Banner
Ориент експрес

Ципрас и Заев во Давос – почеток што ветува

zaev ciprasПрвпат гледаме двајца насмеани премиери, на Грција и на Македонија како по три часа дијалог, откако поминаа три децении тешки и мачни разговори на нивните претходници кои не постигнаа ништо значајно освен попречување на евроатланските интеграции на младата соседна држава, праќаат порака до јавноста со ведрина дека е можно да се најде прифатливо решение за двете страни кое ќе означи добри меѓусоседски односи. Мене ми се видоа премиерите како подготвени за историски исчекор, иако тоа треба да се прими со резерва бидејќи политичарите се добри глумци. Колку и да се преправаат, убаво беше да се види и да се чуе таа снимка од Давос на озарени и добро стокмени најодговорни личности, претседатели на влади, која секавично го обиколи светот. Поголемо внимание предизвикаа нивните ликови, убав изглед и насмевки отколку тоа што го кажаа, иако е многу позначајно. Но, сепак, прерано е да се даваат пренагласени и дефинитивни оценки „за“ и „против“. Место за еуфорија нема.

Слабо е тоа прво ветре што дувна од швајцарските планини да го расчисти смогот над Скопје. Тоа е само добар почеток што ветува ако не среќен, барем прифатлив крај на повеќедецениската блокада на Македонија во остварување на нејзините државни, стратегиски приоритети за членство во НАТО и во ЕУ. За нејзината иднина.

Имаат право тие што тврдат дека Алексис Ципрас и Зоран Заев си личат како да се браќа. Уште повеќе ќе заличат ако ја завршат работата, ако не како браќа, барем како пријатели. Верувам дека овие двајца млади и неоптоварени луѓе со лажен патриотизам и национализам ќе имаат доволно храброст да испишат нова страница во историјата меѓу двете земји која е полна со тешки наслаги и никогаш неизлечени рани. Ако останат осамени во тие намери и да се најискрени во своите определби, кои јавно ги соопштуваат, тешко ќе успеат. Без поширока поддршка дома, во нивните земји, од сите релевантни политички партии, парламентите, владите, претседателите на државата, интелектуалните, академски и универзитетски и деловни елити, тешко дека ќе се постигнат нешто повеќе од формални средби каде што многу бргу насмевките ќе се претворат во намрштени лица и препреки кои неминовно завршуваат како уште еден неуспешен обид да се направи прифатливо решение за иднината на Македонија. Тој филм го гледаме цели 27 години. Имаше добри оправдувања, немаше решенија, во изминатите 27 години Македонија покажа дека не може сама без поголема поддршка на Запад да изгради просперитетно и демократско општество, дури и покрај големата неповратна финансиска помош и големите позајмувања пари од светските банки. Потрошени се повеќе десетици милијарди евра, направен е огромен долг, а резултатите се далеку под просекот на ЕУ во сите области што ги мери европската статистика. Практично, Македонија по осамостојувањето во изминатите 27 години во однос на европскиот просек назадува.

Ако се реши наметнатиот проблем меѓу Грција и Македонија, на заемно задоволство, тогаш блиску е до здравиот разум дека добрососедските односи на сите балкански земји ќе се подобрат, што ги отвора ширум вратите за формирање западнобалкански Бенелукс, во рамките на ЕУ. Ако можат да најдат заедничко прифатливо решение Грција и Македонија, тогаш можат да најдат решенија за своите недоразбирања и конфликти сите на Балканот.

Но, она што сериозно загрижува и не дава простор за голема радост, е фактот што двајцата премиери сѐ уште нестасани во своите земји се дочекани си силни критики, речиси идентични. Единствено е добро што двете страни се незадоволни. Замислете каков удар ќе беше тоа ако некој од нив, Ципрас или Заев, беше поздравен со аплаузи и со еуфорија дека свршил голема работа за националните интереси. За Ципрас неговите противници во Грција велат дека изигрува Давид против Голијат во сопствената земја. Велат многу е осамен во ризичната битка со својот партнер во владата со кој прави мнозинство, дека е сѐ послаб и во битката со опозицијата, со црквата и со владиците, со популистите и патриотите националисти… Да, тоа така изгледа во овој момент, но Ципрас е свесен за тоа, неговиот одговор уште пред да замине за Давос беше дека е подготвен да биде жртва, но е убеден дека тоа што го работи е добро и за Грција и за Македонија и за целиот регион и Европа.

Зоран Заев е исто така сам на повеќе фронтови во сопствената земја. Трпи жестоки критики за законот за проширување на употребата на јазиците. Со опозицијата речиси и да нема шанси да воспостави суштествен дијалог кој води кон решение на проблемот. Ставовите на ВМРО ДПМНЕ по прашањето на заеднички прифатливо решение со Грција се познати цели 11 години додека беа на кромилото на државата и кога Македонија на патот за Европа практично се врати назад. Меѓу албанските коалициски партнери кои го сочинуваат тенкото мнозинство во парламентот исто така има непремостливи тешкотии и деликатни односи кои се жестоко опозициски кон најголемиот коалиционен партнер ДУИ и делумно партнерски во поддршка на владата во Парламентот. При такви „тенки“ позиции на владите на Ципрас и на Заев, Брисел и Вашингтон во ова ситуација гледаат најповолен момент да се реши деценискиот наметнат спор. Дали тоа значи дека адутот на ЕУ и на Вашингтон сѐ уште не е ставен на маса? Во блиско време, ако се зголеми изгледноста за прифатливо решение, од двете страни се очекува Брисел и Вашингтон во финишот да настапат со нешто многу поконкретно, отколку гола поддршка. Тоа нема да биде вообичаениот морков и стап, земи или остави тактика, туку предлози за извесна иднина и економска стабилизација на Македонија и крај на грчката криза. Не се работи само за брзата покана за членство во НАТО и отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ, туку поддршка во делот на користење на европските фондови и американска помош за совладување на поглавјата за асоцијација со ЕУ и примена на нови армиски и демократски стандарди со партнерството во НАТО.

Критиките што се упатени до Заев за прифаќање промена на името на аеродромот во Скопје и на автопатот, особено од оние што имаа негативен став кон споменикоманијата и политичката интервенција во науката во потрага по античко минато, навистина изненадуваат. Таа срамота, која нѐ врати назад и ни ги одзеде симпатиите во светот не смее да биде предмет за пазарење. Да сум на местото на Заев, тоа би го направил уште пред да одам за Давос. Но нејсе, таа антикоманија треба да ја симнеме час поскоро од дневен ред и од новите антички глави, оти не ни донесе ништо добро, туку само лошо. Ако нешто ги ослабна позициите на Македонија, тоа беше антокоманијата, организираниот криминал, корупцијата, нарушувањето на човековите права и воспоставувањето на режим. Преименувањето на јавни објекти, улици и институции со имиња на антички јунаци уште не е пипнато, а исправањето на таа будалштината која нанесе удар на темелите на македонскиот национален идентитет, словенското потекло и јазик, беше најлесната работа. Враќање на имињата и на аеродромот и на автопатот, кој во должина од 4.000 километри се вика Е 75, и на улиците кои ги носеа имињата на заслужни македонски дејци и светски личности мораше да се направи поради себе, а не поради Грците или ЕУ.

Она на што треба особено да се внимава е дека Грците сепак се тешки и многу итри преговарачи. Алексис Ципарс не е исклучок во тоа. Напротив, во преговорите со ЕУ за санирање на економската криза се покажа како цврст и јак играч кој успеа да извлече максимум и од ЕУ, и од Германија, и од САД. Постојано треба да се има на ум дека целата работа треба да се реши во еден пакет. Ако се оди на дел по дел, прво отстапки за членство во НАТО, па отстапки за отпочнување на преговори, па отстапки за членство во ЕУ, тогаш тешко ќе се најде прифатливо решение. Грците сѐ она што ќе им го дадеш го земаат и почнуваат со преговори од почеток. Тоа е едната опасност која е помалку видлива, но секогаш присутна. Втората голема непознаница е што сѐ ќе опфаќа ерга омнес, грчката црвена линија за сите употреби. И конечно најчувствителниот момент, ќе има ли трета натурена промена на Уставот на Република Македонија од страна на Грција. Олкав товар тешко ќе може да се издржи, дури кога Заев би имал 85 пратеници во парламентот. Одамна на голем број граѓани во Македонија им е јасно дека отстапките поради членство во НАТО и во ЕУ се прифатливи иако се крајно неправедни и навредливи, но и тие имаат црвени линии до каде се може.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *