Banner
Ориент експрес

Јас и Господ и никој друг

gospod

Ги објавивме во илјада варијанти списоците на желби и надежи што да ни донесе Новата 2018 година. Очекувањата се поголеми од Шар Планина, Кораб и Беласица заедно. Годинава детските писма до Дедо Мраз што да им донесе беа пореални и поизгледни од предвидувањата на намножените локални Нострадамуси на големите историски настани. На гатачите на иднината во Македонија не им е тешко да погодат што нѐ чека, не само годинава, туку довека. Ќе пуштат неколку различни прогнози во оптек, некогаш сосема спротивставени и нема промашување, една-две сигурно ќе погодат. А и да ја утнат сосема работата, кој ќе проверува и ќе прикажува за ланските праски, кој што кажал и како се обложил. Тоа е ептен здодевна и глупава тема. И, кога ќе стаса денот на воскреснување, или на потоп, сеедно, ете ги во хор: абе што ти кажав…. ти реков ли ја што ќе биде…. јас и Господ и никој друг.

Од 2008 година наваму прогнозираме дека Никола Груевски е готов, само што не паднал. Беа тоа возбудливи басни како лисицата чекала да паднат на овенот мадињата што се влечеле по земја… по 11 години играње трипла, ја ќе паднат, ја нема да паднат, ја нерешено, конечно погодивме, Груевски падна. Сега погодуваме колку ќе трае „груевизмот“, една , две три, десет години…

Сите „астролози“, ама баш сите до еден, велат дека 2018 година ќе биде клучна година и за нас и за сите наши комшии на Балканот. Така биле наредени и ѕвездите и планетите. Ова ни го кажуваат и нашите и светските видовити луѓе. Некој од поодамна ја активирал и баба Ванѓа, на интернет работи турбо секој ден и ни ги претскажува иднината и судбината. Не сум проверил можеби оживеал и оџата од Битола, и тој ги погодуваше работите однапред. И баба Ванѓа и оџата Десоецот ќе бидат живи и здрави и ќе ни ја кажуваат иднината сѐ додека има кој да им верува. На Балканите има многу учени и умни луѓе кои се убедени дека нивната иднина е одредена и тие тука не можат ништо да променат. Ич не се наивни, цврсто веруваат во судбина. Така било напишано, така рекле наречниците. Од пишаното нема бегање. Тоа е најцврстиот темел на балканштината, примитивизмот и провинционализмот.

Да прогнозирам: од тоа капитуланство и кретенизам нема бегање уште сто години. Астролошката карта ни ја направија политичари и разни водачи и наречници. Тие ги одбележаа сите планети на нашите ѕвездени патеки во вселенскиот лет кон Европа кој трае сто години, ни ги обележаа и светлите и темните страни, каде ни е исток, а каде запад, каде се движат Јупитер и Марс, а каде Меркур и Венера. И сега тие што погодуваат со прст во тиква ни претскажуваат дека оваа година просечните плати ќе рипнат од дваесет до триесет евра, односно ќе стасаат некаде околу 24.000 денари, ама и натаму ќе бидат најмали во цела Европа. Ова ич не беше тешко да се погоди. Многу потешко беше да се предвиди дека и оваа 2018 година нема да почнат преговорите со ЕУ ниту, пак, ќе станеме членка на НАТО. Сето тоа е одложено за наредната историска 2019 година. Така е запишано на дланката на премиерот Зоран Заев, која се преклопува со судбинската линија на левата рака на Христијан Мицкоски, најзначајниот и последен лидер на ВМРО од 1893 година наваму.

Што уште нема да се случи во ова клучна 2018 година. Независното судство поради немање докази нема да осуди ниту еден од врвот на ВМРО-ДПМНЕ кои беа обвинети за корупција, за организиран криминал, за злосторничко здржување за изборни измами, уништување на државен и приватен имот и уште 30 други злодела. Судските процеси ќе продолжат и во 2019 и во 2020 и 2021 година… Годинава ќе нема никакви избори. Специјалното обвинителство ќе работи и натаму, ама како да не работи. Зијадин Села и оваа година нема да носи бурек во Владата и нема да биде министер за реформи, ама ќе направи коренити реформски зафати во својата куќа и во партијата, ќе оди радикално до крај и против ДУИ, и против ДПА, и против СДСМ, и против ВМРО-ДПМНЕ, и против СЕБЕ. Загадувањето на почвата и воздухот нема да се намали, туку ќе се зголеми, така ќе биде сѐ додека не се појави лидер во 2225 година кој ќе ги врати ветровите од Шара, Скопска Црна Гора, Китка и од Егејското Море.

П.С. Краток курс како да станете видовит. Во казаматите на Османлиското Царство во едена ќелија лежеле двајца осуденици на смрт. Едниот од нив го викнал стражарот и му рекол дека може да направи за една година коњот на султанот да лета. Стражарот му кажал на коњушарот, а тој му кажал на султанот. Утредента го викнале затвореникот да почне со работа и од царското ергеле да избере коњ што за една година ќе лета. Другиот затвореник му рекол на цимерот од ќелијата: „Ти отиде главата, како ќе направиш коњ да лета. Толку ли си будала“. „Слушај“, му рекол волшебникот пресреќен што ќе го учи коњот на царот да лета: „За една година може коњот ќе умре, може султанот да умре, може јас да умрам, може да се случи некое чудо што ќе ме спаси…. а тебе главата уште утре ќе ти летне“.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. od dedo dimo

    Eve, Erole i jas sum vidovit, predividvam deka za edna godina ke dojde 2019.Pozdrav druze Erole.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *