Banner
Мое ќоше

Ситни души и илеџии

sobranie

Ситни души, кукавици и илеџии не прават држава, ни можат да ја сочуваат ако друг им ја направил и за тоа платил со животот. Ако беа чисти пред себе и пред законите, ВМРО-ДПМНЕ, предводени од својот врв, ќе заминеа во опозиција со песни и игри низ Македонија. Непоразени, со крената глава ќе ја прифатеа реалноста, ќе кажеа, како што е редот, дека ја примиле пораката на мнозинството граѓани кои сакаат промени, владеење на правото, отчет и повеќе слобода и демократија. Со 51 пратеник во парламентот опозицијата може да ги употребува сите демократски, законски и деловнички средства да ја опструира власта, да критикува и да дебатира, да бара поголеми слободи, остварување на ветеното, нови предвремени избори и се’ што оди со една моќна опозиција која како партија има најмногу пратенички места, ама нема мнозинство. Честа и вообичаена работа во светот на пристојна демократија.

ВМРО-ДПМНЕ избра да го спасува своето раководство осомничено за криминал, ставајќи ја во залог целата држава како на коцкарска маса. Наместо во партијата да ги избркаат на клоци компромитираните политичари, тие одлучија да се вложат себеси и партијата за спас на корумпираното раководство. Прифатија крајно примитивен и инаетчиски начин, со досега невидена опструкција во европската парламентарна демократија, да го понижат и Собранието на Македонија и сите граѓани само да не ја предадат власта на мнозинството. Тоа што се случува во парламентот сега колку и да е тажно и разочарувачки од страна на дружбата на илеџии, сепак за една работа е многу добро. Нека се види убаво и за ќоравите, за еднооките и за сите слепи при очи дека не е во прашање ни државата, ни јазикот, ни унитарноста, ни неделивоста, ни федерализација, ни кантонизација, ни редефинирање на Македонија, туку соочување со судот, со законите и со правдата, ама овој пат без нарачки на пресуди, туку одбрана од тужбите во непристрасни судски процеси, без заштита од позиција на власт и моќ. Во тој случај доколку непречено стасаат пред судот доказите и автентичните сведоштва за злоделата што се направени во овие 11 години, носителите на криминалот самите да се судат, треба да се осудат по едно 20 години затвор.

Она што се случува пред парламентот и пред владата, или пред седиштето на ЕУ, секоја вечер е соучесништво и заштита на криминалот, опасна демонстрација на моќта со лажна одбрана на заедничката држава. Тоа се колони на срамот кои водат во поделба на државата, само поради задржување на власта и неприфаќање на гласовите на мнозинството граѓани. Кога протекоа ТВ-вестите од парламентот и покрај обидите за цензура тоа се гледа ептен јасно. Целиот тој циркус е за непроменливост на власта веќе го разбираат и децата од основните училишта, кои, исто така, беа предмет на манипулации и труење со популистичка и националистичка политика. Веќе почнаа да се поставуваат прашањата ако тие што немаат мнозинство во парламентот секој ден ја покажуваат својата сила, зошто тоа не го направат и тие што гласаа за промени и за владеење на правото. Што ќе се случи ако стасаат пред владата и пред парламентот едно педесет до сто илјади граѓани кои бараат да се почитува нивниот глас и да замине старата власт. Така ли почнуваат граѓанските војни и крвави трагедии?

Во моментот најголемата одговорност за тоа ја има власта која не сака да си замине, кршејќи го Уставот и оневозможувајќи му на мнозинството да формира влада и да ја престави својата програма пред парламентот и пред јавноста. Многу би сакал деновиве некој професионален новинар да го праша Ѓорѓи Наумов, еден од старата плејада вмровци, дали кога прогнозираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе владее сто години мислеше тоа да се направи на овој начин. Јас го знам неговиот одговор, но подобро е тој да го каже јавно.

Ајде, доста беа бруки и срамови. Пакувајте ги куферите и право кој е за опозиција во опозиција, кој е за на суд на суд. Тоа ќе биде најдобрата работа што може да се направи во Македонија за излез од кризата. Печењето во опозиција по 11 годни на власт е многу здрава работа, и за државата и за партијата. Ајде, конечно, направете простор да почнеме со критичка опсервација на новата власт. Вашите мајмунлаци станаа здодевни.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *