Македонија подобра и од Белорусија и од Русија

Објавено на 31 March 2017 од erizaov

fudbal

Македонија пак играше фудбал пред речиси празни трибини. Но, овој пат за тажната слика кога државна репрезентација дава голови без навивачи има силно оправдување. Тој ден како и секој имаше нешто многу поважно од фудбалот. Големите патриоти беа многу зафатени и не можеа да дојдат во „Телеком арената“ да навиваат за Македонија. Тие со денови викаат „Македонија, Македонија, Македонија…“, бучни се на едни други арени, фанатично навивајќи за Груевски и дружбата да дојде до промена на резултатот по одиграниот натпревар пред повеќе од три месеци. Храбро го спасуваат сенародниот спасител и цела Македонија, да можеме ние предавниците и непријателите на раат да гледаме фудбал и да уживаме во победата.

Додека ТВ-камерите ги одбегнуваа празните трибини затскривајќи го срамот, си помислив голема штета што не дојдоа, можеа да направат чудесен перформанс на натпреварот со нам блиската, по многу нешта, Белорусија. Ќе имаше голема симболика. Бевме подобри и ги тепавме три нула. Да стасаа само 15 отсто од 200.000 патриоти што секој ден ја спасуваат државата, ќе беше полн и стадионот и скопските улици. Арно ама тоа беше неизводлива операција, бидејќи Градскиот стадион има точен број седишта, некаде над 38.000. Ќе се видеше апла дека не можат да наполнат ни две трибини заедно сосе предавниците и тие што сакаат повеќе да ја гледаат Македонија како игра фудбал отколку како се дави во жив песок. Дроновите што летаат над улиците и ТВ-камерите пред Собранието и пред Владата не се исто што и камерите насочени кон трибините на Градскиот стадион. Се гледа се’, и кога и полно и кога е полупразно, и кога е ептен празно.

И дадовме три гола на пријателска Белорусија и отидовме во Дебар Маало во убава пролетна вечер да ја прославиме победата. Не е мала работа да бидеш подобар од Белорусија во што било, па и во фудбал. Ако продолжиме вака, ќе ја престасаме и Русија. Замислете каква историска глетка би била како во ложата заедно седат Владимир Путин и Николаj Груевски и уживаат во големата игра, по која Путин му честита на Груевски и му признава дека сме понапред и од Русија. Што да ви расправам – Русија и ние.

Во исто време деновиве Македонија игра повеќе натпревари на домашен и на меѓународен терен. Овие тајни „утакмици“ не ги доживуваме како пријателски, иако сите, па и судиите, не’ убедуваат дека ни попуштаат да победиме, ама нема кој да даде гол. Немаме голгетер. Секој ден ни свират по неколку пенали, ама нашите стрелци никако да го погодат голот. Цело време шутираат или во аут или во публиката.

Македонија живее и се задушува во лимбо позиција. Има влада како да нема, има премиер како да нема, има претседател како да нема, има парламент како да нема, има народ, како да нема… Ни се изредија да не’ подучуваат и да ни помогнат коџамити луѓе од цел свет. Сите ни велат, абе што чекате, голот е празен, само треба да шутнете и да го погодите просторот меѓу две стативи. Ништо од тоа, бидејќи на натпреварот некој го украл фудбалот и тимовите играат без топка. Па така, едни си одат други доаѓаат. Само што си замина со својот тим Јоханес Хан, капитенот на ЕУ за проширување, а еве го, ќе доаѓа Доналд Туск, претседател на Советот на ЕУ. Двајцата наши премиери, и Димитриев и Груевски, лобираат за Македонија на Малта, ако треба за татковината ќе одат и на Јалта додека си заминат неканетите гости. Претседателот Иванов откако се врати од патот на свилата се подготвува за пат во Стамбол град, имало некој многу важен семинар за тоа дека на тркалезна маса челото се одредува по тоа каде седи пашата. Добро де, разбирате ќе оди човекот колку да не е дома при оваа калакурница.

Германскиот Бундестаг расправа за Македонија, праќаат повторно порака од Берлин педантните Германци, чинам, петнаесетта по ред од 11 декември наваму. Велат: претседателот Иванов веднаш да го даде мандатот на партиите кои имаат мнозинство во парламентот. Иванов им вели малку морген, јаваш, јаваш, лангзам лангзам… тоа не оди така. Вашата молба ќе ја разгледам кога ќе се вратам од Цариград. Замислете, ова претседателот Иванов знае да го покаже без да изусти ниту еден збор. Тоа ти се вика синхронизиран говор и на телото и на мозокот.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, е вистински шампион, голем голгетер, најверојатно од идната недела ќе биде и премиер и претседател и на државата и на парламентот. Сака да биде исто како нашиот Груевски. Ама тоа е неизводливо, бидејќи Груевски не е ни премиер, ни претседател на државата, ни на парламентот, а ги извршува сите тие функции, а има уште најмалку десетина. Вучиќ ќе ги добие гарант изборите со извонредната доктрина осмислена во московска платформа. Вучиќ и Путин нема да дозволат македонизација и редефинирање на Србија. Панимаеш. Генијално стокмено. Велат, Вучиќ ги исплашил Србите од македонско сценарио на опасни странски замешателства. Е, тоа не проаѓа во Србија, баш за инает на цел свет.

Путин му дувна во грбот и на Груевски со истата московска платформа како српската, само малку свртена од наопаку. Го замолил Вучиќ да ни соопшти дека место прозападниот и послушен Заев, се’ помил и подраг им станува Груевски, колку што е повиката на западниот свет против него. Исто како она што беше со Тито. Се сеќавате на она: „Што су веќе клевете и лажи, то нам је Груевски дражи“. Па така додека Москва го поддржува Вучиќ да стане и претседател со платформа против македонско сценарио во Србија, Груевски пак живее во надеж дека ќе ја сочува власта со заплашување на Македонците од албанско сценарио.

Бугарите, пак, по нивните избори направија намерно бугарска папазјанија и го признаа правото на партиите кои ќе направат мнозинство во парламентот да формираат влада. Ова Борисов го направи максус за инает на Груевски оти со него не сака да пие ни кафе. Во Тирана сега тврдат дека немало никаква тиранска спогодба. Во Црна Гора предавниците слават – ќе влезат во НАТО и први се на ред за влез во ЕУ. Оној Лајчак од Словачка се излаја пак дека не знаел кои две од пет земји на Западен Балкан се во распаѓање, а три во тешка политичка криза. Божем ние сме и глупи и слепи, па не гледаме дека мисли на Босна и на Македонија.

Нашите домаќини, како и секогаш кога е густо, кинисуваат на пат околу светот. Гостите си прават дојди ми, ојди ми. Во парламентот вмровците играат бзззз, им удираат шлаканици на тие што лежат и викаат едно те исто чаталигу, паталигу колку се. Пред парламентот се игра руски рулет со пиштол вперен во челото на Македонија.

Па тогаш што функционира. Две работи течат без застој и без никакви пречки и кога ништо не работи. Арамилакот и задолжувањето на граѓаните на Македонија. Тоа си тече без проблеми и застои. Изгледа двете работи се ептен поврзани меѓу себе. Официјално јавниот долг, кој расте како монструм, стаса над пет милијарди евра, а неофицијално вкупниот долг изнесува одвај нешто над седум милијарди евра. Точно ќе знае тој што треба да ги врати парите. Нека му ја мисли. Сега имаме поважна работа. Да се тргне арнаутската платформа.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

loading…


Leave a Reply


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930