Banner
Ориент експрес

Ќе се повтори ли крвавиот четврток

sobranieСобранието на годишнината од најсрамниот датум во парламентарната историја на Република Македонија денес нема да го одбележи крвавиот четврток во пленарната сала со документарен филм „Никогаш повеќе“. Ниту претседателот на државата ќе се обрати до пратениците и јавноста со порака дека тоа што се случи на 27 април лани не смее да се повтори. Како да се обрати кога тој лично ја предизвика таа македонска крвава драма која го обиколи светот и ја прикажа Македонија како балканско страшило. Ако некаде треба да се обрати Ѓорге Иванов, тоа е пред судот и да објасни зошто не му го дал мандатот на мнозинството во Собранието по изборите и со тоа предизвикал кршење на Уставот и поттикнување конфликти. Ни претседателот на парламентот Талат Џафери нема да ја вознемирува опозицијата со говор бидејќи таму има уште многу луѓе учесници во пучот кои се сметаат за херои и луѓе кои жалат што не ја завршија работата ефикасно како што треба бидејќи сѐ уште се убедени дека затоа ја изгубија власта, иако победија на избори.

Овој трагичен ден за македонската демократија, секој 27 април би требало биде повод никогаш да не се заборават обидот за државен удар, обидите за убиства и линч на народни избраници и да се оневозможи конституирањето на Собранието, изборот на претседател и формирање влада. Терористички чин и злосторничко подривање на општествениот систем во кој како учесници и организатори се обвинети над 30 познати јавни личности, политичари, пратеници и високи полициски службеници и полицајци.

Со денешниот ден поминува една година, но сѐ уште нема судска разврска кој стои зад ова монструозно злодело, чии димензии не допираат доволно силно не само до организаторите и директните учесници, туку и до повеќе познати личности, творци, писатели, па и академици, кои јавно се огласуваат вршејќи притисок врз судот и соопштувајќи дека станува збор за срамен притвор на патриоти кои си ја сакале татковината. Бараат нивно ослободување без судење. Бараат аболиција од претседателот на државата, кој нема да биде никакво чудо тоа и да го направи, иако за тоа законски нема право бидејќи обвинението е за тероризам.

Тие што денес треба да одат со наведнати глави или да се веќе на издржување на затворската казна, зборуваат јавно дека тоа што се случувало во парламентот на 27 април е револуција, востание за спасување на државата и за слобода на народот. Можам некако и да ги разберам тие на кои им дише правдата во врат, дека најлесно им е да се прикажуваат како жртви на прогон, на политичка и партиска пресметка, дека тие не учествувале во обидот за убиства, туку само шетале низ ходниците и салите во Собранието како туристи. Организаторот на државниот удар, покрај добро избраното алиби, беше во странство тој ден, го осуди насилството, нормално сега се исчудува пред камерите како тоа тој да има каква било врска со таков патриотски чин. Друго кажуваат телефонските разговори на неговото обезбедување, добро што веќе не вели дека се сечени лепени и монтирани, туку дека тоа биле приватни муабети. Тоа што се зборувало како да се организира упад во парламентот и што потоа се случило, нема никаква врска со главниот бос. Нели.

Зошто би требало да чмае во притвор поради истрага поранешен министер на МВР и началник на јавната безбедност ако оценил дека не треба да го спречува народот да влезе во парламент. Зошто би издал таква наредба кога тој не знаел дали некој некого ќе линчува, ќе го тепа до смрт, ќе пука со огнено оружје. Не беше така договорено. Од кај да знае господин Чавков дека во парламентот има еден куп полицајци во цивил и со качулки на глава, кои таму стасале спонтано без ничија писмена наредба.

Разбирливо е сите овие луѓе да се бранат од затворска казна кој како знае и умее, колку што е разбирливо истрагата да ја открие вистината кој го организираше државниот удар на 27 април и да ги открие сите виновници и сите насилници кои ги окрвавија рацете. Она што воопшто не е разбирливо и што претставува еден вид соучесништво во овој најсрамен чин за парламентарната демократија што и натаму јавни личности и функционери на ВМРО-ДПМНЕ не само што не го осудуваат ова злодело, туку го воспеваат и со притисоци и закани ја попречуваат правдата. Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој, исто така, на 27 април бил во групата и можеби трчал низ собраниските ходници сакајќи да лови непријатели денес бесрамно изјавува дека таму му било местото. Или колкава е бруката на оној блазиран пензиониран професор од Правниот факултет, кој се скри во глувчешка дупка по настаните од 27 април и кој ги повика демонстрантите покажувајќи им дека парламентот е на само 50 метри од нив и дека таму треба да одат. И тој требаше да седи на обвинителна клупа и да одговара за подбуцнување на државен удар и крвопролевање. Како да се разбере еден друг универзитетски професор, кој предава на угледен светски факултет во Њујорк и е член на МАНУ? Замислете, академик кој оправдува државен удар и крвопролевање, нарушување на човекови права, бара слобода за осомничени за тешки кривични дела, оправдува насилно попречување да се конституира парламентот. Вакви ли работи предаваат професорите на славната „Колумбија“.

На Македонија ѝ се случи крвавиот четврток на 27 април 2017 година затоа што првиот чин во истото Собрание на 24 декември 2012 година – црниот понеделник, кога беа тепани опозициски пратеници од тајната полиција повикани од тогашниот претседател Трајко Вељановски и кога беа насилно отстранети од работа новинари, остана неказнет и помина како тоалетна хартија. За тоа злосторство никој не беше казнет. Ако така заврши и овој обид за уривање на општествениот поредок и за обидите за убиства на пратеници нема пресуди, следното крвопролевање во Собранието „крвав и црн петок“ ќе се случи со многу потрагични последици. Се разбира, ако дотогаш имаме Собрание.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *