Banner
Мое ќоше

Сè повеќе смрди на распадот на Југославија

dinamo-zvezda-riots

Во Македонија се’ повеќе смрди на распаѓањето на Југославија. Бевме и се’ уште сме единствената држава која ги одбегна ужасите и страдањата од воениот пожар, но со големи штети и брзо осиромашување на граѓаните. Денеска по повеќе од две и пол децении независност Македонија е соочена со реална опасност од распад само затоа што група осомничени политичари за тешки кривични дела своето последно скривалиште го најдоа во патриотизмот. Ја попречуваат правдата поддржани од пропагандисти и подбуцнувачи распоредени во моќните телевизии и други медиуми, кои се постојани паразити на сите власти и чија цена рапидно расте кога треба да се направат највалканите работи и да се искажат најголемите лаги, да се запали народот до точка на вриење, без што не почнува ниту една војна. Тоа се погребниците на вистината, која пред секоја војна прва гине. Недостига само првото убиство како непосреден повод за да почне поделбата на Македонија.

Така почна распадот на Југославија. За оние што заборавиле, или не паметат, или не сакаат да паметат, професионална и морална должност е да се потсети и предупреди дека и тогаш гласот на разумот кој и денес кај нас се појавува овде-онде е само доказ дека се наѕира хаосот. Трагичната историска поука не е прифатена. Напротив, и денес се употребува нашироко како аргумент. Има многу живи сведоци и учесници во крвавиот распад на Југославија, најголемата воена трагедија во Европа по Втората светска војна, која однесе стотици илјади човечки животи, направи пустош, разурна илјадници домови и вековни огништа, унесреќи милиони луѓе. Последиците не се залечени, раните се’ уште се отворени. Омразата против различните од себе расте и во лажен мир, особено при лажни успеси и лажна демократија и лажна нееднаквост.

Деновиве во Македонија беше високиот функционер на ЕУ Федерика Могерини, која се врати разочарана од својата балканска турнеја. Во дебатите за иднината на Балканот што се водат во седиштето на ЕУ во Брисел се цитира изјавата на словачкиот шеф на дипломатијата, Мирослав Лајчак, дека две држави во Западен Балкан се пред распаѓање, а три во длабока политичка криза. Не е тешко, според она каде беше на посета Могерини, да се погоди дека пред распаѓање се Босна и Македонија, а дека во длабока политичка криза се Србија, Албанија и Црна Гора. Веста како да е препишана од пред 27-28 години од многубројните укажувања на тогашното југословенско раководство дека со мудрост и избегнување воен конфликт по мирен пат Југославија, или нејзините наследници како посебни држави, брзо ќе станат членки на НАТО и на ЕУ пред сите други од Југоисточна Европа, бидејќи имаа најлиберален систем далеку понапреден од режимите на Истокот. Но се покажа дека никакво ветување, никакви милијарди долари финансиска неповратна поддршка не можеше да го спречи распадот на државата пред налетот на национализмот, шовинизмот и омразата, поттикната од вождовите на кои лесно им помина лагата за заблуда на сопствениот народ дека ја спасуваат држава баш кога ја растураат.

Сите вести почнуваа и завршува дека другите прават злодела и ја уриваат Југославија. Сите други беа прогласени за виновници, освен тие што навистина ја урнаа. Нападот во Битола на Музејот на албанската азбука многу потсетува на тоа. Драматично се соопштува дека предавниците и непријателите кои се против „заедничка Македонија“ се каменувачите и потпалувачи на музејот. Истите тие се и против антифашистичката војна, против партизаните и против АСНОМ. Тоа го проповедаат на цел глас воените подбуцнувачи кои маршираат на чело на колоните граѓани речиси идентично како колоните за поддршка на вождот Слободан Милошевиќ.

Деновиве вистинските Македонци, како што се нарекуваат граѓаните од пропагандистите на власта, маршираат низ градовите за одбрана на државата, за зачувување на унитарноста, против тие што сакаат да ја делат Македонија, ама да биде заедничка каква што ќе ја скројат нарачателите на маршевите. Не верувам дека не знаат дека никој не ја урива унитарноста на државата, ниту македонскиот јазик и идентитет, туку се урива режим со изборни резултати. Не верувам дека тие што маршираат не знаат дека тие се впрегнати во одбрана не на државата, туку на мафијата. Не верувам дека не знаат дека учествуваат во распаѓање на државата со заштита на поразената власт на избори. Непочитувањето на изборни резултати е отворен пат кон делби.

Во српскиот парламент радикалите на Шешељ пред Могерини викаа „Русија, Русија“. Во Македонија нивните побратими од самонаречениот македонски манифест, исто како Шешељ и неговите радикали, предводени од познати личности дневно-политички ангажирани, викаат на сет глас „Русија, Русија, сојуз со Русија“ и на тој начин и тие попречуваат да ги стаса правдата осомничените од врвот на власта за големи злодела, вклучувајќи нарушување на човековите права, изборни измами и организиран криминал и корупција.

Единствената голема надеж дека е можно да се спречи распадот и да превладее разумот е новиот пристап на ЕУ и големите сили во вакви кризни ситуации. Во Брисел паднаа првите посериозни критики за неодлучноста на ЕУ кон Балканот. Се’ погласно признаваат дека голем дел од вината за она што се случува во регионот е голем грев на Европа и нејзиниот егоизам. Поддршката на недемократскиот и корумпиран систем ја донесе Македонија на раб на војна и пред распад. Осудата на себичноста на Европа е се’ погласна не само од влијателни личности, туку и од повеќе актуелни политичари и државници. Почнува и во Брисел да се прифаќа вистината дека ако почнеа преговорите за влез во ЕУ на земјата, која веќе десет години е кандидат за членство во евроатланските асоцијации под името ПЈРМ, ќе беше избришан неправедниот фактор време наметнат на штета на Македонија. Ако се почитуваше одлуката на судот во Хаг и ако безобѕирно не се подржуваше еден шовинистички и националистички ултиматум на Грција во однос на Македонија, ноторна вистина е дека ќе ги немаше античките споменици и лажниот барок кои ги осиромашија и задолжија македонските граѓани и нивните наследници наредните неколку генерации. Ќе немаше лесно изманипулирани граѓани во маршеви за „заедничка Македонија“, зад кои се кријат осомничениот врв на власта и нивните медиумски крлежи, туку Македонија ќе беше членка на НАТО и на ЕУ и пристојно место за живеење. Ќе немаше ни платформи, ни воени подбуцнувачи, ниту пак ќе имаше режим и згазена демократија од овие срамни димензии како сега.

За жал, повторно единствената надеж за спас на Македонија не е разумот кој на Балканот секогаш е во малцинство, туку одговорноста и решителноста на ЕУ и големите сили. Ако контролираните македонски судови не судат за масовното нарушување на човековите права со прислушување на над 20.000 луѓе повеќе години и ја попречуваат правдата за предметите против осомничени за организиран криминал и корупција, ќе почнат да судат меѓународните судови. Таму е решението за излез од кризата на Македонија и во признавањето на последните изборни резултати и определбата на мнозинството во парламентот за состав на новата влада. Тоа мора да се означи со итно отпочнување на преговорите со ЕУ и со членство во НАТО. Се’ друго е крај на државата, поверојатно крвав отколку мирен.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Ероле, ти го должам и цензурираниот дел од коментарот во „Утрински“:
    Неверојатно е колку често новинарите се слепи за актуелниот момент!При распадот на Југославија нејзиниот последен претседател на Претседателството (Стипе Месиќ) изјави дека е на задача да стане последниот претседател на СФРЈ!Набргу потоа ги релативизираше жртвите во Јасеновац и ги величеше усташите,а новинарите проговорија за тоа дури пред неполн месец!Изетбеговиќ бараше чиста џамахирија,a белогардеецот Јанша веќе ликвидираше голобради војници на ЈНА од зад грб!Додека Туѓман повикуваше на чиста Хрватска,па ги збриша Србите од Уставот на Хрватска и од Хрватска,на иницијатива на Милошевиќ Србија донесе Устав во која таа стана држава на сите граѓани,без оглед на вера,нација,раса… и без наведување на српскиот народ како носител на државноста на Србија (единстрвен од таков вид во тогашните и потоа бившите југословенски социјалистички републики) Бараа делби,лабави конфедерации,етнички чисти територии,а токму оној кој повикуваше на сочувување Федерацијата го новинарите го оцрниј како најголем виновник и злосторник со никогаш докажана вина!Кри ев-бидејќи бараше Албанците да учат на свој јазик ама со книги печатени во Србија,а не во Албанија кајшто Тирана беше впишана како главен град на Косово…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *