Banner
Мое ќоше

Груевски заслужува фер судење

gruevski sudenje

Морници ме полазија кога Никола Груевски по судењето пред судот изјави: дојдов, видов… таман мислев ќе рече и победив како што му приличи на Цезар, кога тој ја спушти топката со: ова е театар. Претставата ќе ви ја раскаже мојот адвокат. Испадна работата дојде, виде и си замина. Помислив, голема неправда ќе биде ако се оневозможи Груевски и неговите соработници да имаат фер судење.

Трогнат го слушнав и адвокатот Никола Додевски колку многу е потресен бидејќи судската постапка против неговиот клиент е далеку од фер судење. Како се осмелуваат воопшто да го тужат и малтретираат по судови Груевски за онаа измислица со креираната сечена и лепена нарачка од пет-шест силни шлаканици на Андреј Жерновски и згора малку насилство во просториите на дисидентската Општина Центар во Скопје. Морав да се напијам шеќер и вода да дојдам на себе од стресот поради неправдата што му се прави на еден човек, како дрско и безобѕирно му е нарушено основното право што го има секој граѓанин во оваа држава, а со агресивни методи обвинителите сакаат да му го одземат тоа право само на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неприкосновен владетел на Македонија и кога е и кога не е премиер во изминатите 11 години. Ова е повеќе од театар. Жив циркус.

Боже, целиот шашардисан, си реков, отиде јабана државата побрзо отколку што се очекува, како е можно тоа да се случи во судница, во држава каде што владеењето на правото и фер судење од памтивека наваму е света работа и општопознато во јавноста, голема гордост на секој граѓанин на Македонија. За ова достигнување на нашето независно судство знае цел свет. Резултатите од владеење на правото се вчудовидувачки. За цела една деценија немаше ни еден случај на судска постапка, или некаква казна против висок функционер во власта. Не е изречена ни една единствена пресуда, ниту за корупција, ниту за организиран криминал, ниту за местење избори, ниту за злоупотреба на функцијата, ниту за погрешно паркирање, или за брзо возење на некој од врвот на власта. Ама баш за ништо.

Почесна и поскромна власт никогаш не сме имале. Зошто сега дури и да се нарачани, ама неудрени шлаканици би требало да одговара Груевски, или за малку кршење и тепање на предавници би требало не кој било, туку баш Груевски да се суди и уште 15 набедени насилници, инаку познати мирни граѓани. Што може ова да биде, освен нарачка од Џорџ Сорос и од Зоран Заев. Ама гадно се излажале. Македонија има независно судство какво што нема никој на дуњава.

Превентивната улога на делителите на правдата, нивната неподмитливост, партиска неприпадност, познавање на законите и висока стручност сиве овие години дава фрапантни резултати кои ги нема ни во скандинавските земји. Човекот кој има дадено огромен придонес и има најголеми заслуги за судството да биде вакво какво што е сега е единствен во државата на кој му се прави голема неправда. Срамота. Никола Груевски и неговите први соработници заслужуваат праведно судење, и тоа повеќе пати, за повеќе дела за кои се осомничени, се разбира неправедно и злонамерно од страна на агресивни обвинители кои работат под диктат, само што не се странски платеници, туку арчат и плаќаат судски казни од наши буџетски пари. За среќа ваквите деликатни предмети не по случаен, туку по намерен избор се даваат во рацете на искусни, докажани и праведни судии како Татјана Михајлова која веднаш го прекина театарот, односно судењето, и ги казни двапати по 1.000 евра, или вкупно 4.000 евра агресивните обвинители да внимаваат што зборуваат и да го почитуваат судот. Ами како.

Откако Груевски ја даде познатата историска изјава – ова е театар, адвокатот Никола Додевски потресен од она што му се прави на Груевски иако под силен стрес ја соопшти поразителната вистина: ова е однапред подготвено сценарио да се изврши притисок врз судијата, флагрантен притисок на водење на постапката. Нешто невидено и нечуено досега во македонските судови. Колку и да е судијата трпелив, ова не се издржува што го направија специјалните обвинители Фатиме Фетаи и Катица Јанева, и’ објасни на вознемирената јавност адвокатот кој не губи процеси пред независните судии и судови кога го застапува Груевски. Алал вера, голем адвокат овој Додевски од кој на судиите им се тресат нозете, особено на независните.

И конечно кој бил гревот на обвинителите Јанева и Фетаи со што го навредиле судот: и’ рекле на судијката дека записникот од претходното судење е интелектуален фалсификат и не ги содржи фактите, односно не е точно пренесено на хартија тоа што се случувало на судењето. Туку сосема обратно. И уште и’ рекле на судијката дека не знае да води записник и дека не се дојдени тука за да видат колку е убава. Е тоа веќе се согласувам е премногу за еден независен суд и докажан судија како што е Михајлова. Само не ми е јасно зошто мораше покрај казните од по 2.000 евра да го прекине судењето и да си ја донесе пресудата.

На следното рочиште, ако воопшто има потреба да се одржи бидејќи е јасна тенденцијата да се обвини невин човек, специјалните обвинители треба докрај да го почитуваат и судот и судијата, да се однесуваат културно и достоинствено како и сите јавни обвинители и судии во македонските судови и тогаш ќе бидат сведоци на праведна пресуда. Нема што тие да забележуваат ниту на записници, ниту на затварање на процесот за јавноста, ниту на што било што може да го засегне не толку судот отколку големиот државник кој на шега нарача само пет-шест малку посилни шлаканици и малку тепање и кршење на државен имот во Општина Центар. Па за тоа ли треба да одговара еден сенароден водач. Ајде ви се молам, бришете ги сите обвинувања. Ова не е театар.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Повторно цензуриран мој коментар во „Утрински“:
    Не се проблемот Фата,Ката и СЈО,туку тоа што на ГруеФци им се дознаа криминалите!Тој отсекогаш бил присутен во Македонија,дури и во власта,но тој никогаш не бил во толкави размери и толку добро организиран и меѓусебно поврзан!Никогаш не е сторен ваков „стручен“грабеж на државната каса преку измислени проекти!Никогаш толку „легално“не се испрани милијарди евренца!Никогаш немало такви „самоубиства“на сведоци!Во „бомбите“самите си сведочат за тоа што и како правеле,или намерно не правеле!Тоа се јавни признанија,а објавен е само дел од нив!Замислете што сè има во необјавените!Ако фамилијата успеала да врзе содружници судии,обвинители,полицајци,бизнисмени и водачи на други партии да ги направи соучесници во своите злодела,што останува за оние од понискиот ешалон кои ги изнапикаа во јавните институции и претпријатија?Таму изгледа царуваат!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *