Banner
Мое ќоше

На Груевски ич не му се оди на суд

gruevski sud

Го гледав Никола Груевски на неговата ТВ Нова стокмен како за свадба со нов костум, што да ви кажувам, „струмка и јас“, човеков крцкаше од глава до петици како да излегол од најскапите светски бутици. Се претстави како смирен човек кој почнал да верува во сопствените лаги.

Се присетив кога првпат го видов пред нецели 18 години како младо министерче за трговија. Влезе во Утрински во изветвено палтенце, истуткани панталони и евтини чевли, но полн со ентузијазам и со проект во рацете за „купувајте македонски производи“. Меѓу тој Груевски и сега овој Груевски што го гледам на ТВ, разликата е небо и земја, како меѓу слуга и цар. Компарацијата не е навредлива бидејќи зборот министер значи слуга на народот, а цар си е цар на народот, дури и по неговата абдикација. Еднаш цар, за век и веков цар.

Груевски одлично се вклопи во современиот дизајн на најновата медиумска ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ, само малку фалеше сценографијата на драмолетката да биде идеална. Штета што амбиентот не беше во барок и рококо, или што оваа беседа не беше снимена и овековечена во царскиот дворец како историско сведоштво на последните три желби на владетелот на заминување кој се потруди тоа да го прикаже како неговото повторно враќање на престолот. На Груевски не му се напушта тронот, но овојпат тоа не е желба за власт, туку силен патриотски чин на саможртва за доброто на народот да продолжи да владее со истиот елан и самодоверба како и досега. Не му се остава земјата да ја разграбат и распарчат по десет и пол години владеење со цврста рака, по деценија на мир, успеси и благосостојба.

На многу разборит и сугестивен начин Груевски објасни дека пронашол извонредно решение за излез од кризата и за спас на татковината. Вели кризата е многу голема што ја нанесоа домашните и странските платеници и непријатели, пардон, сега веќе се опоненти, изгледа разбрал дека не е баш пријатно повеќе стотици илјади граѓани да се нарекуваат непријатели. Длабока и тешка е кризата рече Груевски подготвен да се жртвува како да владеел некој друг деспот десет и пол години со Македонија, а не тој. Излезот е многу лесен, операцијата не е скапа, само треба да се одржат уште неколку круга на избори се’ додека тој и ВМРО-ДПМНЕ не освојат 63 пратеници и додека повторно не курдиса нова петта ќе да е по ред влада со ист премиер. Во тој момент кризата завршува.

Кога го слушнав ова старо побарување, прво што ми падна на ум е една реченица која му се припишува на Фројд и која ја сретнав деновиве по социјалните мрежи: првиот знак дека човек почнува да ја губи контролата врз себе е кога ќе престане да се срами од своите постапки. Така и Груевски без трошка срам бара или долгогодишниот партнер ДУИ да направи коалиција со него, или да прифати нови избори заедно со локалните. Трето нема.

Особено силен впечаток ми остави аргументацијата на Груевски дека нема веќе преговори на „победник со победник“ како што молел ДУИ пред десет години. Следниот пат неверните партнери ќе бидат избркани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ безмалку на клоци. Оваа сто пати повторена лага деновиве на некои луѓе им изгледа многу примамлива. Но Груевски како и секој голем владетел не појасни некои детали во кои се крие ѓаволот. Прво не кажа дали следниот пат тој ќе биде тука и дали тој ќе одлучува на следните избори со кого ќе прави коалиција ВМРО-ДПМНЕ и дали некој воопшто ќе го праша што тој мисли. Второ и да му се случи тоа на ВМРО-ДПМНЕ Груевски да биде и натаму претседател на партијата и да биде тука, која е гаранцијата дека ќе победи на изборите за кои не се знае кога ќе се одржат дали оваа пролет, или пролетта 2021 година, или некаде помеѓу кога тоа ќе му одговара на новото парламентарно мнозинство. И трето баш сакам да го видам тој јунак во ВМРО-ДПМНЕ кој на пример со 45 освоени пратенички места ќе одбие коалиција со да речеме 16-17 пратенички места на ДУИ.

И најголемата лага повторена по милионити пат што ја кажа пак Груевски дека милијардерот Сорос со години работи против ВМРО-ДПМНЕ во прилог на СДСМ поради како што рече идеолошки и политички причини. Моќниот Сорос и преку граѓанските невладини организации и преку други држави и влади постојано цели 25 години вложувал големи пари против ВМРО-ДПМНЕ, а особено последните десет години фрлал милиони долари да го урне Груевски поради идеолошки и политички причини и некои други интереси. Да не може човек да се изначуди на овие небулозни теории на заговори. Од 25 години независност ВМРО-ДПМНЕ е на власт повеќе од 15 години, не сметајќи ја владата на Никола Кљусев. Како со толку многу пари и влијание врз други моќни светски влади и разузнавачки служби Сорос не успеа да го урне Груевски немаше ни прашање ни одговор.

Замислете да не беше Сорос и неговите пари, Груевски никогаш немаше да стане премиер, ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Георгиевски ќе си владееја цели 25 години без никакви проблеми. Не знам дали има нормален човек кој може да верува во вакво нешто. Сорос стана познат во светската јавност по тоа што донира навистина средства во земјите на источна и централна Европа и на Балканот да ги забрза процесите за падот на историски истрошените комунистички режими и да ги ублажи последиците од тектонските промени во мирна транзиција кон демократија. Се разбира, на новите популистички и националистички режими во посткомунистичките земји оваа работа воопшто не им се допадна, а веќе им пречи и на некои демократски држави кога се злоупотребува власта од корумпирани властодршци и популисти. Вистината веќе ја знаеме сите. На Груевски всушност ич не му се оди на суд. Многу разбирливо. Не се чувствува добро на судската клупа дури и кога е негов судијата.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *