Војводата замина во ајдуци

Објавено на 30 June 2017 од erizaov

zname_silueta

Војводата вчера замина во ајдуци. Тоа го направи со големо задоцнување, како и секогаш, бидејќи Петров ден одамна помина кога комитите излегуваат од кај јатаците и заминуваат во шума да бидат на браникот на татковината, во одбрана на  слободата, независноста и самостојноста. Пред да се придружи на ајдучката чета тој се обрати на нацијата на конференција за печат. Притоа на напатениот народ од 11 годишното владеење на башибозукот му приопшти: заврши времето на конструктивност и попусливост. Оваа тортура веќе не се трпи ниту еден ден, а камоли цели 30 дена на стравично измачување со кое сме соочени како никогаш досега во историјата на Република Македонија, па и на цела Европа. Досега  не се случило вакво класично политичко гонење на политички противници. Стотина лица, дел од органите или поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се прогонуваат со цел партијата да се уништи, да се замолчи… види мајката, на војводата му станало неподносливо од теророт на сопствениот режим кој сè уште функционира во државата

Овие пораки на војводата треба да се читаат по неколку пати секој ден како молитви пред неговата икона. Есапејќи нè за шапшали и какавани ни кажува дека ова што му се случува него и на неговите пајташи, не постои историски пример на вакво нешто. Ова досега не е видено во светот. Лелека на сет глас ова е политички, а не правен процес. Специјалното обвинителство носи политички одлуки без правни докази. Целта е слабеење на Македонија. Затоа ние остануваме на бедемот на државата. Целта на непријателот е да се заплаши судството, да се заплаши новинарството, да се заплаши целиот народ. Нашиот грев е што 11 години бевме на браникот на татковината, на името и на нацијата. Ова е срамен и кукавички чин. Конструктивноста, како некои ја нарекуваат попусливост завршува денеска. Сега е време историјата да одлучува и да суди. Ние се плашиме само од судот на историјата. Овде очигледно не сум само јас во прашање туку во прашање е една идеја за Македонија, силна, цврста и самостојна која сакаат да ја скршат и се спремни на сè заради тоа. Ова е класична политичка и антимакедонска конструкција. Иднината тоа ќе го докаже, како што ќе се докаже историската одговорност која ја носат сите овие лица кои сега јаваат на бранот на еуфоријата мислејќи дека времето почнува и завршува со нив… Ете ова им го соопшти војводата на медиумите и, како што долукува на еден голем патриот и демократ, на конференцијата за печат не дозволи никакви прашања. Си замина војводата во борба за слобода. Наместо од себе ќе ја ослободува Македонија од непријатели и предавници кои со светски заговор ја преземале власта и кои сакаат да напрват монтирани судски процеси на најзаслужните македонски дејци кои во изминатите 11 години владеење од Македонија направија рајска градина. Војводата и неговата ајдучка чета нема да чекаат 11 години натрапниците да владеат без контрола и да ја уништат и обезличат Македонија, туку веднаш ќе тргнат во акција. Нема веке ни попусливост, ни толеранција. Почнува одлучувачката битка за Македонија.  Оти не се работело за судбината на војводата, туку за Македонија, а тоа е  едно те исто. Македонија без  вождот веќе не е Македонија. Нели. Има уште абдали што така мислат.

Кога човек ќе ги слушне овие зборови, кои одекнуваат застрашувачки како ќорфишеци, не може, а да не се праша: добро знае ли водачот што зборува. Како да му се каже аман не нè брани повеќе. Со твоите одбрани останавме последни на Балканот и во Европа. Ако навистина ја сакаше својата партија и својата татковина толку многу, доволно ќе беше да ја спаси од себе со своето повлекување од политичката сцена и со докажување на својата невиност на суд. Тој, судот и никој друг, треба да пресуди дали се работи за политичка пресметка или за тешки кривични дела и кршење на законите. Војводата навикнат да апси и суди под негов диктат сега има уплав од непристрасни и професионални судии. Како тоа невин човек не сака да оди на суд и да ја докаже вистината, да ја побие лажната оптужба. Ретки се случаите невин да не сака судска правда. Затоа карикатурална е грижата за слобода и независноста на судството на осомничениот за криминал, корупција и злоупотреба на власта, апсење и затварање на политички противници пред тв камери. Каков е тој патриотизам да се изедначува сопствената судбина со судбината на државата. Вакво нешто не се слушнало ни од устата на големи државници кои ги задолжиле своите татковини во најголемите ослободителни војни.

Смешен, тажен  и трагичен е лелекот на војводата за загрозената слобода на медиумите. На која слобода мисли големиот патриот. На таа што тој им ја даде на медиумите со нивно уништување и затварање, со оставање на стотици новинари без егзистенција, или мисли на слободата на медиумскиот простор со затварање на сопствениците и на менаџментот на А1 телевизија осудувајќи ги за тешки кривични дела: неплаќање на даноци на 112 години затвор, или пак мисли на затварање на новинарите (Кежаровски,  Божиновски) и нивно држење незаконски со месеци во притвор. Се разбира, војводата не мисли на непријателските медиуми. Тој сега е загрижен зошто лека полека неговите послушници се откажуваат од него. Некои од нив, кои што секогаш први дознаваат и секогаш навреме се прешалтуваат, престанаа да го величаат војводата до небо. Додуша сè уште ги плукаат политичките противници на ВМРО-ДПМНЕ и поинаку мислечките луѓе и јавни личности, ама се гледа воздржаноста на новинарите и уредниците. Кого сè овие медиуми, чиј  главен уредник повеќе години беше војводата, не прогласија за предавник на татковината, за странски платеник, за шпион, за кодош, за уличар… Многу бргу, само за еден месец ги заборави своите злодела кон новинарството и медиумите (читај кон целата јавност). Војводата, нормално ако не му одаваат признаие за неговат мудра политика и големи успеси, не ги признава светските надлежни институции за медиумските слободи кои во време на неговото владеење од 34 пристојно место во светот нè бутна на светското дно меѓу африканските и азиските диктатури.

Има една поговорка која вели: не лае песот за одбрана на селото, туку за себе. Војводата не заминува во ајдуци за одбрана на татковината, туку за своја одбрана. Задоцни да замине уште пред Петров ден не во ајдуци, туку од политиката. Но, бидете сигурни, пред Митров ден штом малку застуди, ќе се врати кај јатаците. Требаше да си замине уште пред две години кога го фатија жив, што сè му направил на својот народ. Тогаш ќе ги ублажеше последиците од неговото владеење, ќе ја спасеше партијата и државата, а многу веројатно дека ќе се спасеше и себе си. Вака сега му преостануваат само очајнички обиди во кои повторно како главен влог ги става и државата и партијата. Не знам уште колку време ќе им треба на некомпромитираните во раководството на ВМРО-ДПМНЕ да расчистат со големиот товар што им го натоварија на грбот и на образот војводата и неговата чета.

Коментирај:

коментари:

loading…


6 Comments For This Post

  1. Игор Says:

    Мислам дека треба да се види дали може колумната да излегува во некој наш весник („Слободен Печат“ или „Нова Македонија“) бидејќи би било штета толку добри текстови да ги нема во дневниот печат.

  2. mihajlodimkov Says:

    druze erole odlicen tekst , jas navistina nemam sto da dodam.pozdrav

  3. marija Says:

    Sekoja cest, Vashite kolumni i na ushte nekolku ceneti novinari ni bea veter vo grbot da ja izdrzime sekoj svojata licna nepravda i mobing od predhodnata vlast!

  4. Blagoja Blazev Says:

    Gospodine Erol,
    DEDenes se vooduseviv koga vidov deka imate objaveno svoj portal ERizaov.mk. Jas sum 5 godini postar od Vas, gi citav Vasite kolumni vo Nova Makedonija, a mislam deka sum Ve cital, no ne sum siguren, i vo Komunist. Utrinski Vesnik go kupuvav samo poradi Vas i bev cesto razocaran ako nemase Vasa kolumna. Vo posledno vreme se cudev kako moze vo Utrinski da se objavuvaat Vasi kolumni, koga drugite izdanija na MPM – Dnavnik i Vest, osobeno Dnevnik, bea grozni za citanje (Dnevnik go kupuvav poradi soprugata samo na krajot da pogledame za pocinatite.

    Denesnata kolumna bese odlicna, no gi pogledav i site objaveni fotografii i s potsetiv so nostalgija za nekoi minati vreminja i licnosti.(nema mesto ke prodolzam)

  5. Blagoja Blazev 2 Says:

    Bidejki od kompjuterot koristam samo e-mail, a sakam da napravam konsultacija i cujam vase mislenje, Ve molam da mi dostavite e-mail na koj mozam da Vi napisam. Povrzano e so Vasata kolumna vo Fokus br.1128 od 19.05.2017.
    Blagodaram.

  6. Canberra Says:

    Erole,se dodeka VMRO postoit Makedonija nema da se oporavit.VMRO treba da se zabranit kako teroristicka organizacija za Makedonija da vidit bel den .So kradenje od sosedite ne odime nikade,kakva Evropa kakov bakrac.

1 Trackbacks For This Post

  1. Војводата замина во ајдуци – Локално Says:

    […] Целата колумна на Ерол Ризаов на следниот линк. […]

Leave a Reply


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930