Banner
Ориент експрес

Состанок со историјата

prespaМакедонија и Грција имаа непосредна средба со историјата на Преспанското Езеро. Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев потпишувањето на договорот го прогласија за историски чин не само во односите меѓу двете земји, туку и многу пошироко на Балканот и во Европа. Колку и да изгледа еуфорична и пренагласена оваа констатација, посебно кога балкански политичари прават историја, таа сепак е точна, бидејќи двете страни имаат во рацете валиден и солиден документ кој е одржлив на долг рок.

Ако се заврши работата како што предвидува договорот, тогаш победниците ќе ја пишуваат историјата не како што тие сакаат, туку како што наложува времето како најнепристрасен судија, но и современите историчари, вистински научници, неоптоварени со национализам и идеологија, најголемото зло на Балканот. Потписниците и креаторите на договорот еден ден ќе заминат од власта и од политиката, но трајноста или, пак, епизодната улога на нивното творештво останува. Најточната оценка ќе ја дадат граѓаните кои ќе бидат современици и учесници во процесите на европеизација на ова последно парче напатена земја, која со векови го носеше името „јаболко на раздорот“.

Потписите на министрите Никос Коѕијас, Никола Димитров и на медијаторот на ОН, Метју Нимиц, го означија почетокот на новата ера за Македонија и за Грција, извесна иднина која навестува мир и побрз развој, прогрес, подобар живот за граѓаните, послободни и подемократски општества, европска перспектива за сите земји и народи од Западен Балкан. За шест месеци интензивни преговори и силна политичка волја, со храброст и визионерство затворено е едно мачно, тешко и три децении долго поглавје од темната страна на историјата. Во право се и тие што велат дека двете земји се на добар пат да ги отстранат и идеолошките заблуди и трагични последици кои оставиле тешки наслаги и патила во главите на многу Грци и Македонци.

Договорот, кој има отстапки и болни компромиси, сепак е подобар за сите кои очекуваа и посакуваа решение, а полош за сите кои не сакаа решение. Тие што ја гледаат Македонија како држава вечно под нивна управа како тврдина на организираниот криминал и корупцијата, како држава на мафијата, не сакаат загрозување на таквиот суверенитет, не сакаат конкуренција во ниту една област, не сакаат натпревар на меѓународниот пазар, не сакаат мешање од која било страна која инсистира на владеење на правото и на парламентарна поделба на власта и контрола. Тие структури денес и во Грција и во Македонија организираат протести и демонстрации, организираат маршеви, прогласуваат предавници и платеници, бараат отфрлање на договорот.

И во Грција и во Македонија, кај двете страни кои не сакаат никаков договор, има две константи: прво се бараше прекин на преговорите денес се бара отфрлање на „предавничкиот пакт и капитулација на земјата“. Втората константа е што тие ретроградни сили никогаш не нудат решение. Тие не бараат ништо друго, туку популистичка поддршка да се вратат на власт. Тоа им е најважно за веќе стекнатиот нов антички идентитет. Притоа се служат со најпримитивни и највалкани методи и шпекулации фабрикувајќи секој час нови и нови лаги колку е штетен договорот, кои тие никогаш не можеа да го склучат бидејќи беа инцидент на историјата.

Помеѓу две судења како обвинет за десетина тешки кривични дела се огласи бившиот премиер на Македонија, Никола Груевски, да ѝ приопшти на јавноста, по цели девет години задоцнување, дека во 2009 година имал на масата подобар договор од овој, ама, ете, од патриотски причини го одбил. Ајде сега оди па не крсти се со две раце. Не знае човек што е полошо – дали ова да е лага или вистина. Груевски нема појаснување зошто кога имал подобар договор не го прашал народот, како што сега инсистира на гласност и транспарентност. Каде е тој договор, што не го објави, со кого го договарал… со Караманлис или со Папандреу. Јавноста, иако со кратко памтење, се сеќава на тие штури соопштенија дека премиерите на двете земји се сретнале и разговарале. И толку, ни збор повеќе. Така, Груевски на премиерската фотелја остана подолговечен од тројца грчки премиери, но ниту еднаш не соопшти дека имал некоја понуда за која треба да го сподели мислењето со некого во земјата. И сега човекот раскажува патриотски басни дека имал во џебот подобар договор. Во Грција се појави со слична спектакуларна изјава мадам Бакојани, која вели дека оваа грчка влада направила катастрофална грешка нудејќи нешто што ниту една грчка влада не понудила. Министерот Никос Коѕијас излезе со пишани документи пред јавноста дека името Северна Македонија било прифатливо за повеќе грчки влади. Можеби Груевски мисли на некои идентитески позиции непознати досега бидејќи со овој договор од Преспа се признаени и националната припадност на Македонците и македонскиот јазик.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов е посебна трагикомична фигура кој најверојатно по референдумот и по одбивањето да стави потпис за членство на Македонија во НАТО ќе се најде на обвинителна клупа за повеќе кршења на уставните одредби и за поттикнување на обид за државен удар што се случи лани на 27 април по неговото противуставно пролонгирање да го даде мандатот на партиите кои обезбедиле мнозинство во парламентот.

Во суштина, референдумот во Македонија ќе биде историски бидејќи тоа општонародно изјаснување ќе ги збрише сите кои Македонија ја влечат назад во сиромаштија, во беда и во примитивизам. Кога над 80 проценти од граѓаните ќе кажат ДА за Договорот, ДА за членство во НАТО, ДА за почеток на преговори со ЕУ тоа ќе биде дефинитивен крај и последен удар врз остатоците од режимот на Груевски. Референдумот нема да биде некаков хорор со сеење омраза и закани кон Македонците кои се определуваат за европска иднина, ниту омраза кон Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите (како што сега се слушаат фашистичките слогани на слабо посетените протести кои ги организира ВМРО-ДПМНЕ), туку ќе биде празник и голема манифестација на единство против заостанатоста, против носителите на режимско управување со државата, против носителите на криминалот и корупцијата. Тоа ќе биде референдум за влез во светот на прогресот и демократијата, за влез во европската цивилизација. Историските процеси за европеизација, односно од Балканец да се направи Европеец можат да траат во некои тешки случаи и по сто години, но членство во ЕУ и во НАТО се најдобрата гаранција дека тие процеси можат многу да се забрзаат.

И уште една многу значајна вест за загрижените за идентитетските обележја. Нема подобро место за зачувување на националната и јазичната и културната посебност од Европската Унија. На тие темели е изградена современа Европа, на зачувување на тоа богатство од разновидност. Досега ниту еден народ, ниту една вера, ниту еден јазик не исчезна кај земјите членки на ЕУ ниту, пак, се распадна некоја членка на НАТО. На тоа семејство припаѓа и Македонија. И географски и културно и политички и економски. Друг подобар избор нема. Затоа само напред, враќањето назад е тежок пораз и распад.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 2 коментари

  1. nacional-patriot

    Koj posleden se smee,najslatko e smee.Ovaa banalna izreka oznachuva surovost,za onie koi prvo se smeele.Koga Zaev i negovite sorabotnici kje padnat od vlast,kje odat na obvinitelna klupa.Ne znam kade gi vide tie 80% ?Od nekoja shteluvana anketa ili si totalno nerealen,pa mislish deka makedonskiot narod e mazohistichki?Shto se odnesuva do protestite,onoj od VMRO-DPMNE pred vladata,beshe pogolem od onoj na opozicijata pred vladata vo 2015 g.Togashnite opozicioneri velea deka se sobrale 100 000 lugje.Budalashtina!A golem del od demonstrantite bea pripadnici od etnichkite malcinstva vo Makedonija.Protestot vo Fevruari ovaa godina i poslednite vecherni protesti pred sobranieto,koi oficijalno ne se organizirani od VMRO,se pogolemi od protestite na sharenata revolucija.Izleguva spin od kompromisierite deka megjupartiskiot dogovor go garantira makedonskiot identitet i jazik.Nema garancija zatoa shto druga vlada vo Atina mozhe da pobara od Makedonija brishenje na makedonskiot naziv vo dokumentite i brishenje na makedonskiot jazik vo OON za da dozvoli chlenstvo.Ne mozhe dogovor da bide obvrzuvachki za nekoi idni vlastodrshci,osobeno koga ne go prifakjaat,a SIRIZA broi sitno na vlast.Megjupartiskiot dogovor e osuden na propast.

  2. Ајван Доктор®

    Колку ми е познато, во времето на сецесијата од Југославија довчерашните „комунисти“, кои наеднаш станаа „господа и дами“ ветуваа брз влез во ЕУ и НАТО. „Најдоцна до 1996. година“, ветуваше Циле. Оттогаш, наваму, сите влади ги плаќавме да го остварат новонастанатиот сон за светла иднина – влез во ЕУ и НАТО, ама на сите им пречеше нешто друго. Најпрвин војната во Словенија, потоа онаа во Хрватска, па онаа во БиХ…. „Економската блокада на Грција“ заборавивме дека ја повикаа Тодорче Петров и Циле кои ја блокираа македонско-грчката граница. Што е најинтересно следната недела по нивната „блокада“ ги видов двајцата како гордо шетаат по „Цимиски“ во Солун. Најдолго од „причините“ кои нè блокираа е името, името, името… „Да не беше проблемот со името, ехе-хеееееј каде ќе стигневме“. И така, 30 години сè некој друг ни е крив за состојбите во државава, само нашиве „генијалци“ кои ни ја матеа водата, ниту криви – ниту должни!

    Има една интересна појава… Не е ни чудо што „патриотиве“ од двете страни се уиграни, па „не го даваат името“. Од грчка страна Неа Демократија и Хриси Авги здружено „протестираат“, а кај нас вемере-овциве „Беломорците“ и Фнуци на Александрос „името не го даваат“. Е, сега – предавник бил оној кој ги намалил тензиите, кој се обидувал да го спречи тридеценискиот антагонизам меѓу двете земји! Занимливо, нели.

    Не дека ќе влеземе во НАТО. Дури и да влеземе – со која војска, се прашувам! Со онаа која има три авиони за запрашување од комарци? Со онаа која 11 години носи патики, наместо војнички цокули (овозможено од „најголемите патриоти“, секако)? Со таа ли која за да се прехрани оди дома на ручек? Кои ли исполнети станндарди за НАТО!

    Многумина мислат дека со влезот во ЕУ ќе им се решат проблемите, веднаш ќе станат богаташи, милионери, многумина се надеваат дека нејзините кредити ќе можат неказнето да ги претопуваат во своите џебови градејќи ни храмови од магла и митологија од полистирен! Дури и тоа дека веднаш ќе ни потечат мед и млеко. ЕУ само на нас чека! Наместо најнапред да си ја стокмиме државава, ние дури и Горна Шведска и Јужна Швајцарија да се викаме, повторно ќе си останеме најголемата клоака максима на светов!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *