Катица засекогаш

Објавено на 28 June 2017 од erizaov

Додека не се преслушаат сите незаконски снимени разговори на илјадници јавни личности  во државата, Специјалното јавно обвинителство не смее да згасне. Ова големо злодело правено непречено со години е најмасовно нарушување на човековите права и слободи во поновата историја на Македонија. Мора да се расчисти до крај ова монструозно злосторство. Кој го направил, кој го нарачал, кој го спроведувал, целата јавност тоа мора да го дознае и тоа до последниот и најмал детаљ. Тоа што е за архивирање да се архивира, тоа што е за уништување да се уништи според  законот, тоа што е за на суд да оди на суд. Тоа што е за во затвор да оди затвор. Колку ќе трае нека трае,  за еднаш конечно да сфатат сите во оваа држава дека не можат да прават што сакаат само затоа што некој ја добил довербата, многу често на сомнителен начин, да биде во врвот на власта.  

Не може да помине неказнето грубото подривање на безбедносниот систем  извршено во службените простории каде се одвивал надзорот врз комуникациите на граѓаните. Тие што треба најмногу да се грижат за безбедноста на граѓаните, за стабилноста на општествено-политичкиот поредок и  на угледот на државата наредиле нејзино деградирање. За жив срам и невидена брука,  никој за тоа да не поднесе ни морална, ни кривична одговорност иако беа откриени. Тоа се тешки кривични дела на една моќна криминална организација која  извршила злоупотреба на власта и ги пречекорувала своите овластувања до димензии ужасот да го претворат во нормалност. Нивното политичко, економско и криминално делување досега осознаено од само малиот број обелоденети разговори и од обвинителните акти чие судско процесуирање сè уште се попречува од темни сили и по промена на власта, јасно покажа дека во Македонија долги години бил инсталиран криминоген режим на група луѓе кои управувале со државата на класичен мафијашки начин со невидена корупција, со рекет и уцени, со нарачани судски пресуди на политички противници, со корумпирани судии и новинари, со апсење и тортура на новинари и гаснење на медиуми кои не се по ќеф на големиот водач, со уништување на туѓ имот, со закни и изборни фалисификати… Ако било што од овие обвиненија и истраги остане неразрешено и неразјаснето до крај, Македонија ќе ја носи големата историска дамка на фалично општество кое повеќе ќе наликува на голема чекална за исселување отколку на држава по урнек на европските парламентарни демократии.

И тука не завршува работата на Специјалното јавно обвинителство. На Македонија уште долги години ќе и’ треба едно силно и независно Специјално обвинителство и една Катица Јанева за гонење на криминал  на високи функционери и моќници. Не се добри идеите за спојување и претопување на Специјалното јавно обвинителство во редовното јавно обвинителство. За тоа има повеќе причини кои главно се сведуваат на заштита на независноста на Специјалното обвинителство и на обвинителите. Угледот и довербата што ги стекна Специјалното обвинителство и тимот обвинители предводени од  Катица Јанева е добра база ова обвинтелство да добие уште поголеми овластувања и поголема самостојност во својата работа која не може да биде попречувана од ниту една власт или моќници. Наместо гаснење треба под итно во парламентот да се поведе широка дебата за зголемување на ингеренциите на Специјалното јавно обвинителство, за што Јанева веќе поднесе барања. Тоа зачи да  продлжи работата на Специјалното обвинителство без ограничувања и датуми, да се овозможи да се донесе законот за заштита на сведоци, да се оформи специјален судски и полициски оддел во надлежност на Специјалното обвинителство и да се формира посебно оделение со експоерти и вештаци за проценка на имотот на осомничените високи функционери и моќници во државата и во странство аналогно со тоа колку данок и давачки плаќале во државната каса. Во таа парламентарна расправа граѓаните на Македонија треба дефинитвно да видат кои политичари и политички партии се против непреченото работење на Специјалното обвинителство и кој го подржува криминалот и криминалците. И, се разбира, кој е за тоа и дава поддршка и во иднина непречено да се злоупотребува власта и да се пречекоруваат овластувањата, да се држи под надзор и под притисок судството и целиот правосуден систем.

Ваквите ингеренции на Специјалното обвинителство не значат воведување паралелен судски систем. Напротив, одделот кој ќе се бави независно со гонење на криминал направен од високи функционери, политичари и деловни луѓе во државните компании само им отвара широк  простор на сите други редовни судски инстанции да си ја вршат работата поефикасно и без притисоци. Меѓусебната соработка на овие институции на системот и првите пресуди на високи функционери, конфискување на нивниот незаконски стекнат имот ќе биде доказот дека во Македонија владее правото.  Тоа ќе биде влезницата за евроатланските интеграции, за членство во НАТО и во ЕУ. Но, и за нешто многу позначајно од членството во овие организации, а тоа е фактот што тоа значи почеток на европеизација на Македонија и слободен живот на граѓаните како што тоа приличи на една современа европска држава. Не го давајте Специјалното обвинителство. Тоа во моментот е најголемата гаранција за европска иднина на Македонија. Тоа е најголемата превентива и брана против криминалците од врвот на власта. Ставам раце во оган дека доколку се продолжи мандатот на тимот на Катица Јанева и доколку се прифатат нејзините барања за непречена работа, организираниот криминал  и корупцијата во високите ешалони на власта ќе се сведе на скандинавско ниво. Го сакаме ли тоа како граѓани, или ги претпочитаме арамиите и мафијата. Треба со големи црни букви да бидат испишани имињата на скопскиот плоштад на пратениците и политичките партии кои ќе гласаат да престане актвноста на СЈО во натамошно поднесување на обвинителни акти и истражувања на кривичните дела на високите функционери. Ете тоа се предавници на татковината, а не тие што бараат правда и што го изнесоа криминалот на виделина. Тие се херои.

(Преземањето на делови или целосниот текст од колумната „Мое Ќоше“ е дозволено само по претходна согласност од авторот. Сите права се задржани)

Коментирај:

коментари:

loading…


1 Comments For This Post

  1. od dedo dimo Says:

    Potpolno ste vo pravo druze Erole i so kolumnata i so komentarot.

Leave a Reply


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930