бидејќи не смее да влезе во НАТО. Ќе нема атомски бомби, ама ќе има последици. Оф, мори мајко, може ли оваа отворена закана да ја предомисли Франција да ја искористи Македонија како монета за поткусурување во нејзините сложени односи со Америка, со Русија, во ЕУ и со Германија. Остануваат уште неколку дена кога претседателот Макрон тоа ќе го разјасни во Брисел.

Кирјакос Мицотакис, лидерот на грчката опозиција, има идентични ставови со лидерот на македонската опозиција, претседателот на државата Ѓорге Иванов, да ги спречат евроатлантските интеграции на Македонија. Иванов сака на крајот на мандатот да го поштеди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од деликатни и тешки изјави и изјаснувања, па ја презема неговата улога. Мицотакис вели дека неговата политичка партија нема да ја ратификува спогодбата бидејќи е извршено предавство на грчките национални интереси со неприфатливи отстапки за националниот идентитет и со јазикот. Македонски јазик и Македонец по националност е неприфатливо за Мицотакис, како што вели дека не било прифатливо за ниту една грчка влада и парламент досега. Ако грчкиот парламент не го ратификува договорот, сѐ се враќа на почеток, таму кај што застанавме. Е тоа е вистинската катастрофа.

На голема радост на предводникот на запирање на македонската европска иднина, Ѓорге Иванов го има безмалку истиот став со Мицотакис. Иванов не го потпиша ратификуваниот договор со Грција во македонското Собрание со образложение дека не прифаќа идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет и посебност на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. На претседателските избори, вели Иванов, гласале 534. 910 гласачи за него и неговата програма која е во спротивност со спогодбата меѓу Грција и Македонија. Претседателот Иванов евтино манипулира, прогласувајќи го Договорот за идеи и предлози, но особено е голема неговата лага за загроза на македонскиот национален идентитет и јазик. Ова е досега невиден скандал претседател на држава да ја блокира својата земја на патот кон ЕУ и НАТО, со измислици кои не постојат во договорот. Иванов вели дека бил избран со 534.910 гласови, но и да е така, тоа е далеку помалку од бројот на граѓани кои се определени за евроатлантските интеграции. За жал и голема несреќа ако не се направи моделот за референдум можно е да пропадне и со 900.000 гласови кои го поддржуваат договорот со Грција и за европска иднина на Македонија. Иванов со своето неуставно вето и со своите манипулации е поопасен за Македонија дури и од француско-руската врска, ако лично не е и тој дел од неа.

Сепак, најголема опасност за Македонија е недоволната активност на владата и институциите на системот и медиумите во објективните објаснувања за содржината на Договорот и за тоа што добива и што губи Македонија со влезот во НАТО и во ЕУ. Таа вистина мора да допре до сите и да го подзамисли секој граѓанин на Македонија. Премиерот Зоран Заев и неговиот кабинет треба конечно да дознаат дека голема заблуда е дека информациите во Македонија брзо патуваат преку социјалните мрежи и медиуми. Тоа апсолутно не е точно. Само до една третина од граѓаните тие информации стасуваат брзо. Другите две третини се информираат со пресинг кампањи и дезинформации, со коруптивни методи преку лични средби од врата до врата, од човек до човек.

Ако не сака да учествува опозицијата во остварување на историските стратегиски цели на државата и ако повикува на нивна блокада, тоа мора да го направат успешно партиите на власт во сојуз со граѓаните. Неопходно е референдумот да се одржи под исти услови како претседателските избори, со истиот цензус од 40 отсто од запишаните избирачи. Референдумот, така ќе ги порази сите ретроградни сили што ја влечат Македонија назад. Друг начин нема за она што зависи од нас самите.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 3 коментари

  1. Ајван Доктор®

    Ајде, да погледнеме реално на работите. Варшавскиот договор, воената алианса на Источноевропскиот социјалистички блок почна да се распаѓа уште во 1989, а официјално се растури во 1991. година. Во 1989. Некако слично беше и со социјализмот (комунизмот). Последниот Четиринаесетиот Конгрес на СКЈ се одржа во 1990, Советскиот Сојуз престана да постои на 26 декември 1991 година, СФРЈугославија ја растурија во 1992-та… НАТО алијансата беше создадена со цел одбрана на капитализмот од „црвената опасност“. Бидејќи комунизмот остана да живее единствено во Кина и С. Кореја, која е тогаш оправданоста за постоењето на НАТО, ако не геостратешката цел на империјализмот: Продор на Истокот (Drang nach Osten) и запоседнување на Заткавкаските рудни (секако) богатства кои Елцин и Горбачов им ги нудеа беспари на Западот?!

    Договорот ја има својата неверојатна позитивна страна – го смирува тридеценискиот антагонизам меѓу двете држави, но… Македонската држава одамна ѝ даде (ѝ поклони) свои простории на ЦИА, небаре е тоа ослободителна, или некоја хуманитарна организација.

    Која Македонска армија ќе членува во НАТО!? Онаа ли чии војници одат дома на ручек бидејќи државава нема пари да ги прехрани!? Онаа ли со патики? Таа ли чие ваздухопловство е со неколку застарени хеликоптери од руско производство и со авиони за одбрана од комарците!? Кои тоа норми ги достигна АРМ за влез во НАТО? И, кога тоа НАТО послужило како одбрана на некоја држава од нејзините внатрешни антагонизми!? Колку чини нашето членување во НАТО, мислиш беспари е, или ќе си ја задолжуваме земјава уште, уште, уште…? Од кого ќе нè бранат? Од Русите? Србите? Албанците??? Од кого тоа ни прети опасност, Ероле, и со што тоа ние ќе се браниме? Мислиме они ќе гинат за нас!? Та, не се толкави идиоти како нас, непримени во алијансата да испраќаме топовско месо во нивни „мировни“ акции!

    Која Македонија ќе членува во ЕУ?!?! Со што? Со која економија? Што е средено во РМ, та, ќе добиеме прием? Истите оние кои владееа 11 години и урнисуваа и пеплосаа сè што можеше да се доурниса и да се допеплоса си останаа на позициите. Истите судии, истите тужители… Кадиите. Во сите јавни претпријатија и институции си се истите луѓе кои „не мислеле така, ама биле принудувани“, па сега овие се чудат што дури ни комуналните служби, нит’ администрацијата не ни функционираат, небаре се малоумни. ВМРО одамна си има своја паралелна држава, па партиските војничиња си ја работат задачата партиска, под команда. Цените во лет, а платите тапкаат во место! Грујо си замина, ама груевизмов некако тешко ќе го сопреме. Тој и натаму си тркала клади, опстојува бидејќи ни е вроден и е плод на нашиот менталитет, а не на „Великиот вожд“, додека умот и понатаму ни е инсуфициентен. Во Европа, Ероле, не се влегува назаечки со задникот – туку со ак’лот!

  2. mar-ko (marksist-komunjar)

    Молам со внимание да се разгледа мојот предлог за името, презимето и средната буква на Р.М. Бидејќи имаме две спротивставени страни, предлагам секој според сопствена желба да го прифати или отфрли сегашниот договор. Тие што се против така нека се однесуваат: нека го отфрлат и нека не бидат членови ни на ЕУ ни на НАТО. Можат да си започнат свои преговори за влез во Унијата и НАТО, секако според сопствените услови итн итн. И обратно, тие на кои Договорот им одговара нека се приклучат под условите од Договорот со сите предности и привилегии што се нудат (кои патем, нема да важат за останатите). Предностите на овој предлог се повеќекратни, пред се нема предавници на татковината, имаме задоволен народ (предвидувам и до 90%), нема фрустрации и се се решава по мирен пат , на принципот „ко воли нек изволи“. И на крајот, што не е за потценување, ќе имаме признание како инвентивен народ кој умее да ги задоволи газдите. Тогаш може гордо да извикаме „нека ни е честито името“!!

  3. Ајван Доктор®

    Проблемот со името го решава само билатералниот тридецениски проблем со Грција на именувањето и особено на нашата умисленост дека сме чеда Александрови и носители на културата која била хеленска, испишана во алфабет и на старогрчки јазик. Ништо повеќе! Дури и да станеме членка на ЕУ ние нема да станеме европска држава од типот на една Германија, Франција, Англија, или Италија каде администрацијата издава уверенија и документи за пет минути наместо за повеќе од еден месец, и тоа погрешно или наопаку испишани како кај нас. Судството таму не пишува реферат-пресуди од 10 страници за договорни брачни разводи, или во обични граѓански парници во кои документите кажуваат сè, па наместо нив да ги објаснува судијата, а во суштина ништо да не објасни. Таму на полицијата не и требаат 12 часа за да дојде на пријавен грабеж, или обид за силување. Кај нас аљкавоста е иста и во јавниот, и во приватниот сектор. Додека е така, подобро да се пријавиме за во некоја Африканска Унија, иако и таму има земји што се до тој степен средени што ние – можеме само вода да им носиме, а можеби ниту тоа. Ние, дури и да се именуваме како Шведска, или како Швајцарија повторно ќе си наликуваме на истово селско буниште со стиропорен (псевдо)барок. Значи сосема очигледно е дека името е парерга, небитна приказна на која за своите неуспеси се вадеа сите претходни власти, оправдување дури и за оние локалните шерифи. Нашиот проблем е многу посуштински и подлабок, неговите корени се во менталниот склоп на луѓево кои живеат овде.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *