Banner
Ориент експрес

Секој што тропа глупости се повикува на „народ“

aleksandar veliki deteГрците на ја даваат Македонија. И Македонците не ја даваат Македонија. Сирота, никој не ја дава, а таа им припаѓа на сите. Искомплексираните Грци протестираат во одбрана на името. Искомплексираните Македонци протестираат во одбрана на македонскиот јазик. За името ќе протестираат подоцна. Нормалните Македонци пијат кафе, купуваат убави партали на распродажба во Солун и одат на риболов во Грција. А, нормалните Грци одат на вечера во казината во Македонија, се забавуваат, играат рулет и блек-џек, на враќање полнат поевтин бензин. Многу ми се допадна одговорот на протестите на нормалните Македонци и Грци. Едните отидоа во Солун на кафе и шопинг, а другите дојдоа во Гевгелија да си ја пробаат среќата на комарџиска и на шведска маса. На едната секогаш сигурно добиваат.

Штета што во неделата не се најде една добра екипа на ТВ-документаристи да сними извонредна емисија како тргнуваат коњаниците со брод од Крит за Солун и како возовите, автобусите, автомобилите, бродовите ширум Грција возат за Тесалоники патриоти да протестираат на прекрасниот кеј кој солунчани и градските татковци успеале да го спасат од градежната мафија и така да го добијат најубавниот празен простор во Солун, прекрасно, пространо и уредено шеталиште на морскиот брег. Филмските кадри можат да бидат антологиски за Балканот, како националистите под висок напон врескаат не ја даваме Македонија, додека во исто време нормалните луѓе спокојно уживаат правејќи ќеиф со узо и рицина, грчка и македонска салата, со риби и каламари, со кафе и алва со бузуки и сиртаки. Огнените говори на големите патриоти стануваат многу смешни ако одат наизменично од митингот на солунскиот кеј и од поворката за погреб пред Собранието на Македонија, директно спротивставени на солунските продавници и таверни, на спортските риболовци среде зима влезени до половина Бистрица кај Верија, па во мигот кога се фаќа на јадица рибата, снимката се префрла во казино во Гевгелија кога одекнува ѕвончето за џек-пот. На колегите од документарната екипа можевме да им позајмиме снимки и до нашите коњи и комити кои на Илинден секоја година јаваат до Крушево. Тоа баш би бил онака добар Би-би-си документарец што треба да го види Европа.

Сценариото го подготвив во коавторство со Тоедорос Пангалос, поранешниот корпулентен и контроверзен министер за надворешни работи, кој своевремено нѐ вадеше од памет од лутина и бес со неговите изјави, а потоа не засмејуваше до солзи. Тој, денес, за протестантите во Солун вели дека реакциите во стилот „името не смее да се даде“ доаѓаат од „искомплексирани и сомнителни типови и кругови“. Пангалос вели: „Северниот сосед има право да се вика како сака, дури Атина и Спарта“. Вчудовидувачки за еден грчки министер за надворешни работи, макар и поранешен, има многу жесток став за референдум во врска со името. Вели: „Глупав народ не може да се изјаснува на референдум. Секој што тропа глупости се повикува на ‘народ’“.

Да, да, немојте да ги триете очите, ова го кажува со глава и брада и со своите 140 килограми и два метра височина Теодорос Пангалос, поранешен шеф на грчката дипломатија, денес очигледно мудар Грк. Тој не се стеснува да каже дека Никола Димитров, нашиот министер за надворешни работи, е во право кога вели „Македонија не е ничија ексклузивна сопственост“.

Тоа е грчкиот дел од сценариото за документарен филм, а македонскиот дел е речиси еднаков со грчкиот за името. И ние не го даваме уставното име, народот ќе одлучи на референдум. Море каков референдум, никој нема право да одлучува за света работа. Се разбира, тоа се истите „искомлексирани типови и кругови“, дури и со физичка сличност на суратите кои држат огнени говори, палат знамиња и пеат патриотски песни.

Кај нас има уште еден дел многу поинтересен, како се потрошија и испокрадоа една милијарда евра, пари на најсиромашниот народ во Европа, со изградба на најголеми споменици во светот на Алексанадр Македонски, татко му Филип, сестра му Тесалоники , за бронзени лавови и коњи, за антички столбови и колонади, за преправање на архитектонски наградени дела во фалшиви и кич барокни згради и музеи, гаражи, поставување на кораби во Вардар со бетонски темели под нивото на реката и жални врби во лимени саксии насадени среде река. Зошто се направени овие баснословно платени будалаштини???!!!. Во прво време мислевме за ништо, само за инает и ние да станеме привремено Грци, да се откажеме од „варварското“ словенско потекло со кое се гордеат стотици милиони жители во светот.

Пангалос ги разоткрива забеганите и искомплексирани Грци. А, нашите, пак, новопечени антички Кинта Кунте идентителии уште мислат дека Македонија е до Индија, до каде што стасал јавајќи Александар и ги оставил Хунзите да чуваат стража на границата со Македонија, широко распослана на три континенти. Големите Македонци, од двете страни на границата, имаат такви географски карти дома каде што на Македонија ѝ припаѓа половина планета и дел од космосот кои ги чуваат како доказ и дијагноза на својата болест. Како на тие луѓе да им се објасни дека цела западна Европа се образувала со генерации и генерации на темелите на Византија, на источното римско царство, која европската антиквизација, завршена пред два века, ја смести во среден век на Грција, но и на Западна Европа. И сега нашите трагачи по славно минато сакаат да ги сменат темелите на стара Европа.

Документарец како документарец, може некој ќе го сними, може не. Но, тој филм во животот тече како трагична последица за два милиони луѓе поради најбесмислениот спор на Земјината топка од крајот на 20 и првата половина на 21 век кога една држава му го оспорува правото на име на својот сосед, бидејќи поседува дел од истоимената област и се повикува дека е единствен наследник на античката историја и култура, иако тоа наследство припаѓа на сите и затоа е значајно и големо. Поради наметнатиот спор од страна на грчката политичка и голем дел на интелектуална елита, од една страна, а од друга поради неспособноста на македонските политичари и поради себичноста и протекционизмот на ЕУ и индиферентноста на Америка, ова блокада на иднината на една земја трае веќе 27 години. Целосно е сопрен развојот, безбедноста и европеизацијата на Македонија.

Глупав народ не може да се изјаснува на референдум вели Пангалос. Се согласувам, тогаш, некој и во Атина и во Скопје треба да ја преземе одговорноста. Грчките политички елити тоа треба да го направат за грчката и европската демократија со отфрлање на ултиматумот за кумство за сите употреби, ерга омнес, за името на друга држава, а македонските политичари со консензус за иднината на својата држава и идни поколенија со враќање на словенските корени и конечно со отстранување на интервенцијата на политиката во науката. Имаме доволно историја по глава на жител за голема гордост и без присвојување на туѓо минато и туѓа историја. Тоа мора да се каже и покаже доволно јасно и гласно.

(Објавено  во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. nacional-patriot

    Poistovetuvanje na onie koi protestiraa vo Solun so onie koi protestiraa vo Skopje e glupost i budalashtina.Tie vo Solun se shovinisti zatoa shto imaat pretenzija kon imeto Makedonija,a toa ime e tugjo za niv,zabranuvano kaj niv do 1988 godina.Tie i nivnata drzhava kradat istorija.Onie pak koi protestiraa vo Skopje ne baraat i ne posegnuvaat po tugjo.I normalni se zatoa shto baraat megjunarodnite standardi za malcinstva da se pochituvaat i da vazhat i vo Makedonija.Normalni se zatoa shto ne baraat zabrana za malcinskite jazici da se upotrebuvaat na lokalno nivo i normalni se zatoa shto si go branat etnichkoto ime i se protiv geografski i vremeni dodavki na imeto za vnatreshna i protiv dodavki i za nadvoreshna upotreba.A i nema druga drzhava so ime Makedonija za da se bara distinkcija.Imeto Makedonija ne pripagja na Atina i ne mozhe da bide zaednichko etnichko ime.I vo Turcija ima del od geografska i etnichka Ermenija,no imeto Ermenija ne e zaednichko na Turcija i na R.Ermenija,tuku imeto i ermenskata istorija koja zafakjala i bila del od deneshnata teritroija na Turcija si se samo ermenski.Onie koi protestiraa pred sobranieto se normalni za razlika od *normalnite* Francuski politichari na vlast koi se protivat na oficijalna upotreba na malcinskite jazici vo Francija duri i na lokalno nivo.Izjavata na Pangalos e tipichna elitistichka izjava so kompleks na visoka vrednost i potcenuvanje na masata so golemo kolichestvo na stereotipi,predrasudi.Toa go ima sekade i vo Makedonija.Politicharite i nivnite podlizurkovci megju novinarite,profesorite,akademicite…si mislat deka samo tie se vo pravo,deka samo tie mozhat da donesuvaat pravilni odluki,a narodot mora i treba samo da trpi i kjuti za negovo *dobro*.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *