Banner
Мое ќоше

Академик што мрази националисти и муслимани

mitko madzunkov

Од историскиот говор на академик Митко Маџунков одржан во Македонската академија на науките и уметностите разбрав дека тој најмногу мразел националисти, шовинисти, муслимани, Албанци, Македонци предавници и разни други варвари од сомнително потекло. Ми ги отвори очите академикот. По неколку пати препрочитување на ова негово последно ремек-дело се почувствував виновен за своите злодела како Турчин османлија и македонски новинар странски платеник и осведочен предавник. Веднаш подготвив барања за промена на сопственото име, на верата, на нацијата и на јазикот. Си одбрав и ново име како за време на комунистичката инквизиција во Бугарија. Ќе се викам Емил Ризов, ќе се покрстам во православен христијанин, ќе бидам прав Македонец – Гагауз. Со тоа автоматски ќе дојде до промена на мозокот и моите убедувања.

Очекувам и Маџунков, како голем патриот и чистокрвен Македонец, побрзо од мене да го смени турцизмот од своето презиме, оти маџун на турски јазик значи сок од грозје, но и паста за заби и разни други течни и густи мешавини и мелеми од различно познато и непознато потекло. Се’ е тоа маџун. Така кога ќе станеме сите православни христијани и Македонци со еден единствен насушен јазик, една нација и една вера, ќе заврши кризата во Македонија и опасноста од исламизација и дехристијанизација, федерализација и поделба на државата. Решението е едноставно, треба само да се отстрани маџунот направен од нашите предци од разни семиња и плодови.

Подготвил академикот тестаментално обраќање во пантеонот на бесмртните за опасноста од исламизација, албанизација, дехристијанизација, федерализација, кантонизација… на Македонија. Три дена и три непроспани ноќи мудриот научник и творец составувал послание да најде содружници и соучесници во алејата на великаните за спасување на татковината. И ете чувме и разбравме дека Маџунков пронашол генијален пристап за забрзано хемиско чистење на нацијата и од надвор и од внатре. Тоа најлесно се постигнувало со повампирување на меморандумот на Српската академија на науките и на уметностите во меморандум на МАНУ. Доволно е еден огнен еколошки говор за чистење на татковината од натрапници и домашни непријатели, па да се повампири рецидивот од САНУ. На Балканите ако не се уништат вампирите кога се во ембрионална фаза, тие преку ноќ стануваат монструми штом малку се разоткрие пепелта и дувне ветерот.

И така на брзинка, додека академикот, писателот и хуманист се’ уште прима бројни честитки за велелепното и јуначко обраќање до колегите академици, кое поради историските пораки што ги содржи и поради гебелсовската пропагандна машинерија стана пофалница и заштитник на националистичката заслепеност, на криминалот и корумпираноста на режимот и патоказ за најкусиот пат кон исчезнување на Македонија. Академикот во вознес и со восхит го доживува најголемиот тираж од своето последно дело нашироко цитирано во говорите и транспарентите на запалените националисти ширум Македонија, кои повикуваат на војна и омраза затскриени зад лажната парола „за заедничка Македонија“.

Цела држава за еден миг дозна кој е Митко Маџунков. Чудесен успех кој академикот со макотрпна децениска работа не може ни да сонува за да го оствари. Говорот на Маџунков во Македонија е пречекан како вест за Нобелова награда, дури радоста е и поголема оти обично во режимите нобеловците не се многу омилени, бидејќи со своето творештво се спротивставуваат на диктатурите, на деспотизмот, на популизмот, на примитивизмот, на заостанатоста, ги откриваат табуата, белите и црните петна од поблиското и подалечното минато, ги жигосуваат злоделата на властодршците и моќниците, пишуваат за патилата и страдањата на сиромашните и обесправените… бараат слобода на творештвото и мислата, бараат демократија и еднаквост на сите пред законите, бараат почитување на човековите права. Пишуваат големи дела дека татковината не се сака со говори и лаги и омраза на различните од себе, со ограбување на националното богатство и на народот кој не го вадат од уста. Таквите творци никаде не се сакани од авторитарните власти. Политичарите во битките за власт, особено големите непроменливи водачи повеќе сакаат политички памфлетисти отколку вистински творци. Тие обожаваат дворски пејачи на оди, ги прифаќаат за дневнополитичка потреба, многу често за една употреба кога се неопходни да ја величаат нивната слава и да бидат прикажани како спасители на народот и на државата. За привилегии, кариери и малку пари купуваат на рефус академици, научници, уметници, писатели, актери, новинари, судии, спортисти, деловни луѓе…

Веќе ги гледаме првите резултати на овие националистички говори. Како голема грдотија и срам јавно се покажаа најпримитивните симболи и знаци на фашизмот. Осамнаа на бандерите и на зградите потерници со фотографии на јавни личности сатанизирани како предавници и непријатели затоа што гласно бараат да не се попречува правдата, да се почитува Уставот и законите, слободата и еднаквоста на граѓаните. Тие се жигосани и јавно понижени поради откривање на вистината зошто се злоупотребуваат луѓето кои маршираат низ улиците за спасување на корумпираната власт. Затоа тргнаа и тројките хитлерјугенди на вратите на познати творци, новинари, хуманисти, да тропаат и да врескаат „предавник, предавник, срамота, срамота“. На партиските контролирани телевизии се’ посилно како надојдена буица тече 24-часовната емисија за спас на државата од предавници. Доволно е по академските говори и новинарски спинови три дена да се следат емисиите на Сител, Канал 5, Алфа… и партиските портали, човек да грабне пушка и да тргне во борба против клетите муслимани и други иноверци. Сеењето фашизам и омраза на овие телевизии е веќе рутинска работа. Ако не сте инфицирани и ако имате стекнато имунитет, погледнете само една од колективните телевизиски терапии на пациентите кои телефонираат дење ноќе да дадат одговор на прашањето кој е поголем непријател – домашниот или надворешниот. Дали сте за поделба или за унитарна Македонија? Дали сте за тоа во целата држава сите да учиме албански? Дали сте за промена на уставното име? Дали сте за федерализација и кантонизација на Македонија… и така со ред. Ова се прашањата на кои се познати одговорите, не е познато на пошироката јавност дека такво нешто никој ни во државата, ни надвор од неа, не побарал. Ни една политичка партија или релевантен политичар во земјата, во ниту еден документ не е напишано или побарано поделба на државата, или какво било нарушување на унитарноста, промена на уставното име без општонароден референдум, некаква федерализација и редефинирање на Македонија. Дека сите мора да учат албански јазик. Такво нешто никој не изустил.

Вистинските непријатели на државата и на сите граѓани се меѓу тие што ги ограбија и сега ја спречуваат правдата ставајќи ги пред себе како штит изманипулираните граѓани. Тие ја водат Македонија кон делби и хаос за да се спасат од соочување со судот и правдата што е можно само со промена на власта и пад на режимот. За жал, покрај уплашените властелини и нивните следбеници и соучесници во спасување на корумпираната власт се вклучија и академици, застрашувајќи го народот од смена на власта, најздравата работа што може и треба да и’ се случи на Македонија за да се откријат до крај и осудат масовните злодела. Покрај сторителите на кривични дела на обвинителна клупа еден ден ќе седнат и подбуцнувачите на војна, за кршење на човековите права и сејачите на омраза. За нив нема да се лепат потерници на бандери, ќе им ги донесе уредно поштарот.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *