Banner
Мое ќоше

Тиранска влада

tiranska vlada

Повеќе од една деценија со Македонија владеат тирани кои управуваат со државата деспотски без никаква контрола. Дали сега по 11 години во еден исклучителен историски момент на уривање на тиранијата и корумпираната власт по демократски и мирен пат со завршени и веродостојни избори, ќе се почитува гласот и определбата за слободно европско општество на над 600.000 граѓани, зависи од автентичноста, цврстина и истрајноста на носителите на демократските процеси. Многу зависи и од меѓународната заедница, односно од тоа дали и натаму ќе се поддржува режимот на Груевски. Но, за жал, иднината на земјата зависи и од разорноста на шовинизмот и национализмот, кој го пропагираат поразените популисти и нивните подбуцнувачи. Што мислите, кој ќе победи – мракот или светлината.

Значи не е проблемот во владата диктирана ѓоамити од Тирана, таа е се’ уште на власт цели 11 години. Проблемот е како да дојде на власт демократската влада диктирана од граѓаните на Македонија. Од изборниот ден 11 декември до денес, повеќе од три месеци Македонија нема парламент, нема функционална влада и премиер, нема саглам претседател на државата. Се води илеџиска подземна војна за задржување на власта или, како што знаат веќе многумина во државата и сиот демократски свет, група осомничени функционери, обвинети за масовно и повеќегодишно нарушување на човековите права, за изборен и организиран криминал, за голема корупција, впрегнуваат илјадници граѓани по македонските градови како жив штит во попречување на правдата и оневозможување на демократијата, на владеење на правото. Или, како што велат во Брисел, во оневозможување на обидите за ослободување на заробената држава и институциите на системот.

Како што се’ посилно врие шовинистичкиот котел и како што се зголемува опасноста да се украде победата на мнозинството со измислената опасност по унитарноста на Македонија, нејзината поделба и федерализација, продажбата на уставното име, со двојазичност која веќе постои со години, со националистички изманипулирани колони граѓани, така главниот град е опседнат со многубројни добронамерни, но и злонамерни емисари кои укажуваат на трагичните последици доколку грубо биде изиграна волјата на мнозинството граѓани, но и на тоа дека со Македонија е готово ако коалицијата на опозицијата направи влада. Најодговорниот човек за повеќегодишната длабока политичка криза, Никола Груевски, и неговата свита се’ уште успеваат со големите прелаги и црни пропаганди да палат меѓуетнички пожари. Колку е голема лагата за тиранска влада и платформа кажува фактот што се’ уште и таа сегашна нефункционална влада со која управува Груевски, е на власт во коалиција со албанскиот партнер, кој не може да ја продолжи натаму коалицијата само од една причина, ама многу голема и неминовна, да се растури партнерството. А, тоа е фактот што граѓаните Албанци немаат ни малку доверба во Груевски и во корумпираната власт. Ниту пак другите албански партии, кои во своите предизборни платформи го имаа токму фактот дека со Груевски нема поделба на власта, имаат некаков самоубиствен нагон да ја делат власта со човекот кој не го сакаат не само албанските, туку и стотици илјади гласачи припадници на македонскиот и на другите народи кои живеат во Македонија.

Не е доволно ветувањето на Јоханес Хан, еврокомесарот за проширувања на ЕУ, дека поразените и корумпирани македонски политичари треба да избираат меѓу Европа и Балканот, меѓу демократија и режим. Тие одамна бегаат од Европа. Балканштината им е најсигурната заштита, а патриотизмот е најсигурното скривалиште од правдата. Брисел кој го призна својот дел на одговорноста за состојбите во Македонија, по цела деценија тактизирање и поддршка на режимот на Груевски, исто колку и на грчките ултиматуми, овој пат ако не сака да биде соучесник во распаѓањето на Македонија мора да настапи и со поголем морков, но и со поголем стап. Уривањето на парламентарната демократија со ништење на волјата на мнозинството граѓани мора да биде изразено со казна на виновниците, а не со казна на сите граѓани на Македонија. Напротив, определбата на граѓаните за изградба на современо европско општество на последните избори, треба да биде наградено со експресно отпочнувања на преговорите за членство во ЕУ и постапување според пресудата на Судот за правда во Хаг да не може да се попречува членството на Македонија во меѓународните организации, се разбира, пред се’, во ЕУ со името ПЈР Македонија. На Македонија ЕУ треба штедро да и’ помогне за еден четиригодишен мандат да стане редовна членка на ЕУ. Пред тоа, односно веднаш по конституирањето на новата демократска влада треба да уследи поканата за членство на Македонија во НАТО. Без овие решенија процесот на исчезнување на Македонија е отворен со амин и на Европа.

Членството во НАТО значи престанок на опасноста од поделба на државата, од загрозување на нејзината унитарност. Почнувањето на преговорите со ЕУ и отворањето на задолжителните поглавја, ќе ја покаже на дело определбата и способноста на владата и на парламентот за спроведување на политичките и економските реформи во практиката. Тоа ќе биде најважната мерка за успешноста и на новата и на секоја наредна влада.

Конечно, со промената на власта во Македонија завршува ерата на еден корумпиран режим. Доколку, пак, надвладеат лагите и воените подбуцнувачки пропаганди за тиранска влада, за федерализација и редефинирање на Македонија, тогаш се потврдува научната теза дека не е ништо ново и во современата историја да се распаѓаат како големи така и мали држави.

Можеби ова ќе биде прв пример во историјата на исчезнување на една држава, не поради идеолошки револуции и војна, туку поради трагичната вистина за заштита на грст осомничени политичари за криминал и на нивните медиумски поддржувачи.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *